Измислена изјава на Путин со која тој отфрла измислено барање на Трамп

Илустрација: Вистиномер.мк

Проруска објава сугерира дека преговарачите на Трамп барале од Путин да прифати влез на Украина во НАТО, што Путин одважно го одбил, но тоа го нема ни во еден сериозен светски медиум, а во тоа измислено барање нема ни логика. Ова е уште една во низата измислени изјави на Путин, а има и цели говори – како што веќе сме известувале

Проруска објава сугерира дека преговарачите на Трамп барале од Путин да прифати влез на Украина во НАТО, што Путин одважно го одбил, но тоа го нема ни во еден сериозен светски медиум, а во тоа измислено барање нема ни логика. Ова е уште една во низата измислени изјави на Путин, а има и цели говори – како што веќе сме известувале

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која вели:

По долг, напнат телефонски разговор меѓу Трамп и Путин јасна е пораката на рускиот претседател. Западот нема право да диктира услови.

Украина никогаш нема да стане членка на НАТО. Се надевам ја разбирате јасно мојата порака од вашиот пратеник, кој штотуку замина по обидот да ми диктира услови во овој конфликт. – Владимир Путин

Објавата сугерира дека преговарачите на Доналд Трамп, кои тој сега ги испраќа кај Владимир Путин како посредници за мировниот процес за Украина, го притискале или условувале овој вториов да прифати таа да влезе во НАТО, дури иако тоа за него е апсолутно неприфатливо, па тој ги одбил тие дрски гости, укажувајќи им дека никој нема да му диктира услови. Наводно, тие му ја пренеле таа порака на оној, кој ги испратил, а најпосле, Путин со него имал телефонски разговор, во кој го потсетил на тој инцидент.

Но, објавата е дезинформаторска и пропагандистичка (поконкретно проруска), а таа изјава, која му ја припишува на Путин, е измислена. Тој порано изјавувал дека никој не смее да ѝ диктира на Русија или дека Украина не смее да влезе во НАТО, но токму ваква изјава, од збор до збор, тој нема дадено и таа не соодветствува на актуелниов мировен процес, во кој реториката е троа потстивната.

Во објавата нема ни факти, а ни логика, па да ја побиеме и од обата аспекта.

Побивање од фактографски аспект

Вториот пасус во цитатот од предмалку е преведен од текст на англиски јазик, а тоа го дознаваме од еден фотоколаж, кој е вметнат во објавата. Во него се претставени ликовите на американскиот и рускиот претседател, кои веќе поименично ги наведовме, а врз тоа е додаден тој текст на англиски јазик, кој потоа бил преведен на македонски и бил уфрлен како втор пасус во објавата.

Фотоколажот не потекнува од некој реномиран, релевантен и кредибилен извор, а судејќи по едно лого или натпис во долниот дел на тој колаж, тој е преземен од некојси јужноафрикански блогер Де Обура Џуниор (англ. De Oburah Jr.), кој пласира проруска пропаганда на Фејсбук и Инстаграм. Ова се линковите до тој фотоколаж, објавен на профилите на тој блогер: тука и тука.

Ние „прогуглавме“ за тој инцидент, за кој говори блогерот, а што го пренесува објавата која ја рецензираме, но тоа го нема во ниту еден сериозен медиум. Потоа, ние го преведовме тој текст од објавата на руски јазик, но не го најдовме ни во руските медиуми, а иако тие се озлогласени по дезинформациите и пропагандата, дури ни тие не отишле дотаму да измислуваат вакви работи, што, иронично, ја прави објавата попропагандистичка од самите руски пропагандисти.

Ова не е никаква новост. Ние веќе сме пишувале (види: тука, тука, тука, тука, тука и тука) дека на интернет со години циркулираат измислени изјави или дури и цели говори на Путин, а целта на тоа е тој да се прикаже како моќен лидер, кај кого „нема лабаво“ и кој одважно и в лице му ја кажува суровата вистина на „трулиот Запад“, а тој, демек, со тоа е спуштен на земја.

Точно е тоа дека Трамп во последно време испраќа свои луѓе во Москва како Стив Виткоф и Џаред Кушнер, со цел да го мрдне од мртва точка мировниот процес за Украина, во кој САД се посредници, но во ниту еден сериозен извор нема податок дека „тие пратеници му диктирале на Путин да прифати Украина да влезе во НАТО, што тој одважно го одбил“ – како што вели објавата.

Тогаш, што тие пратеници разговарале во Москва? Многу детали за тоа нема, а сето тоа им е познато само на учесниците во тие разговори, кои за јавноста даваат само штури и воопштени изјави од типот дека: „Разговорите минале во конструктивна атмосфера“ (тоа е оној „дрвен“ бирократски јазик, кој, всушност, не кажува ништо).

Точно е и тоа дека Трамп и Путин неодамна имале телефонски разговор, но тема на истиот не било она што се говори во објавата и такво нешто нема ни во веста за тој разговор објавена на официјалниот сајт на рускиот претседател.

Тие разговори се обид за постигнување мир, па би било нетактично тоа да се упропасти со барање за влез на Украина во НАТО и тоа ја прави објавата нелогична.

Побивање од логички аспект

Русија изврши агресија врз Украина, па откако Трамп стапи на власт, тој се понуди како посредник за преговорите, кои самиот ги иницираше, но тие се долго заглавени заради максималистичките апетити на Путин, па ако вие се мачите да го одоброволите тој да склучи мир, вие сигурно не би го иритирале со барање да прифати влез на Украина во НАТО.

Веројатноста дека САД го побарале тоа од Путин е никаква. Тоа не ѝ соодветствува ни на поприличната попустливост на Трамп кон Путин, кого дури го угости на Алјаска. Од друга страна, Трамп го притискаше, условуваше, понижуваше, навредуваше и на некој начин го „рекетираше“ украинскиот претседател Володимир Зеленски. Трамп никогаш не е толку остар со Русија, па нелогично е тоа дека тој ја притискал или условувал таа да прифати Украина да влезе во НАТО.

Трамп можеби врши некој благ притисок и врз Русија од типот: „Ако не прифаќате мир – ќе ви воведеме полоши санкции“ или „Ќе им дадеме на Украинците повеќе оружје“, но тоа дека ја притискал таа да прифати влез на Украина во НАТО, едноставно, не држи вода.

А, ако некој веќе влегува во НАТО, за тоа, белким, треба да се праша самото НАТО, но алијансата нема споменато можност за примање на Украина, барем не во блиска иднина. Повеќето членки на алијансата се за тоа Украина да им се придружи, но во некоја неодредена и поповолна иднина.

Украина реално можела да влезе во НАТО во 2008 г., но тоа тогаш влезот го блокирале Франција и Германија токму за да не се иритира Русија, па ако така било во тие помирни времиња, влезот на Украина во НАТО сега е уште потежок и поневозможен.

Тоа сега воопшто не е на дневен ред, па Путин не можел да отфрли нешто што не е на дневен ред. Згора на тоа, Трамп има доста негативен став за НАТО и дури давал идеи САД да излезат од алијансата, која, според многумина, Трамп практично ја растура, па зошто тој би се залагал за нејзино проширување?

Веќе видовме дека по тие разговори, нивните учесници дале сталожени изјави, а такви не би имало ако САД барале од Русија да прифати влез на Украина во НАТО, што за Русија е крајно иритантно. И, телефонските разговори меѓу политичарите се строго доверливи, па тие не може тукутака да се најдат на интернет. Такви случаи имало, но тоа се ретки инциденти, а не пракса.

Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција