Јапонија ги нема прогласено ковид вакцините за „најсмртоносен лек“ во историјата
Јапонија честопати е мета на дезинформации во врска со ковид вакцината и досега се забележани случаи кога нивни студии се погрешно презентирани од страна на антивакцинални теоретичари на заговори. Во објавата се споменува панел од научници кој наводно, потпишал декларација дека „ковид вакцината е најсмртоносна и дека придонесува за раст на 200 болести“. Не постојат вакви или слични наводи ниту во јапонските медиуми, ниту на страницата на Министерството за здравство на Јапонија. Сајтот „Нулта Тачка“ од каде доаѓа оваа „вест“, е познат по ширењето на теории на заговор и неосновани, нефактички тврдења.
Јапонија честопати е мета на дезинформации во врска со ковид вакцината и досега се забележани случаи кога нивни студии се погрешно презентирани од страна на антивакцинални теоретичари на заговори. Во објавата се споменува панел од научници, кој, наводно, потпишал декларација дека „ковид вакцината е најсмртоносна и дека придонесува за раст на 200 болести“. Не постојат вакви или слични наводи ниту во јапонските медиуми, ниту на страницата на Министерството за здравство на Јапонија
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
“МОДЕРЕН МАСАКР” со мРНК ВАКЦИНИ – ОТРОВ – во СВЕТОТ. И не запираат, со нови, уште поопасни самореплицирачки “вакцини”. Дали истото не очекува и со детските “вакцини”, “модерен масакр” кој сеуште трае??? ЗАРЕМ СЕУШТЕ ВЕРУВАТЕ на ОВАА КВАЗИ НАУКА на БИГ ФАРМА, СЗО и нејзиниот главен финансиер, т.е. сопственик, психопатот БИЛ ГЕЈТС??? Погледајте го видеото, за да ви станат нештата по јасни. Со изненадувачка декларација, јапонските научници ја означија ВАКЦИНАта COVID-19 како НАЈСМРТОНОСНИОТ ЛЕК ВО ИСТОРИЈАТА НА МЕДИЦИНАТА, тврдејќи дека ЛИЦАТА одговорни за оваа глобална здравствена криза мора да бидат КРИВИЧНО ГОНЕТИ. Неодамнешните истражувања открија алармантни врски помеѓу вакцините со мРНК против КОВИД и значителниот скок на над ДВЕСТА НАЈСМРТОНОСНИ БОЛЕСТИ во светот. Врвните јапонски истражувачи со страшно предупредување: овие вакцини негативно влијаат на секој можен аспект од човековото здравје. Со овие врски што сега се појавуваат низ светот, импликациите се запрепастувачки. Можеби сте забележале ТРЕНД НА ЛУЃЕ кои…, НЕНАДЕЈНО УМРЕЛЕ. Додека Бил Гејтс и извршниот директор на Pfizer, Алберт Бурла се подготвуваат за судење во Холандија, водечките јапонски медицински научници се собираат да бараат правда, барајќи одговорност за оние кои го организирале воведувањето на вакцината mRNA против СОВИД-19. Водечките јапонски медицински експерти објавија, означувајќи ги вакцините како „отров“ и глобалната кампања за вакцинација ја опишуваат како „модерен масакр“. За време на итна прес-конференција одржана од водечки медицински експерти и членови на јапонскиот парламент, панел од почитувани медицински експерти излезе на сцената за да достави предупредување до јавноста.
На веб-страницата на Министерството за здравство на Јапонија, се наведува дека „вакцината против ковид 19 е одобрена откако нејзината ефективност и безбедност се потврдени и откако студиите што биле извршени дома и во странство, покажале дека кај сериозни случаи била превенирана сериозна болест, хоспитализација или смртен исход во случај на коронавирусна инфекција“. Исто така, јасно е дека во календарот за имунизација на Јапонија, вакцините се апдејтираат со нови, приспособени вакцини. Тоа не би се правело, ако „Јапонија ја прогласела мРНК вакцина против ковид за најсмртоносна“.
Во случајот со омикрон варијантата и вакцинацијата во текот на есента и зимата од 2020 година, има извештаи кои потврдуваат дека 40 до 70 проценти од хоспитализациите поради коронавирусната инфекција се превенирани во Јапонија, пишува на страницата на Министерството за здравство на Јапонија.
„Вистиномер“ ја разгледа страницата на јапонското Министерство за здравство кое е надлежно за спроведување на здравствените политики во државата и никаде нема било што слично наведено како во објавата што ја рецензираме – „дека ковид вакцината од страна на Јапонија била наречена најсмртоносниот лек во историјата на човештвото“. Доколку навистина такви истражувања и наоди биле добиени, тогаш тоа би било дефинитивно објавено од страна токму на Министерството за здравство на Јапонија, како официјалнa институција на земјата одговорна за јавното здравје и здравствените политики. Познати се случаи кога студии спроведувани во Јапонија беа погрешно интерпретирани за погрешно да сугерираат дека „вакцините допринеле за зголемена прекумерна смртност“, иако конкретната студија не се занимавала воопшто со причината за зголемената прекумерна смртност. Јапонија има и вакцина против ковид 19 од домашно производство.
Во текстот кој се споделува од заговорничкиот сајт „Нулта Тачка“ се наведува дезинформацијата дека вакцините против ковид 19, наводно убиле 17 милиони луѓе ширум светот, што „Вистиномер“ веќе го има дебанкирано овде.
Во текстот на „Нулта тачка“ се прави компарација меѓу скандалот со лекот Талидомид и ковид вакцината, што е неосновано.
Талидомид е лек што бил користен од илјадници жени ширум светот во 1950-1960, за намалување на утринските мачнини во бременоста. Лекот е повлечен од употреба во 1961 откако се појавија докази дека предизвикува дефекти кај плодот и спонтани абортуси. Лекот е пренаменет за третман на рак на коските за лица постари од 65 години, но со бројни рестрикции.
Има огромни разлики меѓу одобрувањето на Талидомид и ковид вакцината. Програмата за ковид вакцината беше строго регулирана за разлика од онаа за Талидомид. Системот за пријавување на несакани ефекти не постоел во времето на Талидомид. Системот на лиценцирање на лековите од времето на Талидомид е комплетно реформиран, а вакцините против ковид се тестирани.
Јапонија често е мета на дезинформации поврзани со ковид вакцините а дел од нив Вистиномер веќе ги има дебанкирано.
Во текстот на „Нулта Тачка“ кој е споделен во објавата што ја рецензираме, не е наведено од кои доктори доаѓа наводната декларација која треба да ги претстави вакцините како најсмртоносниот лек во историјата на човештвото. Не се наведени ни докторите кои би требале да ги претставуваат „врвните научници“ кои наводно дошле до таков заклучок. Нашите пребарувања на интернет не резултираа со ниту една содржина со таков опис, освен онаа на „Нулта тачка“ што е споделена во објавата.

Не постојат ниту извори кои релевантно тврдат дека вакцините против ковид „придонеле за пораст на 200 најсмртоносни болести“. Роберт Ф. Кенеди во 2021 година има пласирано исто тврдење дека наводно вакцините против ковид 19 се најсмртоносниот лек во историјата, но користел податоци од ВАЕРС, платформата во САД за пријавување на сомненителни несакани ефекти. Тоа е нерелевантен и ненаучен метод што е истакнато и на самата страница на ВАЕРС.
Не е вистина дека, наводно, вакцините биле „отровни“.Тоа го потврдуваат сите релевантни здравствени организации и институции од земјава и од светот. Само како еден пример, во земјава се вакцинирани над 869 илјади граѓани против ковид. Доколку вакцините против ковид беа отровни, тогаш смртноста во земјава значително ќе се зголемеше, или пак, ќе имаше голем број на несакани ефекти коишто ќе беа пријавувани во МАЛМЕД и така ќе се сфатеше дека постои проблем со вакцините – што не се случи. Центарот за контрола и превенција на болести на САД наведува дека вакцините против ковид се безбедни.
Вакцините против ковид-19 беа предмет на испитување и ќе продолжат да бидат предмет на најинтензивно мониторирање на нивната безбедност. Доказите од стотици милиони вакцини против ковид-19 кои веќе се администрирани во САД и милијардите вакцини администрирани глобално, покажуваат дека тие безбедни и ефекасни. Сите вакцини поминуваат низ ригорозни проверки и независни проценки со цел да се осигура нивната безбедност и делотворност. Истото се однесува и на вакцините за деца, кои се проблематизираат во објавата.
Видеото кое е споделено во објавата, всушност има за цел да прошири теорија на заговор дека наводно Бил Гејтс знаел дека ќе има ковид пандемија – како и главниот вирусолог на САД Ентони Фаучи – само затоа што предупредувале за оваа опасност неколку години пред ковид пандемијата. Инаку, ова е бесмислено, но оди во корелација со сето она што се случува од стартот на ковид пандемијата, кога беа ширени бесмислици дека пандемијата е планирана однапред и ја нарекуваа „пландемија“. Тоа што СЗО и светот се подготвуваат за нови и нови патогени е превенција и подготвеност, а не планирање.
На пример, „Болест Х“ е име што Светската здравствена организација (СЗО) му го даде на непознат иден патоген со потенцијал да започне тешка глобална епидемија. Терминот беше дискутиран од експертска комисија на состанокот на Светскиот економски форум во 2024 година во Давос. Ковид-19, предизвикан од новиот коронавирус, беше пример за „Болест Х“ кога почна да се шири кон крајот на 2019 година. Постои потенцијал вирусите да се прелеат и да заразат други живи суштества, вклучително и луѓето, создавајќи инфекција против која луѓето ќе немаат имунитет. Но, таква можност постоеше и вчера и лани и пред пет години.
Тековната листа ги вклучува ковид-19, кримско-конго хеморагична треска, вирусна болест ебола и марбург вирусна болест, ласа треска, Блискоисточен респираторен синдром (МЕРС) и тежок акутен респираторен синдром (САРС), Нипа и хенипавирусни заболувања, треска од долината Рифт, Зика и болест Х.
Таргетирањето на приоритетните патогени и вирусни семејства за истражување и развој на контрамерки е од суштинско значење за брз и ефикасен одговор на епидемијата и пандемијата. Без значајни инвестиции во истражување и развој пред пандемијата ковид-19, немаше да биде возможно да се развијат безбедни и ефикасни вакцини во рекордно време, изјавил д-р Мајкл Рајан, извршен директор на Програмата за здравствени итни случаи на СЗО.
Исто така, и дезинформациите изнесени за Бил Гејтс веќе се рецензирани.
Во објавата се провлекува и старата теорија на заговор за „луѓе што ненадејно умреле“ после вакцинација. Вистината е дека теоретичарите на заговори секоја природна или смрт настаната поради болест која им наликува на „ненадејна“ ѝ ја припишуваат на ковид вакцината без никакви докази. Тоа го прават и со одредени професии, како на пример спортистите, и снимаат пропагандни документарни филмови со таа тематика.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар