Измислена изјава му се припишува на претседателот на Буркина Фасо
Претседателот на Буркина Фасо Ибрахим Траоре се стреми кон проекти за цивилна нуклеарна енергија, а не за бомби. Сите изјави и договори укажуваат на мирнодопска соработка во производство на атомска енергија, никаде не се споменува нуклеарно оружје
Претседателот на Буркина Фасо Ибрахим Траоре се стреми кон проекти за цивилна нуклеарна енергија, а не за бомби. Сите изјави и договори укажуваат на мирнодопска соработка во производство на атомска енергија, никаде не се споменува нуклеарно оружје
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во којашто се споделува фотографија од претседателот на Буркина Фасо Ибрахим Траоре и пишува:
Како може некој да бомбардира друга земја и тоа да го нарече мировен чин. Во ваквиот свет, сфативме дека мора да имате нуклеарни бомби за да бидете почитувани и наскоро ќе ги имаме за наша самоодбрана – Ибрахим Траоре.
Ниту еден релевантен светски медиум нема пренесено изјава од Ибрахим Траоре во која тој кажува дека наскоро Буркина Фасо ќе има нуклеарни бомби за да биде почитувана и за самоодбрана. Ваква изјава тој нема дадено. Инаку Траоре во последно време е „ѕвезда“ на лажните видеоматеријали кои се креирани со вештачка интелигенција, во кои се шират антизападни пораки, кои тој никогаш не ги изустил. Во последно време интернетот е преплавен со вакви видеоматеријали со цел ширење антизападна пропаганда.
Проверувачите на факти на „Факт Чек Африка“ на социјалната мрежа „Икс“ ја оценија оваа атрибуирана изјава на Траоре како „намерна дезинформација“.
Претседателот Ибрахим Траоре никогаш нема дадено изјава за нуклеарни бомби, пишуваат оттаму.
FAKE NEWS!
President Ibrahim Traoré never said that or made any statements about nuclear bombs.
Verdict: Deliberate misinformation https://t.co/bfLVjzxqDP
— Fact Check Africa (@FactCheckAfric) June 22, 2025
Дополнително „Грок“, чет-ботот за вештачка интелигенција развиен од компанијата xAI на Илон Маск прикажува резултат дека се работи за невистинита изјава атрибуирана на Траоре.

Во 2023 година, Траоре се сретна со рускиот претседател Владимир Путин и побара помош за изградба на нуклеарна централа за мирнодопска примена – а не оружје – за производство на електрична енергија и регионална енергетска безбедност. Изградбата на нуклеарната централа е со цел зголемување на снабдувањето со електрична енергија во склоп со целите на Буркина Фасо да постигне 95 процентен пристап до електрична енергија за урбаните средини и 50 процентен пристап за руралните средини до 2030 година, извести „Би-Би-Си“.
Во октомври 2023 година, Министерството за енергетика на Буркина Фасо потпиша меморандум за разбирање со Росатом (руската државна нуклеарна агенција) исклучиво за цивилна нуклеарна енергија.
Руската државна агенција за атомска енергија „Росатом“ во соопштението наведе дека „меморандумот е првиот документ меѓу Русија и Буркина Фасо во областа на мирно користење на атомската енергија“. Во него се вели дека договорот ги поставил темелите за соработка во области како што се употребата на нуклеарна енергија во индустријата, земјоделството и медицината.
Понатаму, проверката на фактите од мај 2025 година експлицитно ги поби тврдењата дека Траоре ѝ се заканувал на Нигерија или се фалел со воени нуклеарни напади – нема докази дека тој некогаш упатил такви закани.
Траоре се стреми кон проекти за цивилна нуклеарна енергија, а не за бомби. Сите изјави и договори укажуваат на мирнодопска соработка во производството на атомска енергија – никаде не се споменува нуклеарно оружје. Мејнстрим новинските извори не известуваат за оваа измислена изјава на Траоре за „тоа дека Буркина Фасо ќе поседува нуклеарни бомби“
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар