Јакимовски тврди – МФ негира: Не сме ги блокирале сметките на општините
Изјавата на Стевче Jакимовски, довчерашен градоначалник на Општина Карпош и лидер на партијата ГРОМ, дека Министерството за финансии уште во петокот на 13.10.2017 ги блокирало сметките на општините во РМ е невистина. „Вистиномер“, поради сериозноста на едно вакво тврдење, гo провери искажаното од Јакимовски на ТВ Алфа, на две најповикани адреси: Министерството за финансии (МФ) и Заедницата на единиците на локална самоуправа во РМ – ЗЕЛС
Довчерашниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, ја даде следната изјава која според проверката на „Вистиномер“ не е вистина:
Изјава: …И не е само тоа. Можете да замислите, Министерството за финансии ги блокира сметките на сите општини во Република Македонија од 13.10 2017, од петокот…Значи сите налози што се платени… И сега јавно прашувам – по кој закон тоа го прави Министерството за финансии? Зашто ние сме градоначаници…во рок од седум дена после тоа (по прогласувањето на официјалните резултати – н.з.) се примопредава власта…Што значи се демонстрира една глупост, се демонстрира една грубост, еден, како да кажам, нецивилизиран трансфер на власта…
[Извор: ТВ Алфа, емисија ЅИД (18 мин) – датум: 19.10.2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Изјавата на Стевче Jакимовски, довчерашен градоначалник на Општина Карпош и лидер на партијата ГРОМ, дека Министерството за финансии уште во петокот на 13.10.2017 ги блокирало сметките на општините во РМ е невистина.
„Вистиномер“, поради сериозноста на едно вакво тврдење, гo провери искажаното од Јакимовски на ТВ Алфа, на две најповикани адреси: Министерството за финансии (МФ) и Заедницата на единиците на локална самоуправа во РМ – ЗЕЛС.
Од Министерството го добивме следниот одговор:
Сметките на општините не се блокирани, исплатите од истите вршат на редовна основа. Што се однесува конкретно на сметката на Општина. Карпош, истата е блокирана поради извршно судско решение и по исплатата ќе биде одблокирана…
Оттаму го добивме и појаснувањето дека не постои ниту законска основа МФ своеволно и по сопствено наоѓање да ги блокира сметките, освен во случај на судска одлука за извршување.
Впрочем, тоа се потврдува и од информациите од септември што ги објавија дел од медиумите, дека тогаш имало блокирано 18 општини во РМ, но по судски налози и дека ДИК ќе се вмеша со своја помош за да не се одрази таквата состојба на изборниот процес.
Од ЗЕЛС се изненадени од тврдењето на Јакимовски кое им го посочивме во комуникацијата по електронска пошта и ги прашавме дали нешто презеле за тоа, ако е точна информацијата. Еве го одговорот што го испратија:
Информацијата е целосна новост за нас. Во ЗЕЛС никој не се јавил да го посочи проблемот и да бара наоѓање на решение. Тоа е и причината зошто не сме реагирале досега.
Според одговорите од двете најповикани институциии за ваквата изјава на Јакомовски, може да се констатира дека тврдењето „Министерството за финансии ги блокирало сметките на сите општини во РМ почнуваќи од 13.10.2017“, односно на два дена пред одржувањето на првиот круг од локалните избори, е невистина. Единствено е вистина дека е блокирана сметката на Општина Карпош, (сигурно и некои други кои по судски налози биле блокирани и на крајот на септември), но тоа не се „сите општини во РМ“.
ИЗВОРИ:
- (19.10.2017) ТВ Алфа – Емисија Ѕид, интервју со Стевче Јакимовски – [Проверено на 20.10.2017]
- (2010.2017) Министерство за финансии – Одговор од МФ на прашање на „Вистиномер“
- (20.10.2017) ЗЕЛС – Одговор од ЗЕЛС на прашање на „Вистиномер“
- (01.09.2017) ФОКУС – Блокирани сметките на 18 општини, локалните избори ќе им ги плаќа државата – [Проверено на 20.10.2017]
- (29.09.2017) Нова Македонија – ДИК на 17 општини со блокирани сметки ќе им помогне да ги организираат изборите – [Проверено на 20.10.2017]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар