Измама: ЈСП не нуди бесплатен превоз шест месеци за 120 денари

Фото: Мета.мк

Страницата од која се споделува измамничката објава, не е официјалната страница на Фејсбук на Јавното сообраќајно претпријатие. Таа страница е создадена исклучиво за финансиска измама на граѓаните. Предупредување за измамата стигна и од самото скопско претпријатие.

Страницата од која се споделува измамничката објава, не е официјалната страница на Фејсбук на Јавното сообраќајно претпријатие. Таа страница е создадена исклучиво за финансиска измама на граѓаните. Предупредување за измамата стигна и од самото скопско претпријатие

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Бесплатен јавен превоз за жителите на Скопје!

Во чест на својот 80-ти јубилеј, JSP Skopje (ЈСП Скопје) нуди ограничена транспортна картичка.

Уживајте во бесплатни возења 6 месеци за само 120 денари!

Освојте нова карта и користете ги сите видови транспорт во Скопје и неговата околина без ограничувања за само 120 денари за 6 месеци!

Побрзајте, ќе има само 500 уникатни картички по оваа специјална цена!

Следете го линкот за да дознаете повеќе!

Објавата споделува и фотографија која го злоупотребува логото на ЈСП со картичка „Скопска“ на која е даден натпис „6 месеци бесплатно“, а кој изгледа како да е фалсификат.

Кога се обидовме да стиснеме на линкот, ни се отвори предупредување дека станува збор за опасна страница којашто не треба да ја отвораме.

Оваа објава е лажна и измамничка. ЈСП нема ваква промоција, ниту нуди некаква картичка за 120 денари.

Дополнително страницата од која се споделува измамничката објава, не е официјалната страница на Фејсбук на Јавното сообраќајно претпријатие. Таа страница е создадена исклучиво за финансиска измама на граѓаните.

Предупредување за измамата стигна и од самото скопско претпријатие. Од ЈСП на својата официјална Фејсбук-страница објавија:

Ве известуваме дека лажна Facebook страница се претставува како Јавен превоз во Скопје и го злоупотребува името на ЈСП Скопје.

Јавно сообраќајно претпријатие – Скопје нема никаква поврзаност со оваа Facebook страница ниту, пак, со активностите што таа ги спроведува иако во некои случаи споделува наши содржини за да манифестира поврзаност со нас. Токму затоа сакаме да ја известиме јавнoста да не наседнува на ваквите лажни фејсбук страни и лажни статуси по социјалните мрежи кои имаат една цел, а тоа е да наштетат на работата на Јавното сообраќајно претпријатие.

Лажната страница и содржината што ја споделува веќе се пријавени на Facebook како измама, а претпријатието ќе преземе соодветни мерки согласно позитивните законски прописи по целосна анализа на случајот.

Ова е единствената наша официјална страница на Facebook.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција