Израел има починати од коронавирус, лимон и сода бикарбона не се лек за ковид-19

Publikimi në D

На социјалната мрежа Фејсбук, повторно е актуелна информацијата за лекување од коронавирусот со лимон и сода бикарбона. Оваа фотографија содржи две неточни работи кои беа разјаснети уште од март и оценети како измислици од сервисот за проверка на факти во Северна Македонија, Критинк како и црногорскиот сервис за проверка на факти, Raskrinkavanje.me.

1. Израел има починати со корона вирус:
Од објавувањето на пандемијата до 18 август 2020 година, Израел има 708 мртви и 96.409 заразени. Овие информации се достапни во официјалното мерење на Универзитетот Џон Хопкинс, кое е најдоверливо мерење во светот  и кое бројките ги зема од податоците кои земјите ѝ ги даваат на Светската здравствена организација.

2.  Лимон и сода бикарбона не лекуваат од COVID-19:
Ваквите тврдења, кои се шират на Фејсбук, се ширеле и на Вибер, а во пораката се тврди дека е најден лекот за вирусот.

Пронајден е лек за вирусот COVID-19 или начин за негово отстранување. Од Израел доаѓаат информациите дека овој вирус таму не предизвикал смрт. Рецептот е едноставен – лимон и сода бикарбона. Мешајте и пијте како врел чај секое попладне. Делувањето на лимонот со топла сода бикарбона веднаш го убива вирусот, потполно го елиминира од телото… Сите во Израел ноќе пијат шолја врела вода со лимон и малку сода бикарбона, бидејќи тоа докажано го убива вирусот, се вели во пораката за наводниот „спас“ од вирусот.

Многу неточности во една лажна вест

Оваа објава е само превод на дезинформацијата што претходно се ширела и на други јазици, и таа содржи повеќе неточни информации. Во Израел прв смртен случај е регистриран на 20 февруари, додека до 18 август имало речиси 96.409 заразени и 708 мртви, пишува новинарката, потсетувајќи дека и покрај тоа што Светската здравствена организација предупредува дека сè уште нема лек за коронавирусот, оваа објава пласира стари митови за лековитоста на лимонот и содата.

Raskrinkavanje.me потсетува на нешто за што е веќе пишувано – дека „иако некои претходни трудови го предлагале витаминот Ц како лек за настинка, сепак нема современи научни истражувања кои ќе ги поткрепат тврдењата за способноста на витаминот Ц да убие вирус или да го спречи неговото размножување и ширење. Исто така, тврдењето од првите децении на 20. век дека алкализирањето на организмот помага,  е точно, но само кај некои медицински состојби… Да заклучиме, комбинацијата на лимон и сода бикарбона нема да го „убие вирусот“, ниту пак, „ ќе го елиминира од вашето тело“. Оваа мешавина нема да го алкализира вашето тело и имунолошкиот систем. Затоа, објавата за  лимон и сода бикарбона како лек за СОВИД-19 ја оценуваме како лажна вест“, стои во текстот во кој е анализирана оваа лажна вест.

За медицински совети треба да се консултира Светската здравствена организација, УНИЦЕФ и нашите државни институции: Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, кои детално ги објаснуваат информациите за коронавирусот. Затоа треба да се обратиме до здравствените институции – било на државно или глобално ниво и да не дозволиме да бидеме измамени од дезинформациите што кружат на социјалните медиуми, независно кој ги дистрибуира.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција