Професионалноста на медиумите беше главна цел на предлогот во парламентот

Дали Трајчевски не ги видел предлозите? Фото: скриншот

 

Зоран Трајчевски, директор на ААВМУ изјави:

Сите оние прашања за кои што разговараа политичките партии во Клубот на пратеници околу регулација на медиумите, еден предлог отиде и во Парламентот, на измени на законот за аудио и аудио визуелни медиуми и медиумски услуги, во ниту еден од тие предлози, кои што беа промовирани од страна на политичките партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, како и оној предлог што го предложија група на невладини организации и здруженија, а беше подржан од СДСМ, во ниту еден член од тие закони немаше, не беше предмет на подобрување на професионалноста на медиумите, туку стануваше збор само за кадровски промени….Така што паѓа во вода тезата дека се бара регулација на медиумите туку се бараа само кадровски промени.

[Извор: ТВ Нова (youtube канал)(7,00 минута од видеото), Датум: 25.04.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Директорот на Агенцијата за Аудио и аудио визуелни медиуми и медиумски услуги (ААВМУ), Зоран Трајчевски, зборувајќи во интервју за Телевизијата Нова, на 25.04.2016, даде невистинита изјава околу предлозите за законски измени за медиумите за кои се разговарало, вклучувајќи го и оној предлог на закон што се најде во процедура во Собранието на РМ, непосредно пред распуштањето на парламентот на 7 април 2016 година.

Невистинитоста на изјавата на Трајчевски се однесува посебно на за законот што беше во процедура и тоа фагментот, каде што вели:

во ниту еден член од тие закони немаше, не беше предмет на подобрување на професионалноста на медиумите, туку стануваше збор само за кадровски промени….Така што паѓа во вода тезата дека се бара регулација на медиумите туку се бараа само кадровски промени.

Предлог Законот за измени и дополнувања на Законот за аудио визуелни медиуми и медиумски услуги беше поднесен како иницијатива во Собранието на Република Македонија во понеделникот на 28 март, 2016 година, од страна на Здружението на новинари на Македонија(ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиусмки работници на Македонија (ССНМ), Советот за етика на Медиумите во Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС).

Станува збор, де факто, за речиси идентичен предлог на тогашниот посредник во преговорите Питер Ванхауте, во кој подносителите на иницијативата извршија сосема мали измени, пред се во делот на санкциите и некои процедурални операции за тоа како би се избирале членовите на Програмскиот совет на Македонската радиот телевизија (МРТ) и на регулаторното тело, т.е. Советот на ААВМУ. Значи станува збор за последен предлог кој врз основа на преговорите, на политичките партии им го понуди тогашниот меѓународен претставник. Овој предлог, според неофицијални сознанија беше прифатлив за СДСМ и генерално за партиите од албанскиот блок, но не беше прифатлив за ВМРО ДПМНЕ.

Откако оваа иницијатива беше поднесена во Собранието од страна на петте еснафски организации, таа институционално беше поддржана од пратениците од СДСМ, со што се овозможи предлогот да влезе во процедура, која заврши со негово отфрлање од страна на мнозинството пратеници од ВМРО ДПМНЕ и неприсуство на дел од пратениците од ДУИ и ДПА.

Не е точно дека во таа иницијатива станувало збор „ само за кадровски промени“, а не и за начините за регулација на медиумите. Како една од поголемите измени што се предложија со таа иницијатива, беше укинување на членот 92 од постоечкиот Закон, кој на телевизиите со национална концесија, (free to air), како и на јавниот сервис, МРТ им препишува огромни обврски со точна минутажа, за емитување на играна, документарна и музичка програма од домашна продукција, а соодветно на тоа се бараше и бришење на големите казни за медиумите кои се пропишани врз основа на непочитувањето на овој член. Само за потсетување, овој предлог е идентичен со уште една иницијатива за измени на постоечкиот закон за ААВМУ кој два дена по иницијативата на петте организации го поднесоа друга група субјекти, т.е. здружението на петте комерцијални телевизии со национална концесија Македонска медиумска асоцијација.

Ова значи дека Трајчевски во изјавата кога вели дека имало само една законска измена, не ја говори вистината – имаше две иницијативи во Собранието за измена на законот. Но да се вратиме на клучниот дел – дека се барале само кадровски промени, а не регулаторни алатки со кои ќе се подобри информирањето на медиумите во насока на почитување на професионалните стандарди.

Клучните два члена кои се сосема нови и кои беа составен дел на иницијативата за измена на законот се следниве:

 

Член 62-а

Политички плурализам во вестите и дневно-информативните програми

  • Радиодифузерите кои емитуваат вести и дневно-информативни програми се должни во нив да обезбедат непристрасно, правично и избалансирано претставување на различните политички и идеолошки гледишта, согласно член 2 од овој закон.

  • При известувањето за прашањата кои се предмет на дебата меѓу политичките субјекти или пошироко во општеството во вестите и дневно-информативните програми мора да им се даде адекватна тежина на што повеќе различни и/или спротивставени гледишта, како во секое поединечно издание така и во низа последователни изданија на вестите.

  • Во вестите и дневно-информативните програми не смее прекумерно да се нагласуваат гледиштата и мислењата на една конкретна личност, институција или организација.

  • Прекумерно нагласување на едно конкретно гледиште значи дека тоа гледиште е временски значително повеќе застапено во вестите отколку другите гледишта за тоа исто прашање и дека новинарскиот пристап во презентирањето на тоа гледиште е фаворизирачки.

  • Презентерите на вести и новинарите, во вестите и дневно-информативните програми не смеат да изразуваат нивни лични гледишта.

  • Гледиштата и фактите не смеат да бидат погрешно претставени.

 

Член 62-б

Политички плурализам во дебатните, актуелно-информативните

и контактните програми

  • Во дебатните, актуелно-информативните и контактните програми треба соодветно да бидат претставени сите различни гледишта за темата која е предмет на програмата.

  • Презентерите и водителите на дебатните, актуелно-информативните и контактните програми можат да искажат сопствено мислење за прашањата за кои дебатираат, но не смеат да фаворизираат едно одредено гледиште, односно да ги исклучуваат другите алтернативни гледишта за темата која е предмет на дискусија во програмата.

  • Гледиштата и фактите во дебатните емисии потребно е да бидат претставени објективно.

 

Како што може да се види, предлгот за измени на постоечкито закон, дури и само со овие два нови члена директно интервенира во делот на зголемување на професионалноста на медиумите при информирањето за дневни, политички и економски теми, но и го проширува полето и поттикнува информирање за сите сегменти во општеството.

Освен ова во предлогот за измена на законот, се наоѓаше и обврската за тоа програмите што ги емитуваат радиодифузерите да се осолободени од национализам, шовинизам, дискриминација и други типови на опасно информирање кое може да заврши со говор на омраза. Оваа обврска во постоечкиот закон важи само за програмите што се емитуваат а кои се во странска продукција.

Конечно, со измените се предлагаа суштински реформи како што се зголемување на овластувањата на Агенцијата доколку не се почитуваат прописите од законот, за целосно финансирање на МРТ од страна на Буџетот на РМ и укинување на радио-дифузната такса и редица други квалитативни измени кои севкупно ќе доведеа до зголемување на професионалноста на медиумите.

Оттука, изјавата на Трајчевски дека станувало збор за измени само за кадровски прашања, а не и измени што ќе ја зголемат професионалноста на медиумите, ја оценуваме како невистина

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција