Иџет Мемети: Народниот правобранител освен да искаже загриженост, не може друго да направи

Иџет Мемети, при претставувањето на ланскиот годишен извештај за работата на Народниот правобранител на РМ

 

Иџет Мемети, при претставувањето на ланскиот годишен извештај за работата на Народниот правобранител на РМ
Иџет Мемети, при претставувањето на ланскиот годишен извештај за работата на Народниот правобранител на РМ. Фото: НП на РМ

 

Народниот правобранител, Иџет Мемети во врска со  скандалот што го обелодени опозицијата за, наводно, масовно  прислушување на повеќе од 20.000 граѓани, изјави дека тој нема многу механизми да реагира освен ако некое лице не побара од него заштита:

Ги осудувам овие појави кои се грубо прекршување на човековите слободи и права и апелирам до сите нас, до сите и инволвирани и институции со оваа пресериозна работа да не си играат. Народниот правобранител во однос на општи појави освен што може да ја искаже неговата загриженост во однос на прекршувањата на правата и да апелира да се почитуваат правилата и прописите итн, не може друго да направи. Може да води постапка ако одредено лице бара од него заштита.

[Датум: 10.02.2015, Извор: Радио Слободна Европа]

 

Образложение:

По ваквата изјава на Мемети дадена на 10.02.2015 (еден ден по избивањето на скандалот) се наметнува дилемата дали навистина на Народниот правобранител му се премногу лимитирани можностите за реакција во врска со мегааферата во која,  според опозицијата, незаконски се прислушувани огромен број лица – политичари од власта и од опозицијата, бизнисмени, новинари, првите луѓе на МПЦ, ИВЗ, МАНУ, како и други јавно експонирани личности? Односно, дали Народниот правобранител нема други инструменти освен да искажува загриженост, укажува, осудува и апелира дека во конкретниот случај е  загрозено правото на приватност и правната сигурност на граѓаните?

Народниот правобранител го избира Собранието со двојно  мнозинство (мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има и мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија), со мандат од осум години и со право на уште еден избор. Неговиот избор и надлежности се дефинирани со Уставот на РМ и со Законот за Народниот правобранител.

Во таа смисла во членот 77 од Уставот, став 2 е определено дека:

Народниот правобранител ги штити уставните и законските права на граѓаните што им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања. Народниот правобранител посветува особено внимание за заштита на начелата на недискриминација соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и во јавните установи и служби.

Истото  се вели и во членот 2 од Законот за Народниот правобранител:

Народниот правобранител е орган на Република Македонија кој ги штити уставните и законските права на граѓаните и на сите други лица кога им се повредени со акти, дејствија и пропуштања на дејствија од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања и кој презема дејствија и мерки за заштита на начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и јавните установи и служби.

На 9 февруари 2015 година лидерот на СДСМ, Зоран Заев на прес-конференција обелоденувајќи го скандалот со прислушувањето соопшти дека поседуваат материјали кои:

Докажуваат дека станува збор за масовно и незаконско прислушување од страна на луѓе вработени во безбедносните служби на Република Македонија по директна наредба на Сашо Мијалков и Никола Груевски. Поднесовме кривични пријави против директорот на УБК Сашо Мијалков, против Горан Груевски раководител на Петта управа и н.н вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање. Во прилог на Кривичната пријава има повеќе од 300 мои телефонски разговори, снимени само за неколку денови. Слично се постапувало со сите опозициски лидери. Со пријавата доставуваме и текстуален дел од 204 страници, со разговори на членови на опозицијата, новинари, поединци блиски до опозицијата, давани како подготвен информативен материјал до Груевски и неколку луѓе околу него. Од сите што биле прислушувани, а се на значајни опшествени позиции, нема само прислушувани разговори помеѓу Никола Груевски и Сашо Мијалков. Значи само нивните телефони не биле ставени во машината, освен кога зборувале со некој друг, па така ги има. Но никогаш кога зборувале меѓу себе.Само ова доволно кажува кој снимал и прислушувал!

На оваа прес-конференција (09.02.2015) опозицијата објави аудио снимки од прислушувани телефонски разговори на Заев,  Али Ахмети, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, вицепремиерот Зоран Ставрески, како и на Руфи Османи и Љубчо Георгиевски.

А, какви механизми има Народниот правобранител, дали по сопствена иницијатива може да покрене постапка за заштита на уставните и законските права на граѓаните,  како и тоа кои мерки и дејствија може да ги преземе, е дефинирано во повеќе членови од Законот за Народниот правобранител ( членовите:  13, 21, 24, 26, 27 и 32).

Па така, во членовите 13 и 21 од овој Закон  меѓу другото е наведено дека:

Народниот правобранител може да покрене постапка и по сопствена иницијатива, доколку оцени дека на граѓаните им се повредени уставните и законските права утврдени во членот 2 на овој закон. (13)

 

Народниот правобранител ќе покрене постапка по поднесена претставка или по сопствена иницијатива ако од наводите, доказите и фактите приложени кон претставката или од сознанијата добиени на друг начин основано произлегува дека од страна на органите од членот 2 на овој закон се повредени уставните и законските права на граѓаните или се повредени начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците. (21)

Во членот 24 од Законот  пак,  се вели заради испитување на претставката, Народниот правобранител во рамките на својата надлежност, кон органите од членот 2 на овој закон, може да ги преземе следниве дејствија и мерки:

1. Да побара потребни објаснувања, информации и докази за наводите во претставката;

2. Да влезе во службените простории и да изврши непосреден увид во предметите и работите од нивна надлежност;

 3. Да повика на разговор избрано или именувано лице, службено лице и секое друго лице кое може да даде определени податоци во постапката;

 4. Да побара мислење од научни и стручни институции и

5. Да преземе други дејствија и мерки определени со закони или друг пропис.

Бараните објаснувања, информации и докази од ставот 1 алинеја 1 на овој член, органите од членот 2 на овој закон се должни да му ги достават на Народниот правобранител веднаш, а најдоцна во рок од осум дена од денот на приемот на барањето за доставување на податоците. Ако од објективни причини се спречени тоа да го сторат се должни, без одлагање, писмено да го известат Народниот правобранител за причините поради кои не се во можност да постапат. Ако народниот правобранител оцени дека причините од ставот 2 на овој член се оправдани ќе определи нов рок за доставување на бараните објаснувања, информации и докази. Одбивањето и непочитувањето на барањата на Народниот правобранител за преземањето на дејствијата од ставот 2 на овој член се смета за попречување на работата на Народниот правобранител.

Членот 26 од Законот е дециден дека:

Лицата од членот 24 став 1 алинеја 3 на овој закон се должни да се јават на поканата на Народниот правобранител и да ги дадат потребните објаснувања во врска со поднесената претставка. На барање на народниот правобранител, претседателот на Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија, претседателот на Владата на Република Македонија и другите функционери кои раководат со органите од членот 2 на овој закон, се должни лично да го примат без одлагање.

Во членот  27 од Законот  е прецизирано дека:

Органите од членот 2 на овој закон се должни да соработуваат со Народниот правобранител и на негово барање да му ги обезбедат сите докази, податоци и информации, без оглед на степенот на доверливост и да му овозможат спроведување на постапката.

Додека во членот 32 е наведено дека во ситуација кога народниот правобранител ќе констатира дека се повредени уставните и законските права на подносителот на претставката од органите од членот 2 на овој закон или пак се направени други неправилности, може:

  • да даде препораки, предлози, мислења и укажувања за начинот на отстранување на констатираните повреди;
  • да предложи повторно да се спроведе определена постапка согласно со законот;
  • да покрене иницијатива за поведување на дисциплинска постапка против службено, односно одговорно лице и
  • да поднесе барање до надлежниот јавен обвинител за покренување на постапка заради утврдување на казнена одговорност

Па, наспроти изјавата на Мемети (која има повеќе декларативен призвук), може да се констатира дека  вака дефинираните законски  надлежности,  сепак, му даваат простор на   Народниот правобранител,  да повлече поконкретни  потези за да ги заштити уставните и законките права на граѓаните. Барем, да побара информации и објаснување од државните институции , служби, функционери кои се посочени како главни актери во скандалот кој ја тресе домашната политичка сцена.

Професорката Мирјана Најчевска во својата анализа „Што може и не може да направи народниот правобранител“, објавена на страниците на Сервисот за проверка на факти од медиумите заклучува дека перцепцијата: „ тоа е сè што може да направи Народниот правобранител (да жали, да апелира и да биде загрижен)“, е погрешна.

 

Линкови:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција