Измислена е „изјавата“ на Путин дека „Бугарија треба да се дели на 3 дела“
Од самиот текст кој нема извор и со целосното пребарување на оваа наводна „изјава“ на Путин, дојдовме до заклучокот дека таа е измислена, односно Путин во ниедно издание, во ниеден наврат нема кажано дека Бугарија треба да се подели на 3 дела и не ја има наречено „фашистичка“
Од самиот текст кој нема извор и со целосното пребарување на оваа наводна „изјава“ на Путин, дојдовме до заклучокот дека таа е измислена, односно Путин во ниедно издание, во ниеден наврат нема кажано дека Бугарија треба да се подели на 3 дела и не ја има наречено „фашистичка“
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија од претседателот на Русија Владимир Путин и пишува:
Одличен потег на господинот Путин! ВОНРЕДНО: Путин бара фашистичка Бугарија да се дели на три дела!
Со обратно пребарување на фотографијата и насловот, „Вистиномер“ ги пронајде во неговото оригинално издание и станува збор за текст од 11 јануари 2023 година од портал МкДенес.
Оттаму, самиот збор „ВОНРЕДНО“ со кој почнува насловот е сензационализам – укажува дека се работи за новитет, вест, нешто ново и многу важно, но не станува збор за таква работа. Освен што не станува збор за нова објава, таа исто така е невистинита.
Од самиот текст кој нема извор и со целосното пребарување на оваа наводна „изјава“ на Путин, дојдовме до заклучокот дека таа е измислена, односно Путин во ниедно издание, во ниеден наврат нема кажано дека Бугарија треба да се подели на 3 дела и не ја има наречено „фашистичка“.
Текстот објавен на МкДенес всушност овој напис во 2023 година го презел од рускиот пропаганден медиум putin-today.ru.
Меѓутоа, кога ќе се погледне оригиналниот напис од рускиот сајт, таму не го пишува она што е наведено во објавата што ја рецензираме, односно таму не стои дека Путин кога било во минатото или во сегашноста изјавил дека „бара фашистичка Бугарија да се подели на 3 дела“. Архивите на светските медиуми исто така не располагаат со ваква „изјава“ на Путин, која доколку во кој било контекст некогаш би била дадена, сигурно би предизвикала светско медиумско внимание. На ваква изјава би имало и реакции од Бугарија, од владата на Бугарија и од други политичари (имајќи предвид дека Бугарија е членка на Европската Унија и на НАТО со сопствен територијален интегритет), што, исто така, не е случај.
Текстот на МкДенес е напишан во прво лице, коментаторски, како мислење и тоа во категоријата „блог“.
Ниту сајтот има импресум (список на новинари и уредници кои работат), ниту пак, текстот има автор.
Бугарскиот медиум Фактор.бг кој прв на бугарски го пренел рускиот напис во насловот вели:
„Putin today“ сака „нацистичка“ Бугарија да биде избришана и поделена меѓу Србија, Турција и Русија.
Меѓутоа, ниту во бугарскиот медиум не се тврди дека ова било мислење на Путин или дека тој некогаш ги изговорил овие зборови, туку само е преведен текстот од рускиот сајт.
Сепак, самиот исечок од објавата што ја рецензираме со наводниот цитат од Путин и покрај тоа што е невистинит односно пренесува неточно атрибуирана изјава на Владимир Путин, е вирален и се споделува како да е вистински, актуелен.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар