Извитоперен опис на состанокот за Украина на Трамп, Зеленски и европските лидери

Објавата дава извитоперен опис на средбата меѓу Трамп, Зеленски и европските лидери од 18.08.2025 г., припишувајќи им изјави и постапки, кои ги нема во снимките и транскриптите од настанот и во ниту еден релевантен и кредибилен извор

Објавата дава извитоперен опис на средбата меѓу Трамп, Зеленски и европските лидери од 18.08.2025 г., припишувајќи им изјави и постапки, кои ги нема во снимките и транскриптите од настанот и во ниту еден релевантен и кредибилен извор. Некому објавата може да му заличи на шега или сатира, што би можело да се прости, но тоа не е така – таа е објавена во Фејсбук-група на една политичка партија (мала и без пратеници, но, сепак, политичка партија), што дава посебна тежина, па ова не е шега, туку пропаганда

 

Рецензираме објава од социјалната мрежа Фејсбук, која, покрај другото, вели:

ВЕЧЕРА ЗА ИДИОТИ
Филмот сигурно сте го гледале?

Е ова беше вечера за идиоти, така беа поредени, и такви глупости тресеа, само што немаше вечера.

Така објавата го опишува мировниот состанок за Украина во Белата куќа од 18.08.2025 г. меѓу Доналд Трамп (САД), Володимир Зеленски (Украина), Марк Руте (НАТО), Урсула фон дер Лајен (ЕУ), Емануел Макрон (Франција), Фридрих Мерц (Германија), Џорџа Мелони (Италија), Александар Стуб (Финска) и Кир Стармер (В. Британија).

Авторот на објавата е проруски настроен и е критичар на тие европски политичари, па тврди дека Трамп, кој донекаде ѝ е наклонет на Русија, нив ги понижувал. Ние немаме право на авторот да му забраниме лично мислење, но тој нема право да дезинформира. Објавата им припишува изјави и постапки на учесниците на состанокот, кои ги нема ни во еден релевантен и кредибилен извор.

Некому објавата може да му заличи на шега или сатира, што би можело да се прости, но тоа не е така – таа е објавена во Фејсбук-група на една политичка партија (мала и без пратеници, но, сепак, политичка партија), што дава посебна тежина, па ова не е шега, туку пропаганда.

Не случајно објавата е илустрирана со не баш ласкава фотографија од состанокот, на која гостите делуваат како послушни ученици, на кои Трамп како да им диктира што да прават, небаре е професор зад катедра, а тоа е неговото претседателско биро (англ. Resolute desk) во Овалната соба. Но, тоа е селективен приказ каков што сега шират проруските пропагандисти за состанокот.

Од состанокот има и други слики, а и клипови и транскрипти, кои докажуваат дека таа сцена е само дел од состанокот, кој се одржал во повеќе простории на Белата куќа, меѓу кои е Државната трпезарија (State Dining Room), а Трамп таму ги третираше гостите со почит, седејќи со нив на иста маса. Тој ги поздрави и ги претстави со суперлативи, а и ги сослуша, иако ја критикуваа Русија.

Објавата не соответствува со овој клип и другите извори околу настанот, а ние ќе ги наведеме сите манипулации во неа, почнувајќи со оваа:

Трамп најпрво ги праша за што е состанокот? И откако не им дозволи да одговорат им се исмеја во лице?!

Таква изјава на Трамп и таков инцидент не најдовме, а Трамп ја започна средбата со следниве зборови:

Ви благодарам многу. Голема чест е да ве имаме тука. Ова е посебно место. Белата куќа е особена без разлика од каде и да сте. Таа претставува толку многу и навистина е прекрасна.

И, ви благодарам за сите прекрасни нешта кои се случија денес. Имавме многу успешен ден досега. Важни дискусии како што работиме да го завршиме убивањето и да ја запреме војната во Украина.

Сите работиме на истата цел. Многу проста цел. Ние сакаме да го запреме убивањето, да го смириме ова.

Штотуку имав чест да бидам со претседателот Зеленски во сите дискусии што ги имавме.

Трамп тука објаснува дека најпрвин се сретнал само со Зеленски, за во состанокот потоа да се вклучат и останатите гости, а во врска со тоа, објавата вели:

На германскиот канцелар од (аријска раса) му рече дека има многу јак тен, праша каде се исончал? А кога тој му одговори дека сè уште не бил на одмор, го праша дали има домашен солариум?!

Трамп го коментираше тенот на Мерц, но само како комплимент за неговиот физички изглед, а нема доказ дека тоа било прикриено подбивање во врска со некаква ариевска раса.

Мерц не се декларира како „Ариевец“ и партиски е демохристијанин, а не нацист, што е идеологија која во неговата земја Германија е забранета.

Навистина, Трамп му има кажано нешто поврзано со нацизмот, но не на таа средба, туку на друга, во јуни. САД тогаш го празнуваат Денот „Д“, па Трамп коментирал дека тој празник му е непријатен на Мерц, но тој одговорил дека му е мило што САД ја ослободиле Германија од нацизмот.

И, Мерц не рече дека сè уште не бил на одмор, а Трамп не го праша дали има домашен солариум. Објавата се бави со баналности за да го забошоти она што Трамп реално го изјави за Мерц:

Канцеларот Мерц од Германија, кој е мошне силна личност и мошне силен лидер и мошне високо ценет во Германија. И, тој е мој пријател и е чест да го имам како мој пријател.

Објавата изнесува невистини и за комуникацијата меѓу Трамп и францускиот претседател:

Потоа на Макрон му рече да се разведри, зошто преговорите се за Украина, не за Франција.

Такво нешто нема во снимките, кои се однесуваат на Макрон (тука и тука), а објавата потоа се осврнува на комуникацијата меѓу Трамп и Мелони:

На Мелони и рече дека е многу млада за ваква политика, како воопшто преживува и ја праша дали и е досадно, зошто таа си ја врткаше косата на прст и си ги чепкаше ноктите…

Тоа е извитоперен опис на она што Трамп ѝ го рече на Мелони, што се гледа од снимките, кои се однесуваат на неа (тука и тука), а во реалноста тој ѝ рече:

Премиерката Мелони од Италија, која таму е навистина голем лидер и инспирација. Таа сега службува, иако е многу млада личност, таа таму службува подолг период во однос на некои други. Тие не траат толку долго. Вие траете долго. Вие ќе бидете таму долго време.

За Трамп објавата потоа вели:

Фон дер Лаен ја праша што и е примарно? Таа одговори, украинските деца, тој крајно дрско и цинично и рече дека тоа е работа на црвен крст и хуманитарните организации, а од ЕУ, очекувал повеќе.

Тоа е неточно. Откако Фон дер Лајен говореше за украинските деца киднапирани од страна на рускиот окупатор, Трамп рече дека состанокот е свикан заради друга причина, што создава лажен впечаток дека тие деца на Трамп му се небитни, но тоа не беше негова реплика во врска со децата, туку почеток на нова тема на разговор – трговскиот договор меѓу него и Фон дер Лајен.

Трамп сакаше да каже: иако состанокот е свикан заради друга причина (Украина), Трамп сепак би сакал да ѝ заблагодари на Фон дер Лајен за тој трговски договор, а дрскост и цинизам немаше.

Трамп и тоа како разговарал со Фон дер Лајен за тие деца и изјавил дека тоа е врвен проблем и дека ќе работи на нивно враќање заедно со ЕУ. Неговата сопруга Меланија Трамп дури упати писмо за проблемот до Владимир Путин, за кого Меѓународниот кривичен суд издаде потерница за киднапирање на тие деца.

Трамп не им го префрла тој „жежок костен“ на Црвениот крст и хуманитарните организации, кои не ги ни спомена, а иако тие понешто можат да помогнат, тие не можат да ја присилат или измолат Русија да ги врати тие деца. За тоа се потребни моќни политичари, притисоци или преговори, па споменувањето на тој проблем на состанокот беше сосема на место.

Сето тоа објавата го извитоперува, а за Трамп го вели и ова:

Не го препозна финскиот премиер и го праша кој е?

Стуб одамна не е премиер на Финска, што бил само од 2014 до 2015 г., туку е претседател на таа земја. Кога Трамп посака да го поздрави и претстави пред останатите гости, вистина е дека се збуни, па разгледа наоколу барајќи го Стуб. Но, тоа не беше злонамерно и потценувачки, во смисла дека Стуб е небитен и дека затоа Трамп не може да го препознае. Трамп и Стуб имаат заедно играно голф, што покажува дека Трамп не ги отфрла европските лидери и дури се дружи со нив. Тука веројатно се работело за обична забуна, а откако Трамп го најде Стуб, за него со почит рече:

Ох, изгледате подобро отколку било кога досега. Но, завршивте голема работа и сакавме да ве имаме тука, затоа што сте некој, кого сите го почитуваме.

За Зеленски, пак, објавата вели:

На Зеленски не му дадоа микрофон, а кога се обиде да каже нешто на заедничкиот имаше пречки, шушкаше и го исклучија…

На снимката се гледа дека пред него има микрофон, но Зеленски како намерно да не говореше во него од следнава причина. Учесниците на средбата седеа од обете страни на една маса, близу која стоеја новинари, па Трамп и дел од гостите гледаа во новинарите, а Зеленски и останатите гости им беа свртени со грб. Можеби затоа Зеленски не сакаше да говори во микрофонот, туку се заврте кон новинарите зад него, говорејќи им ним, што можеби беше медиумски потег.

Нема доказ дека Трамп му направил саботажа на Зеленски за да го понижи и замолчи. Дури напротив, Трамп го покани Зеленски да дојде на негово место и да го користи неговиот микрофон, што беше голема чест, а смислата на тоа беше Зеленски да ги гледа новинарите в лице.

Сепак, Зеленски не се премести на местото на Трамп, што може би било премногу, туку просто се заврте кон новинарите, кои уредно ја регистрираа неговата изјава и таа не беше прекината.

Пред самиот крај на објавата, таа вели:

Средбата траеше половина час, зошто Трамп е многу зафатен, сите средби му траат помалку од еден час. BTW таа со Путин  траеше 2 часа и 40 минути.

Нешто помалку од половина час траел само делот од разговорот во трпезаријата, што го видовме во клипот, но активности имало и во Овалната соба (како што видовме на фотографијата во објавата), но и во т.н. Источна соба (East Room) – барем таков беше распоредот за состанокот објавен во медиумите. Што е за право, во распоредот немаше групна средба во Овалната соба, па тука имало измени.

Објавата вели дека Трамп одвоил многу повеќе време за Путин отколку за европските лидери, но средбата со Путин на 15.8.2025 г. требаше да трае минимум 6-7 часа, а заврши многу порано.

Објавата нагласува и дека Трамп немал вечера со европските лидери, но неа ја немаше ни со Путин, зашто таа беше откажана, што укажува на не баш успешна и не баш пријателска средба.

На крај, авторот на објавата вели:

Бидејќи јас сум “рубља патриот” и “националист-фундаменталист”, вие сами донесете заклучок.

Ние донесуваме заклучок дека авторот на објавата манипулира и дезинформира, иако во неа има вистинити детали од типот дека „Трамп го коментирал тенот на Мерц“. Но, тие не се толку битни и бројни, па затоа оценка за објавата е – невистинита.

 

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција