Измамничка објава: Пошта не доделува пакет производи за 15 евра

На официјалните Фејсбук и веб-страница на Пошта на С. Македонија не најдовме објава за можност да се подигне пакет со производи од пошта за 15 евра.

На официјалните Фејсбук и веб-страница на Пошта на С. Македонија не најдовме објава за можност да се подигне пакет со производи од пошта за 15 евра

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Ве известуваме дека кампањата „Недоставени пакети – изненадувања за граѓаните“ е моментално активна, со цена од само 15 евра по пакет. Внатре можете да најдете технолошки производи, телефони, козметика, облека, додатоци, предмети за домаќинството и многу други изненадувања!  Важна забелешка: Количината на пакети е ограничена, а дистрибуцијата се врши според принципот „прв дојден, прв услужен“.

Објавата е вирална и го користи логото на српската пошта, иако на Фејсбук страницата Пошта мкд која ја споделува објавата, има фотографии и со логото на македонска пошта.

Фејсбук страницата има само 175 следбеници и не содржи никакви информации од типот на име на фирма, адреса и контакт.

Страницата е очигледно креирана пред шест дена и има само две објави.

За разлика од неа, официјалната Фејсбук страница на Пошта на С. Македонија има над 6 илјади следбеници и на неа можат да се најдат објави поврзани со активностите на Поштата. На страницата има информации за контакт, адреса, како и линк до официјалната веб-страница. На официјалните Фејсбук и веб-страница на Пошта на С. Македонија не најдовме објава за можност да се подигне пакет со производи од пошта за 15 евра.

Корисниците на социјалните мрежи треба да бидат исклучително внимателни доколку им се ветува награда од профил или страница на социјалната мрежа Фејсбук во којашто нема други содржини, освен тие објави, доколку нешто како фонтот или името на страницата отстапува, или содржи печатни грешки, доколку не се оставени контакти и адреси на бизнисите итн.

Поради сето ова, објавата ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција