Измените во Кривичниот законик – можен спас за обвинетите во предметите на СЈО

Фото: pxhere/pixabay/wikimedia

Тукушто донесените измени во Кривичниот законик (КЗ) можат да имаат пресудно влијание врз тоа дали при евентуални осудителни пресуди некои од обвинетите во предметите кои ги води Специјалното јавно обвинителство воопшто ќе издржуваат затворска казна, а други да добијат далеку пократки затворски казни, отколку што тоа беше предвидено со претходната верзија на овој закон

 

Тукушто донесените измени во Кривичниот законик (КЗ) можат да имаат значително влијание врз тоа дали при евентуални осудителни пресуди некои од обвинетите во предметите кои ги води Специјалното јавно обвинителство воопшто ќе издржуваат затворска казна, а други да добијат далеку пократки затворски казни, отколку што тоа беше предвидено со претходната верзија на овој закон

 

Пишува: Натали Петровска

 

На ден 28.12.2018 година беа донесени измени на Кривичниот законик на РМ под мотото унапредување на состојбата со говорот на омраза, преку негово санкционирање и подигнување на видливоста на делата од омраза со пропишување законска дефиниција на тој поим и предвидување посебни облици на дела од омраза во „посебниот дел“ на Кривичниот законик. Согласно начелото на легалитет, ваквите измени ќе ги обврзуваат органите на гонење да ги откриваат, утврдуваат и процесуираат таквите дела.

Но, иако справувањето со говорот и делата од омраза беа претставени како главна цел за носењето на измените и дополнувањата на Кривичниот законик, во него беа вметнати и други измени кои директно влијаат врз барем два од активните предмети на СЈО. Ова влијание сe однесува и врз евентуалната потреба СЈО да биде ставено во ситуација да ги менува, односно преквалификува своите веќе поднесени обвиненија за да се сообрази со новите законски измени, но тие можат да влијаат и врз тоа дали некои од обвинетите воопшто ќе треба да одат во затвор или ќе добијат намалени затворски казни во случај на правосилни осудителни пресуди. Овде ќе се задржиме на предметите “ТРУСТ” и “ТОТАЛ”. Првиот е во жалбена постапка, за кој сѐ уште се чека пресуда од Апелациониот суд, а кај вториот до овој момент има само обвинение, при што за него официјално сѐ уште не е одржано ни првото рочиште.

Предмет на разгледување ќе бидат два конкретни члена од изгласаните измени, и тоа член 275-в од КЗ, во кој, во ставот 3 зборот „пет“ се заменува со зборот „четири“, а се однесува на минималната утврдена казна за тоа конкретно кривично дело и член 279-а, кој е сосема нов и определува ново кривично дело “даночна измама”, а низ призмата на погоре наведените предмети.

 

ИЗМЕНИТЕ НА КЗ СПАС ОД ЗАТВОРСКИ КАЗНИ ВО „ТРУСТ“?

„ТРУСТ“ е предмет кој се однесува на кривично дело сторено на 14.11.2011 година, со кое обвинетите се товарат дека “свесно ги повредиле прописите за постапката за доделување на договор за јавна набавка… со поднесување невистинита документација, заради изигрување на постапката за доделување на договор за јавна набавка”[1]. За овој предмет е донесена првостепена пресуда[2] со која првообвинетиот Сеад Кочан е осуден на затворска казна од 6 години, додека, пак, Василије Авировиќ на 3 години.

Со интервенцијата на законодавецот и промена на член 275-в став 3 од КЗ, а во поглед на казнувањето, односно намалување на предвидената казна за ова дел од „минимум 5“ во „минимум 4“ години, директно се влијае на можноста за побрзо застарување на кривичното дело. Имено, согласно одредбите во член 107 од КЗ, се предвидува застарување за временски период од 10 години од извршувањето на кривично дело за кое според законот може да се изрече затвор над 5 години, како и застарување за временски период од 5 години од извршувањето на кривичното дело, за кое според законот може да се изрече затвор над 3 години. Меѓутоа, ова се општи рокови на застареност со кои законот оперира. Законот предвидува и институт на апсолутна застареност врз основа на која настапува застареност на кривичното гонење во секој случај, кога ќе помине двапати онолку време колку што, според законот, се бара за застареност на кривичното гонење (Чл.108 ст.6).

Пред да се изврши промената на Кривичниот законик, апсолутната застареност на делата предвидени во овој конкретен случај требаше да биде за 20 години, но по интервенцијата во истиот, овој рок за застареност се намалува и тоа на 10 години. Што значи, делата на С. Кочан и В. Авировиќ нема да застарат во 2031 година, туку во 2021 година. Согласно динамиката на водење на овој предмет, првото рочиште беше одржано на 07.11.2017 година, а пресудата изречена на 20.07.2018 година и овој предмет е сѐ уште во жалбена постапка. Mожеме слободно да констатираме дека со минимум едно до две укинувања од страна на Апелациониот суд и враќање на предметот на првостепениот суд на повторно одлучување, тој има реални изгледи да застари до стекнување на клаузулата за правосилност.

Дополнително се наметнува прашањето и за евентуално ублажување на определената казна. Имено, доколку законодавецот обезбеди услови, што впрочем со овие измени е и случај, да биде евентуално изречена казна во траење од 4 години, истата би можела да биде ублажена на 2, па следствено на тоа, согласно и член 50 од КЗ, кој предвидува дека „условна осуда може да се изрече кога на сторителот му е утврдена казна затвор во траење до две години или парична казна“, обвинетите (во случај да се докаже нивната вина) да си „поминат“ и со условна осуда.

Во секој случај, останува да го почекаме исходот од жалбената постапка по овој предмет, за да можеме со сигурност да заклучиме во кој правец истиот ќе се движи.

 

ИЗМЕНИТЕ НА КЗ ПРАВАТ ГОЛЕМ ДЕЛ ОД „ТОТАЛ“ ЗАСТАРЕН

„ТОТАЛ“ е предмет оформен по повод кривично дело сторено во период од 01.01.2008 до 15.03.2016, за даночните години од 2008 до 2015, во кое обвинетиот, а преку неговите дејствија и обвинетите правни лица, „со намера обвинетиот и правните лица да одбегнат делумно плаќање на даноци, со повеќе временски поврзани дејствија искористувајќи ист траен однос и исти прилики во книговодствената евиденција на правните лица, завршните сметки и даночните пријави, давал лажни податоци за фактите од влијание за утврдување на износот на даночните обврски кои биле должни да ги платат, со што правните лица за наведените даночни години одбегнале да платат даночни обврски”[3] во вкупен износ од 5.363.346,00 денари (82.709 евра), а обвинетиот одбегнал да плати даночни обврски во износ од 3.459.730,00 денари (56.256 евра). Обвинетите, меѓу кои Драган Павловиќ – Латас и неговите фирми, во овој конкретен предмет се обвинети по член 279 став 2 од КЗ (даночно затајување), согласно кој е предвидена казна од минимум 4 години.

Со донесените измени во КЗ се воведува нов член 279-а „Даночна измама“, кој предвидува дека „тој што со намера за себе или за друг да стекне противправна имотна корист, на даночниот орган ќе му даде лажни податоци во даночната пријава, со што ќе го доведе во заблуда даночниот орган, со цел неоснованo да побара враќање на данок или намалување на обврска за данок, од поголема вредност, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години и со парична казна.” Токму овој член се чини како соодветен „калап“ за да се подведат под него дејствијата на обвинетиот наведени во обвинителниот акт, а кои се однесуваат на давање лажни податоци во книговодствената евиденција, завршните сметки и даночните пријави за фактите од влијание за утврдување на износот на даночните обврски кои требало да бидат платени, а кои правните лица и обвинетиот одбегнале да ги платат.

Доколку наведените противправни дејствија на кои се однесува овој предмет, се подведат под ова ново кривично дело, бидејќи и го исполнуваат битието на истото, СЈО ќе мора да го преквалификува своето обвинение. Со преквалификацијата обвинетиот ќе се соочи со нова предвидена казна затвор, која е во висина од 6 месеци до 3 години. Што значи дека согласно одредбите за застарување, за ова дело ќе настапи апсолутна застареност за 6 години. Е, сега, бидејќи ова дело е продолжено кривично дело со траење од 2008 година до 2016 година, значи дека СЈО освен преквалификацијата, ќе треба да интервенира и во текстот, односно во диспозитивот на обвинението, кој се однесува на временскиот период, па така, Д.П. – Латас ќе биде гонет само за даночно затајување сторено пред да настапи застареноста, поточно за периодот после 2013 година (ова од причина што предметот сѐ уште не е започнат во суд). Со што годините, за кои истиот се обвинува дека сторил кривично дело, ќе се намалат, поточно ќе биде опфатен периодот од 2013 до 2015 година, со што 5 години на даночно затајување веројатно ќе му бидат „простени“ на обвинетиот Д.П. – Латас.

 

ЗОШТО СЈО СЕ ВОЗДРЖУВА ОД КОНФИСКАЦИЈА НА ИМОТ?

Специјалното јавно обвинителство е единствениот орган на прогон, кој во овие околности има механизам да овозможи баланс во владеење на правото и правната држава од ваквиот упад. Последниот удар на воведувањето на овој нов и можеби „адаптиран“ член во КЗ, со кој се „амнестираат“ 5 години евентуално затајување, односно евентуална даночна измама, СЈО може да го зададе со поднесување на барање за конфискација на имот, а со тоа да ја задоволи општествената потреба од одговорност за бесправно стекнатото. Ова е чекор кој досега и се очекуваше од нивна страна и остана непознат фактот зошто такво барање до овој момент не е упатено, но сега веќе кога се прави директен упад во нивната работа и со ова на некој начин суптилно се „преиспитува“ потребата од нивно понатамошно опстојување, ова е единствениот преостанат легитимен чекор за „пресретнување“ на омекнатите и адаптирани казнени политики.

Во конкретниов случај се поставува прашањето за стекнатата имотна корист односно нејзино дефинирање, бидејќи и во самото обвинение на СЈО овој дел е малку нејасен. Но, ако се има предвид дека со кривичното дело даночно затајување, се прави директна штета на буџетот на РМ (а токму во овој случај тоа е штета од без малку 140.000 евра), лицето не го платило предвидениот даночен износ, со што тие средства кои биле наменети за Буџетот останале да ги задржи кај себе, па оттука и да располага на било кој друг начин од оној предвидениот – да бидат уплатени во „државната каса“, би можеле да претпоставиме дека станува збор за стекната имотна корист односно противправно зголемен имот.

Водени од текстот на регулативата дека „никој не може да ја задржи непосредната и посредната корист прибавена со кривично дело“ (чл.97 ст.1 од КЗ), останува да се повикаме на институтот „конфискација“, кој предвидува дека имотната корист ќе биде конфискувана со судската одлука, со која е утврдено извршувањето на кривичното дело под условите предвидени со закон, но ваква одлука е предвидено да биде донесена и на предлог на јаваниот обвинител и кога од фактички или правни пречки не е можно водење на кривична постапка спрема сторителот на кривичното дело, како на пример поради застареност, амнестија, помилување и сл., па дури и кога постапката е запрена. Законодавецот во чл. 540 од ЗКП предвидува и дека кога постојат фактички или правни пречки за водење на кривична постапка против сторител на кривично дело, судот по предлог на јавниот обвинител ќе спроведе посебна постапка за конфискација на имот и имотна корист и одземање на предмети, ако се исполнети условите од Кривичниот законик.

Предмет на конфискација во принцип е имотот за кој основано може да се смета дека потекнува од тоа или слични дела, а за кој сторителот не може да го докаже законитото потекло, но и неговата несразмерност со законски стекнатите приходи на сторителот на делото. Па, оттука, предвидено е од сторителот да се конфискува непосредната и посредната имотна корист прибавена со кривичното дело што се состои во пари, движни или недвижни предмети од вредност, како и секоја друга сопственост, имот или актива, материјални или нематеријални права, а ако нивната конфискација не е можна од сторителот ќе се конфискува друг имот што одговара на вредноста на прибавената корист (чл.98 од КЗ).

Во случајов, очекувањата се во насока на спроведување на еден вид на „вредносна конфискација“ – она што се смета дека е противправно стекнато со оштетување на Буџетот, да биде конфискувано од обвинетиот, се разбира, доколку се докаже тоа, на начин што би се конфискувала посредната имотна корист која што лицето можеби ја остварило (чл.97-а од КЗ). Законот предвидува и конфискација од трети лица за кои е остварена корист со извршувањето на кривичното дело и на кои е истата пренесена, ако е очигледно дека не дале надоместок што одговара на вредноста на прибавената имотна корист. Целата оваа „лепеза“ на можности, кои ја нудат Законот за кривична постапка, како и Кривичниот законик, се на располагање и диспозиција на СЈО како единствен орган кој во моментов има соодветно развиени капацитети за водење на финансиски истраги и следење на движење на парите како принос од кривични дела.


[1] ОБВИНИТЕЛЕН АКТ на СЈО (Случај „Труст“)
[2] Макфакс – „Пресуда за бизнисменот Сеад Кочан во предметот „Труст“ на СЈО“
[3] ОБВИНИТЕЛЕН АКТ И ОБВИНИТЕЛЕН ПРЕДЛОГ НА СЈО (Случај „Тотал“)

 

Натали Петровска е извршна директорка на Коалицијата „Сите за правично судење“ од 2017 год. Работи како адвокатка од 2008 година и има повеќегодишно искуство во обезбедувањето бесплатна правна помош и советување, толкување на разни закони и подзаконски акти, застапување пред надлежни судови и државни органи, како и пред Европскиот суд за човекови права. Нејзина специјалност е кривичното право.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Оставете реакција