Измислена заплена на 1,3 тони кокаин

 

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на својот Твитер профил во екот на меѓународната полициска акција за заплена на наркотични средства, поточно кокаин, го објави следното тврдење:

Во три години власт на СДСМ не слушнавме дека е запленет ниту еден килограм кокаин. Денес МВР заплени 1.3 тони. Најголема количина било кога запленета во Република Македонија. Слепи ли биле? Или?

[Извор: Твитер – датум: 19.02.2020]

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во оваа изјава има два проблема. Првиот е што македонската полиција воопшто нема запленето илјада и триста килограми од опасната дрога, ниту, пак, таа бројка е потврдена кога станува збор за севкупното количество во целата меѓународна акција. Официјално, во селото Крушопек, Сарај, е запленет еден килограм кокаин. Во твитот на Димовски, се прави обид меѓународната полициска акција да се доведе во корелација со партиската определба на министерот на чело на Министерството за внатрешни работи во моментот кога акцијата се одвива, иако меѓународните полициски акции се координираат меѓу повеќе министерства на различни држави во светот, а во случајов и со посредство на американската ДЕА (Drug Enforcement Administration).

Операцијата за која станува збор е започната пред три месеци, а во неа биле вклучени италијанската и црногорската полиција, покрај ДЕА. Во времето на започнувањето на акцијата, техничкиот министер за внатрешни работи воопшто не е избран. Но, не е важно од која партија е министерот, наспроти инсинуациите на Димовски да го прикаже работењето на МВР во времето на Наќе Чулев како поефикасно од она во времето на поранешниот министер од редовите на СДСМ, Оливер Спасовски. Она што е за забележување во вистинитоста на изјавата, е тоа што не е точно дека се запленети 1.3 тони дрога.

Покрај тоа, вториот проблем во информацијата на Димовски е фактот што не е точно ниту дека во „времето на СДСМ не е запленет ниту еден килограм кокаин“. Како илустрација за ова, на 19 декември 2019 година објавена е вест во медиумите, дека судија на претходна постапка ѝ одреди 30 дена домашен притвор на актерката Силвија Стојановска, осомничена дека била дел од мрежа за шверц со кокаин. Како што тогаш објави Телма, повикувајќи се на свои извори од истрагата, се работело за 700 килограми кокаин од Шпанија. Во Кривичниот суд за овој конкретен случај беше приведено уште едно лице и за него беше одреден 30-дневен притвор врз основите опасност од бегство, влијание врз сведоци и повторување на делото. Овие две приведувања се дел од поголема меѓународна акција предводена од шпанската полиција.

Во изјава за „Слободен печат“ пратеникот рекол дека немал доверлива информација од истрагата на случајот за количеството на кокаинот, туку дека твитот го напишал откако веста ја видел објавена на една од телевизиите.

Направен е обид меѓународна полициска истрага да се искористи за партиски поени. На крајот овој обид резултираше со неуспех, зашто се обзнани запленетото количество.

 

ИЗВОРИ:

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција