Јанко Илковски: Дали Сорос Фондацијата е избркана од Русија и Украина

Јанко Илковски, водител на емисијата „Јади бурек“

 

Во својата емисија „Јади бурек“, во која гостин беше премиерот Никола Груевски, Јанко Илковски се обиде да го убеди да ја протера Фондацијата Отворено Општество Македонија (дел од меѓународната мрежа Сорос Фондации) од територијата на Република Македонија. Во таа прилика Илковски рече дека Фондацијата била избркана од Русија и Унгарија. Дали е тоа точно?

Јанко Илковски, водител на емисијата „Јади бурек“
Јанко Илковски, водител на емисијата „Јади бурек“

Еве го тој дел од разговорот во два дела. Прв дел:

Никола Груевски: „И тука имаат огромна поддршка од организациите кои што ги финансира Институтот отворено општество (не е јасно на кого точно, односно на кого конкретно се мисли: дали на целата опозиција, дали конкретно на СДСМ или на некој друг– н.з.), бидејќи тоа меѓународно…

Јанко Илковски: Да…

Никола Груевски: …вмрежено, нели има такви организации во многу држави…

Јанко Илковски: Не е меѓународно, тоа е неколкународно (??? – н.з.). Неколку земји им се заблагодарија и ги избркаа – Русија, Унгарија и така натаму. Не функционираат. Дали имаме ние веќе имаме простор да реагираме: или да се кореигра нивното работење, бидејќи некои нивни активности, кои се антидржавни и антимакедонски веќе ја преминуваат границата. Знам дека понекогаш играте како Касиус Клеј (Груевски се насмевнува – н.з.)), вртите околу противникот и на крај ќе му влезете во гард. Мислите ли дека веќе ја поминаа црвената линија со такви…, тие…, делувања и внесувања на пари, кои се директно насочени против македонскиот народ и македонската држава?

Втор дел, (…) Пет минути подоцна разговорот се навраќа на истата тема:

Јанко Илковски: Можеме ли да му се заблагодариме, да му кажеме: 10, 15 години, фала многу за помошта, пријатно!

Никола Груевски: Па, не! Ние засега таква тактика не сме одбрале. Знаете што, за нас велат дека нема демократија, викаат, урлаат СДСМ… и сѐ додека тоа толку гласно го викаат, го урлаат и сите го слушаме, само… самите си докажуваат дека има демократија. Во држава во која што нема демократија нема да го чуете тоа. Така? Така што не би преземале, сега засега, такви чекори поврзани со затворање на такви институции и слично. Нека финансираат, нека работат…

[Датум: 23.01.2015, извор: Сител 3 ТВ]

 

Образложение:

На ваквата изјава реагираше извршниот директор на Фондацијата, Владимир Милчин:

Соросовата фондација во Русија ја затвори Џорџ Сорос во 2003 година, кога Русија беше во економски и финансиски подем со над 6%. Тогаш тој изјави дека не му се чини соодветно да продолжи со помошта која до таа година достигна милијарда долари.

Соросовата во фондација во својата татковина Унгарија Џорџ Сорос ја затвори во 2007 година, откако Унгарија влезе во Европската Унија. Тогаш ја затвори и фондацијата во Словенија, на пример.

Во 1997 година Џорџ Сорос ја затвори својата фондација во Белорусија како одговор на постојаните напади од страна на Лукашенко.

За оваа проблематика има многу извори. Еве што вели унгарскиот претставник во Фондацијата, Питер Низак, директор на Унгарскиот проект, кој е дел од Иницијативата за Европа отворено општество. На прашање за порталот Vita.it зошто фондацијата во Унгарија е затворена тој вели:

Унгарската Сорос Фондација беше затворена во 2007. Тоа беше одлука менаџментот на Институтот отворено општество и на Џорџ Сорос лично заради влегувањето во ЕУ и затоа што има други позагрозени и понеразвиени региони во светот.

Веб сајтот на унгарската Фондација се уште е на Интернет и на насловната страна се објаснува дека Џорџ Сорос уште во 2004 година, самиот побарал активностите да се намалуваат без никаква присила. Инаку, до ден денешен, во Будимпешта се наоѓа седиштето на Институтот Отворено општество – Будимпешта, кој служи како административен и управен центар за многу иницијативи на локалните фондации во регионот. Неговото седиште е во рамките на Универзитетот за Централна Европа и во рамките на институтот се отвораат и нови работни места, како на пример, ова.

Кога станува збор за Русија, пак, најдобар извор е еврејскиот дневник Forward („Напред“), чиј опсежен напис од 4 јули 2003 година за заминувањето на Фондацијата од Русија, покрај останатото, го вели и ова:

Минатиот месец, сепак, светски познатиот филнатропист ја прогласи годишнината на својот Институт отворено општество во Русија на својот вообичаен начин: затворајќи ја.

Јавната перцепција, барем во Русија, е дека излезот на Сорос е драматичен и неочекуван Всушност, тој сепак, пополека ги намалуваше активностите во оваа земја изминатите неколку години. Сепак, соопштението означува значителна промена во рускиот политичко и економско милје, а значењето и импликациите остануваат предмет на контроверзии.

Објаснувањето на самиот Сорос за повлекувањето е многу едноставно. Тој проценува дека две третини од неговите филантропски активности се однесуваше на кон нешта кои вообичаено би требало да бидат во надлежност на руските власти: финансирање на научници, кои осиромашија со колапсот на советската економија, на пример, или снабдување на јавните универзитети со интернет пристап и учебници. Со оглед на тоа што рускиот буџет сега е во позитива, а економскиот раст изнесува над 6 отсто, Сорос на прес конференцијата во Москва на 9 јуни истакна „дека повеќе не е прикладно … да се продолжи со субвенционирањето на руската држава“.

Она што е точно, тоа е дека Сорос Фондацијата навистина беше присилена да си замине од Узбекистан. Тамошните власти побараа од невладините организации да се пререгистрираат според нови закони, сите грантови требаше да бидат одобрени до страна на панел составен од владата, владата си даде право на вето врз активностите на НВО секторот, вработените во ОСИ беа вознемирувани и под закани од страна на министерствата за правда и надворешни работи, а Владата на Узбекистан им забрани на сите едукативни институции да соработуваат со ОСИ. Истата таа Влада има затворено десетици илјади граѓани на Узбекистан од политички причини, има куп случаи на мачење, забрани за регистрација на домашните организации за човекови права, итн.

Фондацијата во Белорусија, пак, Сорос ја затвори во 1997 година, откако вработените беа подвргнати на кривични истраги од страна на тамошните власти предвоедни од последниот европски диктатор Александар Лукашенко. Она што треба да се знае за Белорусија во 1997 година тоа е фактот дека помошта кон оваа земја тогаш ја замрзнаа и САД и Европската унија.

Ако состојбата еден ден стане слична и во Македонија, како и во Узбекистан 2003 и Белорусија 1997 година, во таков случај никој нема да треба да го „брка Сорос“ од Македонија. Многу поверојатно е дека Сорос и неговата меѓународна фондација сами ќе ја повлечат поддршката која и ја даваат на ФООМ во земјава.

 

Линкови:

Реакција на извршниот директор на ФООМ, Владимир Милчин [Пристапено на: 03.03.2015] https://www.facebook.com/vmilcin/posts/10153032016303374

OSI Budapest [Пристапено на: 03.03.2015]  http://www.opensocietyfoundations.org/about/offices-foundations/open-society-institute-budapest

Uzbek Government Forces Closure of Local Soros Foundation [Пристапено на: 03.03.2015] http://www.opensocietyfoundations.org/press-releases/uzbek-government-forces-closure-local-soros-foundation

Grants Officer at Open Society Foundation, Budapest, Hungary [Пристапено на: 03.03.2015] http://jobsinngos.com/hungary/grants-officer-open-society-foundation-budapest-hungary/

Soros’ man in Budapest  [Пристапено на: 03.03.2015] http://www.vita.it/it/article/2010/04/13/soros-man-in-budapest/100174/

Open Society Foundations [Пристапено на: 03.03.2015] http://en.wikipedia.org/wiki/Open_Society_Foundations

Soros Pulls the Plug on Russia’s Open Society Institute [Пристапено на: 03.03.2015] http://forward.com/articles/7611/soros-pulls-the-plug-on-russia-s-open-society-in/

Веб страницата на унгарската Сорос Фондација [Пристапено на: 03.03.2015] http://www.soros.hu/

Soros Closes Foundation In Belarus [Пристапено на: 03.03.2015] http://www.nytimes.com/1997/09/04/world/soros-closes-foundation-in-belarus.html

 

Оцени: Владимир Петрески

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција