Извитоперена изјава на Трудо за економската војна меѓу САД и Канада

Фото: Принтскрин водео ФБ пост

Трамп сака да започне економска војна против Канада, а нејзиниот премиер Трудо смета дека тоа е лошо за самите Американци, затоа што алтернатива за ресурсите кои тие ги увезуваат од Канада би биле оние од Русија, Кина и Венецуела, кои се негативно настроени кон САД. Објава на Фејсбук ја пренесува оваа изјава во извитоперена форма, создавајќи впечаток дека Канада ќе набавува ресурси од тие земји како противодговор на економската војна започната од Трамп

Трамп сака да започне економска војна против Канада, а нејзиниот премиер Трудо смета дека тоа е лошо за самите Американци, затоа што алтернатива за ресурсите кои тие ги увезуваат од Канада би биле оние од Русија, Кина и Венецуела, кои се негативно настроени кон САД. Објава на Фејсбук ја пренесува оваа изјава во извитоперена форма, создавајќи впечаток дека Канада ќе набавува ресурси од тие земји како противодговор на економската војна започната од Трамп

 

Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:

Еве што вели Трудо,на Трамп

Ако ги качите царините ке бараме гориво од Русија,Иран,Венецуела,Кина итн

Напишаното се однесува на еден видеоклип вметнат во објавата од изјава на канадскиот премиер Џастин Трудо, но со внимателно прегледување на клипот заклучуваме дека објавата нè доведува во заблуда. Трудо во клипот не го изјавува она што објавата му го припишува, туку нешто поинакво.

Тема тука е економско-царинската војна, која претседателот на САД, Доналд Трамп, сака да ја започне против Канада. Според објавата, Трудо на тоа возвраќа дека Канада ќе набавува гориво од земји кои се негативно настроени кон САД: Русија, Иран, Венецуела и Кина, т.е. дека ќе соработува со противниците на САД. Но, Трудо такво нешто не изјавил, за што сведочи и самиот клип.

Она што Трудо навистина го изјавил е следното. Трамп има зацртано економска преродба на САД, т.е. нив сака да ги воведе во некаква „Златна ера“. За таа цел, ним им се потребни природни ресурси (челик, алуминиум, минерали и енергенси), кои Канада ги има, па, според Трудо, за САД би било контрапродуктивно да ја расипат соработката со Канада со некаква економска војна.

Според Трудо, ако ја расипат соработката со Канада, алтернативен извор на ресурси за САД ќе мора да бидат земји, кои се негативно настроени кон САД, како Русија, Кина или Венецуела.

Во објавата се споменува и Иран, но Трудо не го споменува во клипот. Тој се состои од куси извадоци од прес-конференција, одржана на 21.1.2025 г. во Монтебело, Квебек. Но дури ни во таа комплетна снимка не се споменува Иран, туку авторот на објавата тоа самоволно си го додал.

За тој прес на Трудо пишуваа и светските медиуми, па да го цитираме делот, кој сега најмногу нè интересира (во оригинал на англиски):

The alternative for them would be more resources from Russia, China, or Venezuela.

Или во превод:

Алтернативата за нив ќе биде повеќе ресурси од Русија, Кина или Венецуела.

Значи, наспроти она што го тврди објавата, САД, а не Канада, би можеле да се најдат во ситуација да набавуваат ресурси од земји како Русија, Кина и Венецуела – барем така смета Трудо. Тој не вели дека Канада ќе го стори тоа.

Судејќи по коментарите оставени под објавата, повеќето читатели не сфатиле за што точно се работи во неа, со исклучок на еден од нив, кој му укажува на авторот на објавата дека згрешил:

Ова се однесува за САД , не за Канада.

Авторот на објавата го видел коментаров и му кликнал „допаѓање“, но не презел ништо за да ја коригира или отстрани. Таа и натаму вели „ќе бараме гориво“, небаре тоа го вели Трудо од името на Канада. Правилно би било „ќе барате гориво“, затоа што Трудо ги предупредува Американците дека можеби ќе мораат да бараат ресурси од некои земји, кои се негативно настроени кон САД.

Ние сфаќаме дека понекогаш се случуваат печатни грешки, забуни или немарност, но авторот на објавата не ја коригирал грешката, иако таа му била посочена од читателот, па се прашуваме дали авторот неа намерно ја оставил. Истиот автор повеќепати сме го забележувале во ширење на дезинформации.

Но, без разлика дали тука се работи за невина грешка или намерно дезинформирање, напишаното во објавата е секако невистинито и ја доведува јавноста во заблуда. Извадоците користени во клипот, пак, се вистинити, а иако тука има монтажа (во смисла на сечкање, лепење и др.), тоа не делува како некаква злонамерна монтажа, па општата оценка за објавата ќе биде дека таа е делумно невистинита.

 

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција