Измислена приказна за исчезната девојка во САД, злоупотребена за анти-ЕУ наратив

Фото: Принтскрин

Во објавата што ја рецензираме измислениот настан на исчезнување на девојката е злоупотребен за да се обвини „демонската Европска Унија“ и се тврди дека „ова се достигнувањата на демонската ЕУ“. Но, спротивно на тоа, дури и измислената приказна во конкретниот случај е со локација Соединети Американски Држави, а не ЕУ. Во измислената содржина од текстот се наведува дека една од „теориите за исчезнувањето е дека Сенада е жртва на трговија со луѓе“ а трговијата со луѓе е негативна појава на која што Европската Унија остро се спротиставува.

Во објавата што ја рецензираме измислениот настан на исчезнување на девојката е злоупотребен за да се обвини „демонската Европска Унија“ за исчезнувањето на девојката и се тврди дека „ова се достигнувањата на демонската ЕУ“. Но, спротивно на тоа, дури и измислената приказна во конкретниот случај е со локација Соединети Американски Држави, а не ЕУ

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Ова се достигнувањата на демонската ЕУ!

Во склоп на објавата се споделува текст од странски портал, каде со многу логички пропусти се раскажува наводно „многу добро позната приказна од регионот“ која што не успеавме да ја пронајдеме како вест во низа или настан за кој воопшто се известувало во медиумите во регионот во ниту еден период. Имено, станува збор за наводна „приказна“ за девојка од Сарајево, Сенада која што седнала на авион за Чикаго да ја посети тетка ѝ за време на летниот распуст и „исчезнала“.

Не постојат вакви податоци никаде на интернет за оваа приказна, а во текстот се споменува и нејзината мајка Џенана и невистинито се тврди дека во потрагата биле вклучени и американските и босанските власти (полиции), но и Интерпол. Со пребарување на овие податоци во американските и босанските, но и медиумите на српски и англиски јазик, не се пронаоѓаат никакви резултати за ваква „потрага“ по Сенада. Самиот текст, кој се споделува во објавата што ја рецензираме, исто така е премногу неверодостоен бидејќи и фотографиите што се употребени се илустративни: не постои ниту еден медиум кој ја снимил мајката и не се објавени фотографии од наводно исчезнатата девојка никаде, за да би можела таа да се бара. Во случаи на исчезнати лица, една од вообичаените процедури во кои се вклучува и јавноста (особено по неуспешна потрага) е и тоа да се објават фотографии од бараното лице за да може да помогне некој по пат на препознавање.

Пребарувањето на архивите на медиумите не даваат никакви резултати дека за вакво наводно исчезнување некој нешто објавил и единствените текстови што ги има на интернет се на повеќе различни портали, но со идентичен наслов и содржина како таа од објавата што ја рецензираме и тоа објавени сите во мај 2025 година. Под некои од тие текстови во делот за коментари читателите веќе коментираат дека се работи за измислена приказна.

Неверодостојната приказна за наводното „исчезнување“ има премногу „црвени светла“ кои се палат во поглед на нејзината кредибилност и веродостојност. Имено, кога во пребарувачот Гугл ќе се впишат имињата на Сенада, Џенана, аеродромот во Чикаго каде таа наводно последен пат е видена, Интерпол и Сараево, нема резултати за никакво медиумско покривање на ваков наводен настан.

Понатаму, во самиот текст не е објавено кога точно тој се случил, во која година, ниту, пак, фотографија од наводно исчезнатата девојка. Не е објавена ниту фотографија или видео-материјал од снимка од изјава од мајката на наводно исчезнатата, како што е вообичаено во ситуации на исчезнување.

Во објавата што ја рецензираме, пак, измислениот настан на исчезнување на девојката, е злоупотребен за да се обвини „демонската Европска Унија“ за исчезнувањето на девојката и се тврди дека „ова се достигнувањата на демонската ЕУ“. Но, спротивно на тоа, дури и измислената приказна во конкретниот случај е со локација Соединети Американски Држави, а не ЕУ. Во измислената содржина од текстот се наведува дека една од „теориите за исчезнувањето е дека Сенада е жртва на трговија со луѓе“ а трговијата со луѓе е негативна појава на која што Европската Унија остро се спротиставува.

Всушност, 37 проценти од жртвите на трговија во ЕУ се државјани на ЕУ и значаен број од нив се жртви на таа трговија внатре во сопствената држава. Но, бројот на жртви кои не се државјани на ЕУ се зголеми во последните години и сега нивниот број е поголем од жртвите со ЕУ државјанство. Затоа, Европската Унија презема мерки за да се спротистави на оваа појава која што ја има во држави и кои што не се дел од ЕУ. Самата Европска Унија презема бројни мерки против трговијата со луѓе кои што може да се видат на следниот линк.

Правната рамка против трговијата со луѓе, која е најчесто поврзана со криминални групи, може да се види овде.

ЕУ е против трговијата со луѓе и не ги смета киднапирањата и експлоатацијата на жртвите како „свое најголемо достигнување“.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина и во поглед на измислената приказна за Сенада и во поглед на тоа дека ЕУ некако „пропагира трговија со луѓе како свое најголемо достигнување“. Исто така, вреди да се напомене дека во секоја држава од светот се случува криминал, дури и во најнапредните со најголем број на заштитни и контролни механизми.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција