Јакимовски: Специјалниот обвинител побара пуштање од притвор на Верушевски

Фото: Мета

Градоначалникот на Општина Карпош и претседател на  „ГРОМ“, Стевчо Јакимовски, во емисијата „ 24 Анализа“ на телевизијата 24 Вести (29.12.2015 година), меѓу другото, изјави:

Навистина е чудна и шизофрена ситуацијата во која што оној што е претставник на државата, односно што ги штити државните интереси, обвинителот, а не одбраната на обвинетиот, бара ослободување, односно пуштање од притвор (Верушевски н.з.) …

  [Извор: 24 Вести (од 0,50 до 1,05 минута од видеото) Датум: 29.12.2015]

 

Образложение:

Само во овој дел од неговиот настап во емисијата има – две невистини. Како прво, Јавното обвинителство не ги штити интересите на државата, туку ги гони сторителите на кривични и на други дела. Впрочем, функцијата и целта на јавното обвинителство се утврдени во членот 2 од Законот за Јавно обвинителство кој прецизира:

Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.[Пристапено на 04.01.2016]

Втората невистината изјава е дека јавниот (специјалниот, н.з.) обвинител, а не одбраната побарале ослободување од притвор на осомничените во случајот „Пуч“.

Тоа не е точно, зашто барање за укинување на мерката притвор до судот упатува одбраната, а јавното обвинителство се согласува или, не со свое мислење кое го доставува до судот. Критериумите и постапката за укинување на мерката притвор се утвредни во членот 173 од Законот за кривична постапка. [Пристапено на 04.01.2016]

Во таа смисла дел од медиумите,  доследно на постапката за укинување на мерката притвор ја пренесоа и веста, според која судот го прифати мислењето на специјалното јавно обвинителство во однос на барањето на одбраната на осомничените во предметот „Пуч“ да им биде укината мерката за обезбедување притвор.

Еве само еден пример:

Зоран Верушевски, првоосомничен во случајот Пуч би можел да излезе од притвор, откако специјалното обвинителство, во одговор до Судот за барањето на неговите адвокати за укинување на притворот, предложило на Верушевски да биде ослободен со кауција и да му биде определена мерка – да не го напушти живеалиштето. односно градот Скопје.Истотака како превентивна мерка би му бил одземен пасошот. [Пристапено на 04.01.2016]

Извори:

 

Оценил: Зоран Бојаровски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција