Измама: Не се подаруваат аголни гарнитури за „лајк“ на страницата

Станува збор за невистинита објава во која се искористени фотографии од софи, аголни гарнитури и мебел со невистинито ветување дека ќе бидат подарени. Овие фотографии ги најдовме на веб-страници од салони за мебел на интернет во далечни земји. На пример, фотографија од истата аголна гарнитура за која во објавата лажно се тврди дека ќе биде подарена, може да се види на интернет продавница што се наоѓа на Малдивите

Станува збор за невистинита објава во која се искористени фотографии од софи, аголни гарнитури и мебел со невистинито ветување дека ќе бидат подарени. Овие фотографии ги најдовме на веб-страници од салони за мебел на интернет во далечни земји. На пример, фотографија од истата аголна гарнитура за која во објавата лажно се тврди дека ќе биде подарена, може да се види на интернет продавница што се наоѓа на Малдивите

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Во наредните 48 часа ќе донираме 15 Aголни Гарнитури Сите што ќе Лајкнат страница и ќе Споделат страница добиваат и подарок!

Објавата е исклучително вирална, со оглед на тоа што има над 2.200 допаѓања и над 940 споделувања што значи дека барем 940 корисници на социјалните мрежи ѝ поверувале на истата, односно поверувале дека ако ја споделат ќе добијат аголна гарнитура. Меѓутоа, станува збор за невистинита објава во која се искористени фотографии од софи, гарнитури и мебел со невистинито ветување дека ќе бидат подарени.

Самата објава во текстуалниот дел е премногу добра за да биде вистинита. Кога се тврди дека во наредните 48 часа ќе се „донираат 15 аголни гарнитури“, а дека наводно „сите што ќе ја лајкнат страницата и ќе ја споделат добиваат подарок“, не се кажува најважната информација – на каков начин ќе им бидат испорачани гарнитурите. Зошто тоа не е транспарентен процес во кој ќе бидат јавно објавени и имињата на добитниците?

Сите овие нелогичности се затоа што објавата не е вистинска наградна игра, туку мамка којашто треба да натера што поголем број луѓе да ја споделуваат, правејќи ја на таков начин што повирална, за страницата од која таа се споделува да има што поголем број на следбеници, а потоа да стане попрофитабилна за идни маркетинг или други цели. Одамна на социјалните мрежи се креираат Фејсбук страници со следбеници кои одеднаш го менуваат името откако некој ќе ги купи, а следбениците остануваат во нив. Тоа е поволно за идни маркетинг активности на тој што би ја купил страницата, на пример.

Самите фотографии што се споделени во склоп на објавата се уште еден доказ дека се работи за неверодостојна и невистинита „наградна игра“. Овие фотографии ги најдовме на веб-страници од салони за мебел на интернет во далечни земји. На пример, фотографија од истата аголна гарнитура за која во објавата лажно се тврди дека ќе биде подарена, има на следниот линк, а конкретната интернет продавница се наоѓа на Малдивите.

Граѓаните коишто се соочени со вакви објави кои се исклучително вирални, треба да имаат предвид дека не треба да имаат интеракција со нив за да не изложуваат уште поголем број на луѓе на неверодостојната и невистинита содржина.

Самата страница на Фејсбук од каде се шири објавата, споделува сомнителни содржини со многу сензационалистички наслови и не е познато кој стои зад оваа Фејсбук страница, ниту пак, која е нејзината цел освен да придобие што поголем број интеракции.

Поради горенаведените факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција