ИЗМАМА: „ДМ“ не нуди козметички сет со брендирани производи за 119 денари
На официјалната веб-страница на „ДМ“ маркетите е објавено предупредуваање против вакви лажни наградни игри.
На официјалната веб-страница на „ДМ“ маркетите е објавено предупредуваање против вакви лажни наградни игри. Во делот како да ги препознаете, компанијата наведува дека тие се состојат од примамливи цени, магични патувања или огромни износи. Лажните наградни игри честопати се толку добро осмислени, за голем број на луѓе да поверуваат и да станат жртви на истите
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Девојки, пред некој ден влегов во dm да си купам некои работи. Веќе си тргнував, ама одеднаш слушам една продавачка ѝ вика на друга: „Фала ти што ми ја прати анкетата! Веќе ми стигна кутијата со козметика.“ Јас прво ништо не сфатив… 😅 тамам си викам: чекај бе, каква кутија, што збори оваа? Па ме фати љубопитност и си прашав. Касиерката прво нешто се правеше дека не знае, некако нејќеше да каже… ама после ми објасни тивко дека фирмата има договор со козметички брендови — секој месец праќаат производи за да прават кутии со работи што обични луѓе ги тестираат и после оставаат мислење. И најјако од сè? Буквално секој може да си побара таква кутија, да, стварно секој. Ама финтата е што страната е толку скриена, сама тешко дека ќе ја најдеш — мора баш да знаеш кај да кликнеш. Само одговараш на неколку лесни прашања, ништо посебно, за минута работа… и готово, кутијата ти стига директно дома. Јас ја пополнив анкетата буквално за минута, без мака… и по 3 дена веќе ми беше дома. Девојки, кога ја отворив — ми падна вилицата. 😳 Имаше брендови што искрено не очекував воопшто да ги видам таму. Сè спакувано, оригинал, затворено, ништо фејк, ништо сумњиво. И знаеш што е најиронично? Скоро никој не зборува за ова, затоа што истите вработени си го чуваат за себе и нејќат да се рашири, за да има повеќе за нив 😒 Ќе го оставам линкот во коментар. Стварно, одговорете на прашањата и кутијата ви стига без проблем. Пратете ѝ го и на некоја другарка на која би ѝ значело — зашо ако никој не ти каже… нема шанси сама да дознаеш дека постои, а вакви работи знаат многу брзо да ги тргнат
Во прилог на објавата има и фотографии од козметички прозиводи од познати брендови, како и неверодостојна и фотомонтирана наводна „фискална сметка“ во износ од 119,99 денари која нема изглед како фискалните сметки кои се издаваат во РС Македонија.
Во коментар под објавата има линк до надворешна страница која воопшто не е поврзана со „ДМ“ маркетите, ниту пак, конкретната објава што ја рецензираме е дел од официјалната страница на „ДМ“ маркетите на Фејсбук, којашто брои 329 илјади следбеници и до името го има синото знакче кое е автентикација дека се работи за веродостојна страница на брендот. Профилот, пак, од кој се споделува таканаречената наградна игра е неверодостоен и на ниеден начин не е поврзан со „ДМ“ маркетите.
Линкот пак под објавата води кон страница со домејн https://mega-discount.top/ кој исто така не е поврзан со официјалната страница на „ДМ“.

Посочениот линк води до лажна наградна игра – наводна „специјална кампања“ на „ДМ“ во којашто се нуди „Премиум козметички сет за само 119,99 MKD“, а за таа цел претходно треба да одговорите на анкета со четири едноставни прашања – дали пазарите во „ДМ“, дали сте задоволни од квалитетот на прозиводите и слично.

Откако ќе се одговорат прашањата следува потврда дека влегувате во наградната игра и имате можност да добиете „козметички сет од „ДМ“ доколку оставите ваши лични податоци за испорака на кутијата.

Потоа на екранот се појавува формулар во кој треба да се внесат вашите банкарски податоци за да извршите уплата по која наводно ќе го добиете вашиот „козметички сет“ за само 119,99 MKD.

Всушност се работи за измама која има за цел да ги натера корисниците на социјалните мрежи преку злоупотреба на познат бренд, да остават свои лични и банкарски податоци и на таков начин од картичките да им бидат одземени/украдени парични средства, без притоа да добијат никаков пакет и никој да не е одговорен за конкретната измама, затоа што корисниците немаат веродостојна адреса на којашто би можеле да се жалат или да ја бараат својата испорака.
Брендот на „ДМ“ маркетите многупати досега бил злоупотребен за лажни наградни игри, за што „Вистиномер“ има напишано повеќе рецензии.
На официјалната веб-страница на „ДМ“ маркетите е објавено предупредуваање против вакви лажни наградни игри. Во делот како да ги препознаете, компанијата наведува дека тие се состојат од примамливи цени, магични патувања или огромни износи: Лажните наградни игри честопати се толку добро осмислени, за голем број на луѓе да поверуваат и да станат жртви на истите.
Во име на компанијата која на луѓето им ја подарува својата безрезервна доверба, измамниците пробуваат да ги измамат своите жртви и да ги земат нивните податоци, понекогаш пари, или да вметнат злонамерен софтвер во нивните мобилни уреди или компјутери. dm во нашата земја честопати е предмет на вакви наградни игри. Правна реакција против организаторите во многу ситуации не е возможна, па ги молиме нашите потрошувачи да бидат посебно внимателни. Наградните игри во наша организација се одвиваат исклучиво на нашиот верифициран Facebook профил или на нашата верифицирана Instagram страна, велат од „ДМ“.
Останатите совети како да ги препознаете лажните наградни игри во кои се злоупотребува брендот на „ДМ“ може да ги прочитате на следниот линк.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар