Извештаите за сомнежи за несакани реакции, не се потврдени несакани ефекти

Фото: pixabay.com

Во постот се пропушта контекстот, затоа што Европската база на податоци за сомнежи за несакани реакции од употреба на некој лек и системот за следење на несакани настани од вакцини во САД – VAERS, не се создадени за преку нив да може да се утврдува смртност и повреди од кој било лек или медицинско средство, вклучително ни за вакцините против ковид-19. Ниту пак, од наведените пријави може да се извлекуваат заклучоци за каузалност, односно за причинско последична врска меѓу вакцинацијата и одреден несакан ефект или смрт

Во постот се пропушта контекстот, затоа што Европската база на податоци за сомнежи за несакани реакции од употреба на некој лек и системот за следење на несакани настани од вакцини во САД – VAERS, не се создадени за преку нив да може да се утврдува смртност и повреди од кој било лек или медицинско средство, вклучително ни за вакцините против ковид-19. Ниту, пак, од наведените пријави може да се извлекуваат заклучоци за каузалност, односно за причинско последична врска меѓу вакцинацијата и одреден несакан ефект или смрт

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели дека базата на податоци на Евроспката медицинска агенција, за несакани реакции на лекови, сега известува за 46.160 смртни случаи и 4.623.724 повреди по вакцините за ковид-19, додека системот за следење на несакани настани од вакцини во САД (VAERS) сега известува за 29.162 смртни случаи и 1.314.594 повреди по вакцината против ковид-19.

Меѓутоа, во постот се пропушта контекстот, затоа што овие две бази, не се создадени за преку нив да може да се утврдува смртност и повреди од кој било лек или медицинско средство, вклучително ни за вакцините против ковид-19. Ниту пак, од наведените пријави може да се извлекуваат заклучоци за каузалност, односно за причинско последична врска меѓу вакцинацијата и одреден несакан ефект или смрт.

Европската база на податоци за сомнежи за несакани реакции од употреба на некој лек или медицинско средство не постои за да се утврдува од неа број на несакани реакции и број на починати како последица на одредено медицинско средство. Еудравиџиланс (Eudravigilance) е датабаза која ја покрива европската област.

Од Европската медицинска заедница ЕМА за „Ројтерс“ го потврдиле следното во официјална изјава:

Податоците кои циркулираат во голем дел медиумски написи и постови на социјалните мрежи не се точни. Медицинските регулаторни тела и фармацевтски компании ширум европскиот регион се должни да доставуваат извештаи за сомнеж за несакани реакции од нивната земја во системот Еудравиџиланс.

Притоа, во базата на податоци Еудравиџиланс јасно е потенцирано дека секој пријавен настан се случил после администрација на третман (во случајот на постот што е предмет на нашата рецензија, тоа е вакцината против ковид-19). Ова не е потврда за причинско последична или каузална врска меѓу двете, во случајот, несаканиот ефект не е докажано дека е причински последично поврзан со самата вакцина.

Собирањето на извештаи на сомнежите за несакани реакции е еден од столбовите на системот за мониторинг на безбедноста на ЕУ. Спонтаното пријавување служи како алатка да се детектираат невообичаени или неочекувани проблеми поврзани со вакцината, кои понатаму можеби би требало да се истражуваат дополнително за проценка на ризик, велат од ЕМА за „Ројтерс“.

Оттаму додаваат дека пријавите за сомнеж за несакана реакција на некој лек самите по себе без дополнителна документација, многу ретко се доволни за да се докаже дека одредена реакција е производ од некој лек или во случајот вакцината против ковид-19. Проверките на ЕМА ги земаат предвид сите достапни податоци од сите извори како клинички тестирања, медицинска литература, опсервациски студии и така натаму, за да извлечат генерален заклучок за безбедноста на вакцините.

За повеќето лекови (вакцини), најголемиот дел од сомнежите за несакани ефекти, на крајот не се потврдуваат. За случаите со фатален исход (таквите се споменуваат во постот што го рецензираме), тешко е со сигурност да се тврди вистинската причина за смртта, дури и кога се достапни сите можни податоци, вклучително и обдукцијата. Ве молиме имајте предвид дека улогата на ЕМА не е да оценува причина за нечија смрт, велат од ЕМА за „Ројтерс“.

Според страницата на ЕМА, безбедноста на вакцините против ковид-19 е постојано набљудувана и евалуирана и вакцините се безбедни и ефективни, а сериозни безбедносни проблеми се екстремно ретки.

Што се однесува на тврдењето во постот што го рецензираме за американскиот систем ВАЕРС, „Вистиномер“ веќе има пишувано дека секоја пријава на ВАЕРС може да биде доставена од кого било, дури и ако само се сомнева дека несаканиот ефект е предизвикан од вакцината. Самата пријава не е доказ за причинско-последична врска меѓу вакцинацијата и состојбата. Пријава до ВАЕРС може да достави и лекар и обичен граѓанин, дури и ако не е сигурен дека последицата настапила од вакцината.

Тоа што некој починал по администрирана вакцина, не покажува причинско-последична врска со самата вакцина. Самата пријава на ВАЕРС не е доказ дека вакцината ја предизвикала смртта.

Самиот ВАЕРС систем наведува дека индивидуалните случаи кои се пријавени, не се потврдени. Системот не наведува дали и во кои случаи е потврдено дека смртта е резултат на самата вакцина, односно дека има причинско-последична врска меѓу вакцината и смртта. Лекарите во САД со закон се обврзани да ги пријавуваат сите несакани ефекти кои се појавуваат одреден период по вакцинацијата. Како што е наведено овде, секој може да поднесе извештај на ВАЕРС.

ВАЕРС системот користи метод на широк дијапазон на информации, научен пристап со кој огромен број на груби и дури и недоверливи информации се спојуваат, за да се најдaт врските меѓу нив. Индивидуалните пријави и сите детали во нив не се потврдени и верифицирани, станува збор за случаи каде со самопријавување се даваат информации и тие не се поентата на пристапот на ВАЕРС, односно нивната цел! Се работи за ран систем на предупредување, а не точен инструмент за мерење! Самиот центар за контрола и превенција на болести во САД има тринаесетминутно видео во кое во детали е објаснето како да се пристапи во системот ВАЕРС, а кое е објавено од 2015 година.

Портпаролката на Американската агенција за храна и лекови, Алисон Хант, за проверувачи на факти  во САД изјавила:

Пријавените случаи на ВАЕРС се неверификувани извештаи. Тоа што некој ќе пријави несакан ефект на ВАЕРС не е документација дека вакцината го предизвикала ефектот. Кога би имало зголемен број на смртни случаи тоа би го задржало вниманието на властите. Сите извештаи за несакани ефекти од вакцинацијата ги земаме серионзно, а во случајот на ковид-19 вакцините, Центарот за контрола и превенција на болести активно е ангажиран да ја следи безбедноста на овие вакцини. Секоја пријава за смрт по администрирањето на вакцината брзо и ригорозно се истражува заедно со Агенцијата за храна и лекови и Центарот за контрола и превенција на болести. Се прави опсервација на секој клинички случај. Дополнително имаме и голем број начини на кои ја мониторираме самата безбедност на вакцините, вели таа додавајќи дека досега нема зголемување на смртноста поради вакцините.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека во постот што го рецензираме е испуштен контекстот. Извештаите за сомнежи за несакани реакции, не се потврдени несакани реакции.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција