Измислено интервју со министерот Дурмиши искористено за нова измама на Фејсбук

Фото: Принтскрин

Невистинита објава на Фејсбук го злоупотребува името на министерот Дурмиши и логото на Канал 5 телевизија за да ги измами граѓани со лажно ветување за исплата на пари. Станува збор за онлајн измама поврзана со криптовалути и собирање лични податоци.

Невистинита објава на Фејсбук го злоупотребува името на министерот Дурмиши и логото на Канал 5 телевизија за да ги измами граѓани со лажно ветување за исплата на пари. Станува збор за онлајн измама поврзана со криптовалути и собирање лични податоци

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која го злоупотребува името на министерот за економија Бесар Дурмиши со цел да измами корисници на социјалната мрежа за пари.

Не ја пропуштајте вашата шанса да бидете меѓу првите што ќе дознаат!

Ова го пишува на Фејсбук објавата на која што има фотографија од министерот Дурмиши, На нејзиниот горен дел пишува „Нов закон за граѓаните на Македонија“, а долу „Ако сте постари од 30 години прочитајте го ова“ веднаш под логото на телевизијата Канал 5.

Кога ќе кликнете на линкот, се отвара веб страница на која што има интервју со министерот Дурмиши. На прв поглед не се забележува ништо чудно и сомнително. Веб страницата не само што го има логото на Канал 5 телевизија туку го запазува целиот идентитет на телевизијата – боите, фонтот на буквите, начинот на кој што е напишан насловот, поставеноста на фотографијата и други ситни детали кои што ве неведуваат да помислите дека читате интервју на министерот Дервиши дадено за Канал 5 телевизија во кое што нема ништо соминително.

         Фото: Скриншот

Но, колку и на прв поглед, па и на втор, да ви се чини дека читате легитимно интервју, ова сепак е уште една онлајн измама.

Наводното интервју со наслов „Сега жителите на Македонија ќе почнат да добиваат приходи од даноци: Бесар Дурмиши зборуваше за новиот систем за враќање на даноците“, е всушност измама за на граѓаните да им се земат пари. Дека нешто не е во ред со интервјуто станува јасно кога ќе прочитате на почетокот на интервјуто дека министерот наводно вели дека „секој има право на исплата до 200 илјади македонски денари месечно“. Преголема сума за да не стане сомнително, нели? Доколку државата имаше намера да исплаќа над 3000 евра месечно на секој граѓанин, таа информација ќе ја имаше на секоја телевизија, секој медиум, ќе имаше прес-коноференции на оваа тема со денови. Но, таква информација нема на ниту еден медиум.

За оваа објава е злоупотребено и логото на веб-страницата на Канал 5 телевизија за да делува како вистинска вест и да ги намами следбениците да кликнат на неа. На сајтот на Канал 5 ваква вест не може да се најде. Дека не станува навистина збор за Канал 5 телевизија, се гледа и по линкот кој што се отвара кој што не е официјалната веб страница на телевизијата.

Впрочем, целата приказна која е прикажана преку интервјуто, дека државата не ги троши сите даноци туку ги инвестира па им ги враќа на граѓаните, не е ниту логична ниту економски издржана. Министерот објаснува за некаков наводен систем преку кој граѓаните ќе ги добивале тие пари наречен FortuixAgent до кој има и линк. Доколку кликнете на линкот за да видите за каков систем се работи, ќе сфатите дека станува збор за измама со криптовалути и онлајн тргување. Со оглед дека во „интервјуто“ се вели дека треба да направите уплата од 15 илјади денари, очигледно целта на оваа измама е да собере ваши лични податоци кои потоа ќе ги злоупотреби.

Секогаш бидете внимателни кога читате објави на социјалните мрежи кои ветуваат големи суми пари, особено ако изгледаат како „вест“ од позната медиумска куќа. Во овој случај, се работи за класична интернет измама која злоупотребува имиња на јавни личности и логоа на познат медиум за да стекне доверба. Ваквите објави често изгледаат убедливо, но зад нив се крие обид да се измамат граѓаните – преку лажни ветувања за добивка и барање на уплати или лични податоци.

Важно е да се проверуваат изворите на информациите, да се внимава на сомнителни линкови и никогаш да не се внесуваат лични или финансиски податоци без сигурност дека страницата е автентична.

Бидејќи станува збор за измама, објавата која ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција