Измислица за „индиго пилоти“ во функција на ширење дезинформации за НАТО
Со претставувањето на пилотите на НАТО како луѓе што наводно го мразат човештвото, објавата им припишува злонамерни мотиви на цела група лица и создава слика за намерно, организирано дејствување против населението, што е во функција на антизападни наративи.
Со претставувањето на пилотите на НАТО како луѓе што наводно го мразат човештвото, објавата им припишува злонамерни мотиви на цела група лица и создава слика за намерно, организирано дејствување против населението, што е во функција на антизападни наративи
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
ОТРОВИТЕ ОД НАТО АВИОНИТЕ ГИ ИСПУШТААТ Т.Н. ,,ИНДИГО ПИЛОТИ,, ! ТОА СЕ НАЈДОБРО ПЛАТЕНИ ПИЛОТИ ВО СВЕТОТ. 80% ОД НИВ НЕМААТ ДЕЦА, А ГЛАВНА ПСИХОЛОШКА КАРАКТЕРИСТИКА ИМ Е ШТО МРАЗАТ ЛУЃЕ (ЧОВЕШТВОТО) – СВЕДОШТВО НА ПИЛОТ ,,СВИРКАЧ“.
Во склоп на објавата има видеоматеријал на кој се слуша како машки глас кажува: „индиго пилотите се избрани од високите рангови од воздухопловните сили, воената морнарица и крајбрежната стража, тие не се грижат дали ќе убијат несакани делови од Америка и светот“. Гласот додава – „ви се колнам најголемиот дел од пилотите се како машини, ги нарекувам терминатори“ и продолжува дека тие наводно биле премногу добро платени и криени во тајност со заштита.
Објавата содржи повеќе сензационалистички тврдења: дека пилоти на НАТО намерно испуштаат отрови од авионите, дека се нарекуваат „индиго пилоти“, дека 80 проценти од нив немаат деца и дека наводно имаат психолошка карактеристика да го мразат човештвото. За овие наводи се потребни проверливи докази, а не анонимно сведоштво припишано на наводен „пилот свиркач“.
Во објавата не е наведено името на пилотот, конкретна воена единица, документ, датум, операција или независен извор што би ги потврдил обвинувањата. Самото повикување на анонимен свиркач не е доказ дека тврдењата се вистинити.
Не е точно дека НАТО-авионите намерно испуштаат отрови врз населението и за ова тврдење не се приложени докази. Не се наведени имиња на хемиски супстанции, резултати од лабораториски анализи, податоци за конкретни летови или независни истраги што би потврдиле ваква активност. Хемиското оружје е забрането со Конвенцијата за хемиско оружје, која ги обврзува државите членки да не развиваат, произведуваат, складираат или употребуваат такво оружје. Сите земји членки на НАТО се страни на оваа конвенција, според официјалните информации на Алијансата.
Не постојат никакви „индиго пилоти“ во НАТО. НАТО има официјална терминологија за воени операции и одбрана од хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни закани, но таа не го потврдува терминот „индиго пилоти“.
Авионите на НАТО се користат за повеќе намени, но ниедна не е „запрашување“, „труење“, „прскање тешки метали“, ни за „испуштање бактерии и вируси“ или „испуштање отрови“ како што се наведува во повеќе објави на социјалните мрежи кои се дезинформации.
Авионите на НАТО се користат за воздушно патролирање и одбрана на воздушниот простор. НАТО одржува постојана мисија наречена „NATO Air Policing“ (Воздушно патролирање на НАТО) со цел да го заштити воздушниот простор на земјите членки. Во ова се вклучени борбени авиони и екипажи кои се подготвени 24 часа на ден, 365 дена во годината, за да реагираат на можни нарушувања на воздушниот простор.
НАТО ги користи авионите и за воздушно рано предупредување, надзор, команда и контрола. НАТО располага со сопствена флота на специјализирани авиони со радарски системи кои овозможуваат далечинско откривање и следење на воздушни и поморски цели и пренесуваат информации во реално време до силите на копно, море и воздух.
Наративот дека НАТО-авионите испуштаат отрови преку наводни „индиго пилоти“ може да предизвика страв за личната безбедност и здравјето, недоверба кон воените и државните институции и чувство дека населението е изложено на невидлива, тајна опасност. Но, сето тоа е направено без никакви докази. Со претставувањето на пилотите како луѓе што наводно го мразат човештвото, објавата им припишува злонамерни мотиви на цела група лица и создава слика за намерно, организирано дејствување против населението, што е во функција на антизападни наративи.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар