Измама: Лажна наградна игра го злоупотребува брендингот на Македонски Телеком

На корисници на интернет од Република Северна Македонија им се нуди учество во лажна наградна игра во форма на анкета за услугите на „Македонски Телеком“, која нема никаква врска со оваа компанија и има за цел крадење на лични податоци.

 

При посета на различни странски сајтови, во форма на оглас, на некои корисници од Република Северна Македонија им се појавува покана да учествуваат во лажна анкета, наводно во име на „Програма за лојалност на клиенти“, со наводна можност да се добие и награда. Првобитната „покана“ на која во прв план (неовластено) стои логото на „Телеком“, гласи:

Почитуван клиент на Македонски Телеком!
Честитки! Вие сте еден од 100-те корисници што ги избравме за да добие шанса да освои Apple iPhone 12 Pro, Samsung Galaxy S20 или Apple iPad Pro.

Потоа од корисникот се очекува да одговори на анкета, навидум за услугите на таа фирма, како и да остави одредени лични податоци.

Проверката на факти на од страна на тимот на КриТинк покажа дека се работи за обид за измама, со можност тие лични податоци потоа да бидат злоупотребени на различни начини, од пробивање на профили до финансиски измами и подигање пари од банкарски смети. Оваа шема нема никаква врска со фирмата „Македонски Телеком“, туку се работи за обид да се украде и злоупотреби нивниот корпоративен идентитет.

Снимка на екранот од страницата на сајтот за измами mobilevy.com, кој нема никаква врска со „Македонски Телеком“

Компјутерските  стручњаци специјализирани за безбедност на интернет што ги консултираше „КриТинк“ посочуваат дека според сите параметри поврзани со оваа операција, најверојатно се работи за измамници од странство. Имало слични случаи на вакви постапки зад кои стојат групи од источноевропски земји.

Наспроти тоа што на прв поглед „анкетата“ изгледа легитимно, заради користењето на шемата на бои и логото на познатата телекомуникациска фирма, самиот изглед на веб-адресата (URL) во која не се содржи доменот telekom.mk би требало да побуди сомнеж.

Всушност адресата сама по себе изгледа многу сомнително (https://mobilevy.com/win/mk/i12pfaott/?lpkey=167516440710526478&uclick=h9a5qq3v6o&uclickhash=h9a5qq3v6o-h9a5qq3v6o-xslp-7ve20-52xo3y-2ta7a5-2ta7a4-1390ad#), бидејќи од неа се гледа дека се работи за веб-сајт што веројатно нема врска ни со земјата.

Кој било корисник на интернет може да увиди дека се работи за нешто сомнително ако само го посети основниот домен на веб-сајтот, mobilevy.com. Се добива празна страница со само едно зборче „Welcome!“.

Веб-сајтот Mobylevi.com, пристапено на 18 март 2021 г. Кликнете на сликата за поголема верзија

Веб-сајтот на кој е хостирана оваа шема за измама нема никаква врска со фирмата „Македонски Телеком“. Според податоците кои може да се добијат преку whois системот за доменот mobilevy.com, сајтот е во сопственост на извесен Иван Панчишин од Украина и е поставен на сервер лоциран во САД.

Снимка на екранот од whois податоците за сопственост на доменот. Кликнете на сликата за поголема верзија

На еден веб-сајт може да се постави софтвер кој идентификува од која IP адреса доаѓа посетителот. Креаторите на вакви измами преку таков софтвер може да одредат дали жртвата доаѓа преку одреден интернет провајдер и потоа да ја пренасочат кон страница прилагодена за таа фирма.

Многу е веројатно дека ако корисник од друг провајдер наиде на страница што содржи сличен оглас, ќе биде пренасочен кон страница што изгледа поинаку односно го содржи логото и боите на неговиот провајдер.

При пристапување на страници кои на каков било начин ви нудат некакви придобивки во замена за оставање лични податоци, почнувајќи од име и презиме, адреса за е-пошта, адреса на живеење, датум на раѓање, број на банковна сметка, проверете дали се работи за легитимен веб-сајт со тоа што прво ќе видите дали веб-адресата одговара на содржините на сајтот.

Прв сигнал е ако името што се гледа на страницата не одговара на името и логото на страницата. Доколку имате и најмал сомнеж, не се колебајте да се обратите за помош и на лице за кое знаете дека знае повеќе за технологијата од вас. Компјутерџиите и компјутерџиките најчесто со задоволство помагаат на други корисници што имаат потреба од нивната експертиза, пишува „Критинк“.

Помогнете им на пријателите! Споделете го линкот до оваа проверка на факти со што повеќе ваши пријатели за да спречите некој од нив, наместо посакуваниот нов паметен телефон, да не „добие“ испразнета банкарска сметка или некој друг вид штета.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција