Извештај на американскиот Конгрес злоупотребен за ширење невистини дека САД ја тужат ЕУ
САД не ја тужат ЕУ, туку се работи за извештај од Конгресот. Поништувањето на изборите и правните процеси против Калин Ѓорѓеску, пак, се одлуки на независните романски институции врз основа на докази за илегално финансирање и странско мешање, а не декрет на Брисел
Тврдењето изнесено во објавата содржи сериозни дезинформации и манипулација со факти. САД не ја тужат ЕУ, туку се работи за извештај од Конгресот. Поништувањето на изборите и правните процеси против Калин Ѓорѓеску, пак, се одлуки на независните романски институции врз основа на докази за илегално финансирање и странско мешање, а не декрет на Брисел
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Америка ја тужи ЕвропскатаУнија,поради мешање во внатрешните работи на многу Земји,најтрагичен е изборот на Романскиот Претседател,каде ЕУ тврдеше дека тогашниот претседателски канфидат кој ги доби изборите Ѓорѓеску,дека е руски избор,но вујко Сем мисли поинаку.
Тврдењето дека САД ја тужат Европската Унија е целосно неточно. Позадината на оваа вест потекнува од внатрешнополитички препукувања меѓу конзервативното крило на американскиот Конгрес и Европската комисија, но никаква правна тужба или официјален државен спор не е покренат.
Фактите говорат дека нема тужба од САД, туку извештај од Конгресот. Она што се толкува како „тужба“ или „напад“ од страна на Америка е всушност прелиминарен извештај објавен од Правосудната комисија на американскиот Конгрес, предводена од републиканското мнозинство. Во овој политички извештај се изнесуваат обвинувања дека Европската комисија вршела притисок врз технолошките гиганти и социјалните мрежи (како TikTok) за цензура на конзервативни гласови под изговор на „борба против дезинформации“.
Сепак, Конгресот на САД нема овластување ниту има поднесено тужба против ЕУ во меѓународен суд. Европската комисија веднаш реагираше на овие обвинувања, карактеризирајќи ги тврдењата од американскиот извештај како целосно апсурдни и неосновани, за што детално извести европскиот медиум European Interest.
Во однос на тврдењето во објавата дека „вујко Сем мисли поинаку за Ѓорѓеску“, тоа исто така не е точно. Позицијата на САД не е едногласна и не значи директна поддршка за Калин Ѓорѓеску како политичар, туку е дел од пошироката дебата за слободата на говорот на Интернет што ја водат соработниците на претседателот Доналд Трамп (како Илон Маск и Џеј Ди Венс) против строгата регулатива на ЕУ (Актот за дигитални услуги – DSA).
Наспроти наративот дека Ѓорѓеску е „невин“, романските разузнавачки служби декласифицираа документи кои покажаа координирана и масивна руска кампања на Тикток за манипулација на гласачите во Романија за време на првиот круг од изборите во декември 2024 година. Поради ова, Уставниот суд на Романија, а не ЕУ, донесе суверена одлука за поништување на изборите.
Обидот за повторна кандидатура на Ѓорѓеску беше блокиран од Централната изборна комисија на Романија поради сериозни прекршувања на изборната легислатива, како што детално анализираше меѓународниот медиум Politico во својот извештај за блокирањето на неговата претседателска трка.
Дополнително, Ѓорѓеску не е жртва на некаков меѓународен прогон диктиран од ЕУ, туку се соочува со сериозни обвиненија од романските правосудни органи за организиран криминал, перење пари и финансиска измама во вредност од 1,1 милион евра, поради што беше ставен во куќен притвор.
Тврдењето изнесено во објавата содржи сериозни дезинформации и манипулација со факти. САД не ја тужат ЕУ, туку се работи за извештај од Конгресот. Поништувањето на изборите и правните процеси против Калин Ѓорѓеску, пак, се одлуки на независните романски институции (судови и разузнавање) врз основа на докази за илегално финансирање и странско мешање, а не декрет на Брисел.
Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар