Измама е дека може да купите кутија со облека од Зара за 2 евра

Фото: Принтскрин ФБ пост

Лажна Фејсбук страница се претставува како официјален канал на брендот „Зара“ и нуди мистериозни кутии полни со машка и женска облека за 2 евра. Но, вистинската цел на објавата е да ги измами следбениците на социјалните мрежи и да ги извлече нивните лични податоци за потоа да ги злоупотреби

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук на која е споделена лажна понуда на облека од светски познатиот бренд „Зара“. Се измамуваат корисниците дека ќе добијат голема кутија со облека за 2 евра, што е невистина.

Zara® треба да се ослободи од облеката, обувките и накитот што останал по две сезони. Целата облека се испраќа во центарот за сортирање, спакувана во големи кутии и се испраќа по специјална цена 👗👠👒.
За да ја добиете вашата кутија со облека, кликнете на копчето „Нарачајте сега“ и пополнете го формуларот.

За да ги намами своите жртви, објавата што ја рецензираме тврди дека познатата продавница за облека Зара нудии кутии со облека од претходните две сезони за само 2 евра. Притоа, објавата е придружена со фотографија од продавница со облека, а на неа фотошопирани се големи кутии на кои што пишува Зара. Наводно, овие кутии полни со машка и женска облека се нудат со огромен, но лажен попуст од само 2 евра.

Лажната понуда, ги наведува корисниците на социјалните мрежи, за да може да учествуваат, да клинкат на копчето „Order now“, кое пренасочува на друга веб-страница. Овие насочени реклами за измама обично имаат за цел да го натераат корисникот да се регистрира за нешто и бара од корисниците информации за кредитна или дебитна картичка за да ја завршат акцијата.

Кога ќе се отвори веб-страницата се појавува лажна наведувачка порака, и потоа се бара од вас да одговорите на кратка анкета од три прашања за да добиете мистериозна кутија за 125 денари.

Секоја година, голем број на непродадени предмети се акумулираат во складиштето на продавницата. Според актуелните прописи, Zara може да се ослободи од овие предмети, но компанијата организира хуманитарна настан и случајно распределува мистерија кутији за само 125 ден!

Ако сакате да добиете мистерија кутија, треба да одговорите на 3 прашања за да потврдите дека сте реална личност.

Откако ќе одговорите на анкетата, веб-страницата ви дава можност да отворите три кутии и едната од нив секако е добитна. Откако ќе ве информира дека сте добитник на мистериозната кутија, веб-страницата ве води понатаму и бара од вас да уплатите 125 денари за испорака. Очигледно е дека целта на објавата е да се приберат податоци од следбеници на Фејсбук и да се испразнат нивните сметки.

На веб-страницата наведени се низа лажни коментари од профили кои се обидуваат да ги легитимизираат чудните понуди и кои тврдат дека наводно го добиле мистериозниот пакет за 125 денари. Лажни коментари од ботови има и на самата Фејсбук објава на која што се рекламира лажниот попуст. Па така наводна Ljubena Nastevska напишала „Парцелата пристигна за 3 дена, квалитетот на артиклите е одличен, презадоволен сум од оваа набавка“.

Објавата е споделена од лажна Фејсбук група наречена Облека од залиха MK во која се злоупотребува името, брендот и логото на продавницата „Зара“. Ова е евидентно од самиот факт што станува збор за нова страница, без следачи, мал број на објави на неа и тоа сите се сомнителни (тука, тука), односно ја промовираат лажната наградна игра.

Од друга страна, пак, официјалната страница на Фејсбук на „Зара“ брои над 30 милиони следбеници и има сосема поразлична комуникација со клиентите на начин што се промовираат реални понуди, со цени и линкови кои водат кон официјалната веб-страница на брендот.

Очигледно е дека објавите што ги анализираме имаат за цел да ги измамат следбениците на социјалните мрежи и да ги извлечат нивните лични податоци за потоа истите да ги злоупотребат.

Според сето ова, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција