Измамничка објава ја злоупотребува трагедијата во Кочани за да привлече кликови

Најава од типот „газдата на Пулс ги наведе сите кои земале мито и  рекет“ и тоа како ќе привлече кликови, иако веста не постои, односно е измама

Објавата на корисниците на Фејсбук им нуди примамлива и актуелна содржина, како што е големата трагедија што се случи во Кочани, во која во пожар животот го загубија 63 лица. Најава од типот „газдата на Пулс ги наведе сите кои земале мито и  рекет“ и тоа како ќе привлече кликови, иако веста не постои, односно е измама

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Шокантна изјава од Газдата на Клубот Pulse во Кочани jа Затресе Македонија Ги наведе сите кои зимале мито кои рекет – Погледи ПОВЕЌЕ НА ЛИНКОТ ВО КОМЕНТАР.

Објавата во коментари нуди линк кој кога ќе го стиснете, нема никаква врска со најавата. Тука нема да најдете никаква вест поврзана со Кочани.

Кликнавме неколку пати на линкот и секогаш нè водеше до различни страници како на пример, Али експрес, страница на онлајн казино, страница со видеа за возрасни, некои сомнителни кинески страници и тн.

Во делот на инфо на линкот, пишува дека станува збор за Blogger, американски систем за управување со онлајн содржини основан во 1999 година, кој им овозможува на своите корисници да пишуваат блогови со временски означени записи.

Pyra Labs го разви пред да биде купен од Google во 2003 година. Google ги хостира блоговите, до кои може да се пристапи преку субдомејнот blogspot.com. До блоговите може да се пристапи и од прилагоден домејн во сопственост на корисникот со користење на DNS можности за насочување на домејнот кон серверите на Google. Корисникот може да има до 100 блогови или веб-страници по сметка, стои во описот.

Целта на блоговите на Blogger (и блоговите воопшто) е да им овозможат на корисниците лесно да споделуваат информации, мислења, знаење или искуства преку интернет – без да имаат потреба од техничко знаење за веб дизајн или програмирање. Со други зборови, целта на Blogger блоговите е да обезбедат платформа за објавување и споделување содржина со светот – едноставно, брзо и бесплатно.

Но, блоговите на Blogger и слични платформи (како WordPress, Tumblr итн.) понекогаш се злоупотребуваат од измамници, иако тоа не е нивната оригинална цел.

Измамниците создаваат блогови кои изгледаат како вистински веб-страници (банки, компании, подароци итн.). Потоа, преку социјални мрежи праќаат линкови од типот: „Освој бесплатен телефон! Кликни тука!“. Кога жртвата ќе кликне, блогот ја пренасочува кон лажна страница која бара лозинки, броеви на картички или други лични податоци.

Некои блогови шират лажни вести, теории на заговор или политички пропаганди, кои потоа се споделуваат на социјалните мрежи за да влијаат врз мислењето на луѓето.

Измамниците креираат блог што изгледа како „експертска страница за инвестирање“ и потоа преку Фејсбук, Инстаграм или Тик-ток рекламираат: „Инвестирај 50 долари, добиј 500 назад за 24 часа!“. Блогот изгледа професионално, но зад него нема вистинска компанија.

Некои блогови содржат линкови што инсталираат малициозен софтвер (на пример апликации што крадат податоци од телефонот).

Оттука станува јасно дека објавата што ја анализираме е измамничка и истата има за цел да привлече што е можно повеќе интеракции и кликови.

Објавата на корисниците на Фејсбук им нуди примамлива и актуелна содржина, како што е големата трагедија што се случи во Кочани, во која во пожар животот го загубија 63 лица. Најава од типот „газдата на Пулс ги наведе сите кои земале мито и  рекет“ и тоа како ќе привлече кликови, иако веста не постои, односно е измама.

Поради сето погоре, објавата ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција