Јапонија не е во „вонредна состојба“ за ковид вакцините ниту го обвинува Бил Гејтс за геноцид
Наспроти изнесеното во објавата, вакцините против ковид-19 не се хемиско оружје. Нивните состојки се јавно достапни за секој вид вакцина, несаканите ефекти се мониторираат од официјални релевантни медицински тела и агенции, а во светот се администрирани милиони дози и потврден е безбедносниот поволен профил на вакцините против ковид-19. Вистиномер и претходно има дебанкирано слични невистини.
Јапонија не го обвинува Бил Гејтс за геноцид поврзан со детски вакцини и нема никакви официјални обвиненија или истраги против него од страна на јапонски власти. Нема никакви официјални изјави од јапонската влада, Министерството за здравство, ниту од правосудниот сектор во врска со какви било обвиненија против Гејтс. Наспроти тоа, Јапонија го одликува Гејтс во 2022 година со орденот Rising Sun како признание за неговиот придонес кон глобалното здравје и правото на вакцинација
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
ВОНРЕДНА СОСТОЈБА: ЈАПОНИЈА ГО ОБВИНУВА ГЕЈТС ЗА ГЕНОЦИД СО ДЕТСКА ВАКЦИНА?! Јапонија е во пламен. Еруптира медицински бунт. Токио штотуку прогласи национална вонредна состојба по експлозијата на смртни случаи кај деца – сите поврзани со инјекции со mRNA. Педијатриските одделенија се преоптоварени. Собите за обдукција се преплавени со детски тела. А врвните научници во Јапонија штотуку го детонираа глобалниот наратив. Нивната цел: Бил Гејтс. Не се теории. Не се гласини. Овој пат е официјално. Почитуваните имунолози, генетичари и форензички патолози истапија напред – обвинувајќи го Гејтс и неговата фармацевтска империја за употреба на инјекции со тројански коњ под лажниот наратив на „вакцинација“. „Ова не е вакцина. Тоа е војна со био-код“, рече д-р Кенџи Јамамото, поранешен советник на NIH. Зад сцената, протечени биотехнолошки меморандуми поврзани со лаборатории финансирани од Гејтс откриваат: – Синтетичка РНК дизајнирана да го наруши хормоналниот развој – Самореплицирачки код кој НЕ се деградира – Нанотехнолошки агенси способни да ја заобиколат крвно-мозочната бариера Ова не е теорија. Ова се класифицирани форензички докази. Јапонската научна заедница го вклучува алармот, разоткривајќи го она што го тврдат како намерна програма за депопулација камуфлирана како јавно здравје. Сега го нарекуваат она што навистина е: масовна медицинска саботажа. А децата се доказот. Извештаите од обдукцијата се осудувачки: – Отечено, воспалено срцево ткиво – Формирање на згрутчувања на крв во микро-садови – Колапс на невронски структури – Неоспорни траги од синтетички полимери во мозокот Еден испитувач беснееше: „Ова не се несакани ефекти. Ова се товари. Ова е хемиско војување маскирано како грижа.“ Јапонија го прекина молчењето. Кој е следен? Гејтс. СЗО. Фајзер. Картелот „Длабока држава“ што го промовираше овој отров знаеше ТОЧНО што прави. И сега, пукнатините во браната се незапирливи. Бунтот на Јапонија е само почеток. Ова не е медицина. Ова е војна. Ова не е здравствена заштита. Тоа е геноцид. И оние што го одобрија тоа мора да се соочат со правда во стилот на Нирнберг. Вие бевте предупредени. Сега е војна. Крвта на децата повикува. Тик. Так #Спасетегидецата#спасетегинашитедеца ПРЕВЗЕМЕНО И ПРЕВЕДЕНО. https://www.facebook.com/share/1C9s84GjEh/Вакви вести вообичаено не одат јавно, истражувајте од каде е оваа вест, немам линк, бидејќи е многу сериозно.
Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, во Јапонија во моментов – а ниту во поблиското минато – не била прогласена „вонредна состојба поради детска вакцина“. На 30 јули 2025 година, земјотрес со магнитуда од 8,7–8,8 степени по Рихтер го погоди рускиот полуостров Камчатка. Тоа предизвика предупредувања за цунами, што доведе до предупредување за евакуација на околу 2 милиони луѓе во Јапонија – особено по должината на брегот на Пацификот. Но, одговорите на природните катастрофи и безбедносни опасности се управуваат преку воспоставени системи за алармирање во итни случаи во Јапонија, а не преку управување со вонредни состојби.
Исто така, Јапонија не го обвинува Бил Гејтс за геноцид поврзан со детски вакцини и нема никакви официјални обвиненија или истраги против него од страна на јапонски власти. Нема никакви официјални изјави од јапонската влада, Министерството за здравство, ниту од правосудниот сектор во врска со какви било обвиненија против Гејтс. Наспроти тоа, Јапонија го одликува Гејтс во 2022 година со орден Rising Sun како признание за неговиот придонес кон глобалното здравје и правото на вакцинација.
Нема докази дека во Јапонија имало голем број смртни случаи кај деца – наводна „експлозија“ поврзана со МРК вакцините. Ова тврдење не е поткрепено. Слични дезинформации се појавија и во април годинава, но дебанкирани се од проверувачите на факти на „Ројтерс“. Во конкретните дезинформации погрешно се цитираа заклучоците на студија, коишто всушност тврдела дека вишокот смртни случаи во Јапонија се зголемил за време на пандемијата со ковид-19, но не се споменуваше никаква „експлозија на смртност кај вакцинираните“. Самите истражувачи од студијата за „Ројтерс“ ги адресираа невистинитите тврдења односно „наводната експлозија на смртни случаи“ која во конкретниот случај со објавата што ја рецензираме е надополнета со нова невистина – дека експлозијата на смртност била меѓу децата.
Не е точно дека гужвите во педијатриските одделенија во Јапонија биле предизвикани од несакани ефкети од ковид вакцинација со МРНК вакцина, ниту дека собите за обдукција биле преполни со детски тела. Сето ова е измислица.
Вакцините против ковид-19 за деца во Јапонија имаат демонстрирано силен безбедносен профил со многу ретки сериозни несакани ефекти. На страницата на Министерството за здравство на Јапонија се препорачува вакцинација за децата, а за несакани ефекти се посочуваат сличните како кај возрасните – болка на местото на инјектирање, замор, главоболка, треска и слично.
Повеќето од овие несакани ефекти се благи до умерени и не се идентификувани значајни безбедносни проблеми, пишува на страницата на Министерството за здравство на Јапонија каде се додава дека вакцинацијата за децата во Јапонија се препорачува зашто тие имаат иста веројатност да бидат заразени со ковид-19 како и возрасните.
Објавата изобилува со бомбастични зборови – дека „врвни научници детонирале глобален наратив а нивната цел е Бил Гејтс“, но вакви текстови ниту официјални соопштенија не постојат, а уште помалку од Министерството за здравство, владата или од имунолози, генетичари и форензичари и патолози.
Во објавата се спомнува доктор Кенџи Јамамото за кого се тврди оти изјавил дека „Ова не е вакцина туку војна со био-код“. Д-р Кенџи Јамамото е кардиоторакален хирург кој во 2022 година објави писмо до уредникот во списанието Virology Journal , каде што изрази лична загриженост за негативните ефекти по мРНК вакцините, но не повика на престанување да се користат и не користел термини како „војна“ ниту имал политички функции поврзани со NIH.
Фондацијата Гејтс, во соработка со Mitsubishi UFJ Research and Consulting (MURC), го поддржа лансирањето на WELCO Lab for Global Health. Оваа платформа ги обединува компаниите посветени на обезбедување решенија за справување со глобалните здравствени предизвици, користејќи ја технолошката експертиза на Јапонија за решавање на прашања, како што се испорака на вакцини, спречување на заразни болести и исхрана. Во објавата невистинито и без докази се тврди дека „класифицирани форензички докази“ и „биотехнолошки меморандуми“ за кои нема приказ и не се презентирани „докажале“ наводни нарушени хормонални развои, нанотехнолошки агенси кои се способни да ја заобиколат крвно мозочната бариера. Вакцините се безбедни и не содржат нано-технологија во нив.
Јапонските научници не тврдат дека вакцинацијата е „намерна програма за депопулација“.
Наспроти изнесеното во објавата нема никакви докази за „масовна медицинска саботажа врз деца со докази од обдукции“. За „отечено воспалено срцево ткиво“ има еден случај во Јапонија потврден кај 14 годишно девојче со обдукција кое починало два дена по третата доза од вакцината на Фајзер.
Во извештај од 2022 година, јапонски истражувачи испитале 54 смртни случаи по вакцинацијата во рок од 7 дена од вакцинацијата со мРНК. Тројца од нив имале миокардитис потврден на обдукција. Овие наоди се сметаат за ретки несакани ефекти поврзани со вакцинацијата кај некои поединци. Но далеку од тоа дека вакцинацијата е „хемиско војување“ или дека доведува до широк број на несакани ефекти од толку сериозен размер.
До 1 април 2024 година во Јапонија се администрирани над 436 милиони дози вакцини според сајтот на канцеларијата на премиерот на Јапонија. Проверувачите на факти на Франс прес ги адресираа дезинформациите по сличен терк како во објавата што ја рецензираме, каде се тврдеше дека „Јапонија официјално ги нарекла мРНК вакцините против ковид најсмртоносниот лек во историјата“.
Наспроти изнесеното во објавата, вакцините против ковид-19 не се хемиско оружје. Нивните состојки се јавно достапни за секој вид вакцина, несаканите ефекти се мониторираат од официјални релевантни медицински тела и агенции, а во светот се администрирани милиони дози и потврден е безбедносниот поволен профил на вакцините против ковид-19. Вистиномер и претходно има дебанкирано слични невистини.
Вакцините не се отров промовиран од некаков „картел“ и „длабока држава“ како што се тврди невистинито во објавата, a Бил Гејтс и во минатото беше таргет на слична дезинформациска кампања која имаше за цел да го претстави како убиец и промотор на отров. Наспроти тврдењата во објавата, вакцините ниту се отровни, ниту со нивната администрација е направен „геноцид“.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар