Измама: Венко Филипче не нуди здравствено осигурување во соработка со американски лекари

Фото: Принтскрин пост на ФБ профил СДСМ

Не е точно дека Филипче нуди „процес за регистрација за здравствено осигурување во соработка со неколку ценети лекари од САД“. Фејсбук- профилот од кој е споделена оваа објава не е на Венко Филипче, ниту пак, некогаш бил во негова сопственост, туку е лажен. Тој за „Вистиномер“ потврди дека никогаш не управувал со ФБ профилот од кој се шират невистинитите повици за здравствено осигурување, туку некој го злоупотребува неговиот идентитет и фотографии

Не е точно дека Филипче нуди „процес за регистрација за здравствено осигурување во соработка со неколку ценети лекари од САД“. Фејсбук- профилот од кој е споделена оваа објава не е на Венко Филипче, ниту пак, некогаш бил во негова сопственост, туку е лажен. Тој за „Вистиномер“ потврди дека никогаш не управувал со ФБ профилот од кој се шират невистинитите повици за здравствено осигурување, туку некој го злоупотребува неговиот идентитет и фотографии

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук споделена од профил со фотографија на претседателот на СДСМ, Венко Филипче и во која пишува:

Во моментов е во тек процесот на регистрација за здравствено осигурување, со соработка со неколку ценети лекари од САД. Овој конкретен план за здравствено осигурување нуди сеопфатен опсег на покриеност од десет години, обезбедувајќи сигурна и сигурна заштита за вашето здравје и во иднина.

Овој профил не е на Венко Филипче, ниту пак, некогаш бил во негова сопственост, туку е лажен, потврди тој за „Вистиномер“. Не е точно дека Филипче нуди „процес за регистрација за здравствено осигурување во соработка со неколку ценети лекари од САД“.

Филипче е неврохирург на Клиниката за неврохирургија при Клинички центар „Мајка Тереза“ и нема никаква функција во Министерството за здравство или во Владата. Тој за „Вистиномер“ рече дека никогаш не управувал со фејсбук-профилот од кој се шират невистинитите повици за здравствено осигурување, туку некој го злоупотребува неговиот идентитет и фотографии.

Лажниот Фејсбук профил злоупотребува фотографии од Филипче коишто се објавени и на официјалната фан-страница на СДСМ, правејќи го тежок за распознавање. Голем број граѓани почнаа да бараат повеќе информации како да аплицираат за наводните и непостоечки здравствени картички.

Потоа од лажниот Фејсбук профил беа објавени инструкции во кои од граѓаните се бараше да даваат фотокопии од свои лични карти на апликацијата за четување Ватсап.

На ваков начин измамници се обидуваат да дојдат до лични и банкарски податоци од граѓаните и да ги испразнат нивните банкарски сметки. Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска изјави дека профилот е пријавен, не му припаѓа на Филипче, ниту пак, се работи за фан-страницата на СДСМ која е во функција.

И партијата СДСМ објасни дека профилот е невистинит.

Ве известуваме дека е креиран лажен профил на Фејсбук со злоупотреба на името, податоци и фотографии на претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче. Од истиот лажен профил се шират несоодветни и лажни содржини, повици за членски книшки, повици за измислено здравствено осигурување а граѓаните се насочуваат на приватни пораки. Ги повикуваме граѓаните и членовите да не наседнуваат и да не споделуваат никакви лични податоци кои можат да им бидат злоупотребени од страна на измамниците кои го креирале. Разликата помеѓу официјалниот профил на претседателот на СДСМ и лажниот може да се препознае најлесно преку синиот беџ за верификација којшто постои само на официјалниот профил на д-р Венко Филипче. Лажниот профил е веќе пријавен и очекуваме брза реакција за негово бришење, велат од СДСМ.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција