Јанева ќе се избори со предметите, но дали и со опструкциите

Присилно доставување на судски предмети - и такво нешто имало. Фото: Zachary Corb

 

 

„Проблемот е во тоа што некои предмети ќе треба подолго да се истражуваат. Исто така, проблем може да биде и тоа што немаме специјален суд“, вели адвокатот Звонко Давидовиќ

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Специјалната обвинителка Катица Јанева, на 20 ноември, во последните часови од истекот на законскиот рок, од Јавното обвинителство доби преглед на 35 предмети што досега надлежните обвинителства ги оформиле по пријава на СДСМ, а кои произлегуваат од прислушуваните материјали што ги објави опозицискиот лидер Зоран Заев. Јанева, всушност, доби преглед на сите предмети што во моментов се оформени во Основното јавно обвинителство – Скопје, во Обвинителството за организиран криминал, како и по еден предмет отворени во обвинителствата во Битола и Куманово.

Специјалната обвинителка, пак, побара пет предмети, кои според неа се приоритет за да може да почне со работа. Сепак, на изненадување на јавноста таа доби дури 35 предмети. Ова различно се протолкува, иако сè погласни се мислењата дека со тоа се минира работата на специјалното обвинителство.

Имајќи предвид дека и покрај сè, сè уште не е донесен Законот за вработување во јавнообвинителска служба, доставувањето на сите 35 предмети одеднаш е уште еден обид за опструирање на работата на ова обвинителство, тврди адвокатот Оливер Вуксановиќ.

Како што е познато, таа објави дека на секои 15 дена ќе побара по 5 предмети со цел таа и нејзиниот тим да имаат реална можност квалитетно да ги проучат списите на секој предмет поединечно и во законски предвидениот рок да се произнесат околу стварната надлежност за понатамошно постапување по предметите. Претпоставувам, познавајќи ги повеќето од колегите во Специјалното обвинителство, а имајќи предвид оти народот во ова обвинителство ја гледа надежта за враќање на вербата во правото и во правосудниот систем во Република Македонија, дека ќе вложат максимален потребен напор во својот ангажман и дека ќе успеат да ги запазат законски предвидените рокови за воспоставување на стварна надлежност на предметите – вели Вуксановиќ.

Според адвокатот Звонко Давидовиќ, пак, нема да се блокира работата на специјалното обвинителство со овој чекор.

Јас лично ги познавам обвинителите. Тие и досега работеле успешно и работеле голем број предмети. Комплицираноста не е до бројката. Проблемот е во тоа што некои предмети ќе треба подолго да се истражуваат. Исто така проблем може да биде и тоа што немаме специјален суд. Обвинителството и досега добро си ја работеше работата. Поднесуваа обвиненија, но тие се само странка во случаите. Судовите не се изборија досега за своите права. Од друга страна, пак, проблем е и тоа што обвинителката нема свој тим, па прашање е колку луѓето во УБК и полициијата ќе сакаат да соработуваат со неа. Значи има поголеми проблеми отколку дали одеднаш добила еден куп предмети. Тие се обвинители и тоа ќе го средат во законскиот рок, но што правиме со овие други проблеми? – вели Давидовиќ.

 

ОБВИНИТЕЛИ ВО СПЕЦИЈАЛНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО

Советот по неколку неделни препирања, сепак, избра 12 од предвидените 14 јавни обвинители. Обвинители во Јавното обвинителство се: Ленче Ристевска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро, сите од Основното јавното обвинителство-Скопје, како и Лиле Стефанова од Јавното обвинителство за гонење кривични дела од областа на корупцијата и организираниот криминал. Тие им се придружуват на седумте обвинители избрани претходно: Бурим Рустени, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Стевчо Донев и Фатиме Фетаи.

 

Извори:

Утрински весник (20.11.2015, 17:35) АНЕВА ДОБИ ПРЕГЛЕД ЗА 35 ПРЕДМЕТИ, НО НЕ И ЗА „ПУЧ“ (Пристапено 10.12.2015)

Правдико (26.11.2015)  Јанева ги побара „Пуч“, „Израeлска опрема“, „Изборни измами“ (Пристапено 10.12.2015)

Пресс24 (05.11.2015, 08:33) Свечена изјава на 12-те јавни обвинители од тимот на Катица Јанева (Пристапено 10.12.2015)

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција