Измама: Измислено интервју со Мицкоски лови жртви на социјалните мрежи

Невистинитите тврдења изнесени во фабрикуваното интервју имаат за цел да се принудат граѓаните да реагираат брзо, притиснати од лажно тврдење дека „останале само 800 слободни места за регистрација на платформата“, но всушност не постои ниту едно место коешто генерира „поврат на даноци преку дивиденда“ и таква мерка во државата не е воведена

Невистинитите тврдења изнесени во фабрикуваното интервју имаат за цел да се принудат граѓаните да реагираат брзо, притиснати од лажно тврдење дека „останале само 800 слободни места за регистрација на платформата“, но всушност не постои ниту едно место коешто генерира „поврат на даноци преку дивиденда“ и таква мерка во државата не е воведена

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Оваа објава ја израдува целата нација – еве како ќе влијае на сите.

Во склоп на објавата е споделено невистинито и фабрикувано интервју во кое е злоупотребен идентитетот на премиерот Христијан Мицкоски, но и кадри и логото на „Канал 5“ телевизија. Во објавата се споделува целосно невистинита содржина којашто му се атрибуира на Мицкоски, односно нему му се атрибуирани изјави кои никогаш не ги дал, а злоупотребени се и обележја на „Канал 5“ телевизија со цел граѓаните да паднат во замката на опасна финансиска измама. Во склоп на објавата има линк од целосно измислено интервју на Мицкоски, со кое во негово име се дезинформираат граѓаните дека ќе добиваат „поврат на пари од платени даноци“ односно „дивиденда од даноци“.

Фотографиите и кадрите кои се злоупотребени во манипулативниот маркетинг се извадени од вистинско интервју на Мицкоски за „Канал 5“, меѓутоа темите за коишто тој зборувал во веродостојното интервју воопшто не се поврзани со „поврат на дивиденда од даноци“, ниту пак, со промоција на „апликација FortuixAgent“ за која, како што лажно се тврди во објавата што ја рецензираме, „биле резервирани само 4 илјади сметки од кои слободни останале само 800“.

Станува збор за апликација којашто доколку пристапи до личните и банкарските податоци на граѓаните што се таргетирани, таа ќе ги олесни нивните банкарски сметки односно граѓаните ќе станат цел на измама. Сето ова во невистинитата објава се прави со злоупотреба на функционер во владата, премиер, но и со злоупотреба на идентитетот и фотографиите на новинарот на „Канал 5“, Гоце Михајловски кој во лажната објава е именуван како „Гоце Михайлоски“.

Во објавата што ја рецензираме невистинито се тврди дека „секој што ќе инвестира 15 илјади денари во апликацијата ќе добие 200 илјади денари поврат на редовна основа од државата“ што е невистина. Премиерот, владата и сите други финансиски државни институции никогаш не информирале за вакво нешто и целата содржина на рекламата претставува измислица и производ на шема за измами.

Невистинитите тврдења изнесени во фабрикуваното интервју имаат за цел да се принудат граѓаните да реагираат брзо, притиснати од лажно тврдење дека „останале само 800 слободни места за регистрација на платформата“, но всушност не постои ниту едно место коешто генерира „поврат на даноци преку дивиденда“ и таква мерка во државата не е воведена.

„Вистиномер“ и претходно рецензираше слична измама која функционира со истиот модус-операнди. Мета на овие лажни реклами се бројни релевантни и познати личности од светот на политиката и јавниот живот.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина и измама.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција