Јанакиески и Јанкуловска со најмногу кривични пријави од СДСМ
Неодамнешната прва официјална постапка на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), поврзана со изборна измама, со која беа опфатени повеќе лица, а против осум беше предложена и мерка притвор, секако е поврзана и со индициите кои можат да се најдат во незаконски прислушкуваните телефонски разговори, т.н. „бомби“ кои минатата година ги објавуваше опозицискиот СДСМ.
Со „Титаник“, како што беше наречен првиот случај на СЈО од самото обвинителство, како што можеше да се види, меѓу лицата кои се под истрага, се и поранешните министри во владата на екс-премиерот Никола Груевски, Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиески. Овој случај на СЈО произлегува од прислушкуваните материјали, но и од сите други елементи во предистрагата и истрагата кои произлегуваат од сегашната, но и претходната обработка на редовното обвинителство, кај кое беа поднесени крвични пријави од СДСМ во 2015 г. во неколку наврати, редоследно како беа објавувани „бомбите“.
Поднесување на кривична пријава не мора да значи ништо особено и секој против секого може да поднесе. Но во овој случај не мора да биде така, зашто овие се поврзани токму со индициите кои можат да се слушнат во телефонските разговори. Тие кривични пријави и постапките по нив кои ги почнало или само формално ги отворило редовното јавно обинителство, се предадени на СЈО, согласно законските прописи.
Тоа, пак, може да послужи за некаква компарација или насока кон која можеби ќе се движи во својата натамошна работа СЈО и затоа внимателно разгедување на тогашните кривични пријави не е на одмет. Тука, само како илустрација, ние ќе наведеме против кого се беа поднесени кривични пријави и колку.
СДСМ лани со кривичните пријави опфати вкупно 10 лица, високи функционери во Владата, во одделни министерства, во една општина и во ДИК. Со пријавите беа опфатени: Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Сашо Мијалков, Горан Груевски, Љупчо Тодоровски, Мартин Протуѓер, Љупчо Димовски, Тони Трајковски и Бедредин Ибраими.
Пријавите се однесуваат на прислушкување на претседателот на СДСМ, противзаконско постапување при избори, злоупотреби во МВР, повторно поврзани со избори или со политичко дејствување на одредени лица, парцелите на Водно, поткуп, но и рушењето на „Космос“ на Фијат Цаноски и незаконско апсење на Љубе Бошковски.
Најмногу пати е пријавен Миле Јанакиески, а потоа следуваат и другите.
- Миле Јанакиески – 13 пријави
- Гордана Јанкуловска – 10 пријави,
- Никола Груевски – 5 пријави,
- Мартин Протуѓер – 5 пријави
- Сашо Мијалков – 4 пријави.
Другите пет пријавени лица имаат во просек по една кривична пријава.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар