Јанг беше уапсен за неовластен пристап во компјутерски систем, а не зашто открил „смртоносни серии на вакцини“
Податоците презентирани од Бери Јанг се засновани на лажна претпоставка за прекумерна смртност и во нив отсуствуваат следниве критични елементи: возраста на вакцинираните, причините за смртта, профилот на вакцинација, времето на администрација на вакцината во однос на времето на смртта, споредба на стапката на смртност со контролна група невакцинирани луѓе
Податоците презентирани од Бери Јанг дека „вакцините биле посмртоносни отколку што се очекувало во овие серии“, во отсуство на какво било друго каузално објаснување, се невалидни. Како што пишуваат „Елиника хоаксес“, тие се засновани на лажна претпоставка за прекумерна смртност и во нив отсуствуваат следниве критични елементи: возраста на вакцинираните, причините за смртта, профилот на вакцинација, времето на администрација на вакцината во однос на времето на смртта, споредба на стапката на смртност со контролна група невакцинирани луѓе
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Ми упаднаа дома и ме уапсија затоа што обелоденив серии од вакцината против КОВИД кои се смртоносни.“Катастрофална стапка на смртност кај сериите на „Фајзер“ (PFIZER):Серија 1: 152 смртни случаи од 711 вакцинирани → 21,4% починатиСерија 2: 38 смртни случаи од 221 → 17,2% починатиСерија 3: 48 смртни случаи од 310 → 15,5% починати.Вообичаена стапка на смртност во тој период? Само 0,75%.Статистичка веројатност ова да се случи случајно? Приближно 1 спрема 100 МИЛИЈАРДИ.Неговиот директен заклучок: „Статистички, невозможно е оваа вакцина ДА НЕ убива луѓе.“Сепак, наместо да покренат истрага… властите му упаднаа во домот и го уапсија. Бари Јанг ,Нов Зеланд
Бари Јанг беше администратор на база на податоци вработен во „Те Вату Ора“, или „Здравје на Нов Зеланд“, кој беше уапсен зашто нелегално изнел здравствени лични податоци и му ги дал на трето лице. На 30 ноември, Јанг се појави во видео со Лиз Ган од Нов Зеланд, која е позната по ширењето теории на заговор за ковид вакцините, дискутирајќи за информациите од базата на податоци.
Набргу потоа, вработениот, човек по име Бери Јанг, беше уапсен и обвинет за неговата улога во пробивањето на податоците, според „Њу Зеланд Хералд“. Те Вату Ора во изјава посочија дека „нема никакви докази дека вакцинацијата е одговорна за прекумерната смртност во Нов Зеланд“, додавајќи дека Јанг „нема клиничка позадина или експертско знаење за вакцини“ и дека „тоа што го тврди е сосема погрешно, а неговите коментари го демонстрираат тоа“.
На „Те Вату Ора“ му е изречена и забрана за отстранување на сите информации од базата на податоци што остануваат онлајн за да се заштити приватноста на луѓето.
Наспроти објавеното во објавата што ја рецензираме, не е докажано дека наведените серии предизвикале смртност од 15 до 21 процент. Овие проценти се претставуваат како доказ за смртност предизвикана од вакцината, но таков заклучок не може да се извлече само од бројот на вакцинирани и бројот на луѓе кои подоцна починале. Како што пишуваат проверувачите на факти на „Елиника хоаксес“ во Нов Зеланд, само 4 смртни случаи се оценети како евентуално поврзани со вакцинацијата, додека во првите две години од пандемијата, смртноста во Нов Зеланд била историски негативна.
Како што пишуваат „Елиника хоаксес“, податоците презентирани од Бери Јанг дека „вакцините биле посмртоносни отколку што се очекувало во овие серии“ во отсуство на какво било друго каузално објаснување, се невалидни, бидејќи се засновани на лажна претпоставка за прекумерна смртност и во нив отсуствуваат следниве критични елементи: возраста на вакцинираните, причините за смртта, профилот на вакцинација, времето на администрација на вакцината во однос на времето на смртта, споредба на стапката на смртност со контролна група невакцинирани луѓе.
„Елиника хоаксес“ наведува анализа на Норман Фентон во која се заклучува дека тврдењата на Јанг водат до низа можни толкувања, не се засноваат на цврсти докази и се особено проблематични по дефиниција, поради целосното непознавање на потребните информации за профилот на вакцинираните и неточните претпоставки на тврдењата.
Не е докажано наведеното во објавата дека Бари Јанг бил уапсен затоа што открил смртоносни вакцини, туку поради неовластено пристапување и објавување здравствени податоци. Фактот дека Јанг ги поврзувал податоците со смртни случаи не докажува дека тоа е причината за апсењето.
„Вистиномер“ и претходно дебанкираше тврдења кои се однесуваа на дезинформации за наводни „смртоносни дози на вакцини“ против ковид.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар