Jавен документ, стар четири децении, лажно се претставува како план на СЗО за убивање луѓе

Во постот се изнесуваат дезинформации опасни по јавното здравје. Иако, експлицитно не се споменува вакцинацијата против ковид-19, сепак актуелниот контекст во којшто се изнесува меморандум стар 36 години, кога во некои земји се размислува за трета бустер доза од ковид- вакцината, имплицира дека наративот е споделен со цел да се поткопа вакциналниот процес во услови на масовна имунизација

Во постот се изнесуваат дезинформации опасни по јавното здравје. Иако, експлицитно не се споменува вакцинацијата против ковид-19, сепак, актуелниот контекст во којшто се изнесува меморандум стар 36 години, кога во некои земји се размислува за трета бустер доза од ковид- вакцината, имплицира дека наративот е споделен со цел да се поткопа вакциналниот процес во услови на масовна имунизација

 

 

Рецензираме пост на Фејсбук, во кој лажно се обвинува Светската здравствена организација (СЗО), дека, наводно, во 1972 година објаснила како вакцините да се употребат за убивање луѓе.

Во постот се тврди:

СЗО уште од 1972 година планирала како да ги претвори вакцните во метод за убиство. Прво се деактивира имунолошкиот систем. Второ, секоја ќелија од жртвата да се наполни со вирус. И трето, се вклучува имунолошкиот систем и се предизвикува цитокинска бура, се вели во објавата во чиј склоп е поставена и фотографија од истото тврдење на англиски јазик.

Во англиската верзија на оваа бизарна и ноторна лага, базирана на медицинска некомпетенција, се вели дека Патрик Џордан го ,,открил” меморандумот на СЗО, со што се имплицира и се манипулира дека тој некако бил скриен од очите на јавноста, па морало Патрик Џордан да го разоткрива. Ова е базична манипулациска техника во многу теории на заговор – јавни документи, прописи и правила да се претставуваат небаре биле тајни, па специјално и само авторот на конспирациската теорија ги разоткрил и сега ѝ ги презентира на јавноста за да ѝ понуди спасение!

Но, фактите се следните:

Иако, ваквата теорија на заговор му е атрибуирана на наводен меморандум на Светската здравствена организација од 1972 година, се разбира дека ова скандалозно тврдење и наводен план за уништување на светското население не е на СЗО и не било дел од никаков меморандум.

Станува збор за дел од книгата што ја напишала руската авторка Татјана Грачова, ,,Кога власта не е од Бога”, објавена во 2010 година. Текстот, цитиран во постот што го рецензираме, се наоѓа на 64 страница од оваа книга на српски јазик во поглавјето насловено: ,,Вакцините се оружје за масовно уништување”.

Објавата се однесува на пандемијата со свинскиот грип од 2009 година, предизвикана од вирусот АХ1Н1. Во книгата се кажува дека Патрик Џордан открил некакви меморандуми на СЗО. Нашата проверка на факти покажа дека меморандумот на СЗО којшто се цитира во книгата се вика ,,Имунопатологија поврзана со вирусите, животински модели и импликации за човекови болести”.

Целата публикација е објавена на веб-страницата на американската национална библиотека за медицина на 6 февруари 1973 година, значи достапна е 36 години пред пандемијата со свински грип во 2009 година, па јасно е дека Патрик Џордан немало што да открива, бидејќи овој меморандум е јавен повеќе децении. Иако нема многу информации на интернет за Патрик Џордан, јасно е дека тој има своја страница за антивакцинални нартиви и теории на заговор.

Во меморандумот се кажува дека вирусите, освен тоа што самите по себе може да се опасни и да предизвикаат оштетување на ткивата, може да се предизвикувачи за патолошка имунолошка реакција на телото, поради што доаѓа до уништување на здравите ќелии во имунолошкиот систем. Цитокинска бура е еден пример на таква реакција. Како што се тврди во заклучокот, овој меморандум има два дела и ги изнесува тогашните достигнувања на полето на вирусната имунопатологија, односно утврдува дека новите концепти се важни за одредени болести кај луѓето.

Во меморандумот воопшто не се споменува вакцина, а уште помалку убиство преку вакцинација во три фази со три дози!

За странски проверувачи на факти имунолозите велат дека тврдењето не е втемелено во реалноста.

Имунологот Емина Милошевиќ вели дека меморандумот на СЗО комплетно е неповрзан со вакцината. Таа напоменува дека вакцините не можат да го вклучат или исклучат имунитетот.

Тоа е до таа мера небулозно и невтемелено, што од сите теории на заговор што сум ги чула досега, оваа ми е најдалечна од реалноста. Мене како имунолог не ми паѓа на памет ништо што би можело да изведе такво нешто, да вклучи и да исклучи имунитет, никакви супстанци не можат да го изведат тоа, вели таа.

Меморандумот цитиран во објавата што ја рецензираме, е научен труд што е потпишан од десетина научници од целиот свет.

Овој меморандум се занимава со неодамнешниот развој на вирусната имунопатологија со посебен осврт на системите на животинскиот модел и индицира можна релевантност на новите концепти и техники за одредени болести на човекот, се вели во првиот дел од меморандумот 

Во врска со ова, шефот на одделението за клиничка имунологија и инфективни болести на универзитетската болница „Хенри Мондор“ и институтот за истражување на вакцините, Жан Даниел Леливру, за АФП вели: .

Овој документ нема врска со вакцината. Да беше така, човештвото ќе беше веќе уништено, зашто секој примил 3 дози од иста вакцина.

Оттука, заклучуваме дека рецензираниот пост изнесува дезинформации опасни по јавното здравје. Иако не се споменува експлицитно вакцинацијата против ковид-19, сепак, актуелниот контекст во којшто се изнесува меморандуми стари 36 години, кога во некои земји се размислува за трета бустер доза од ковид- вакцината, имплицира дека наративот е споделен со цел да се поткопа вакциналниот процес во услови на масовна имунизација.

 

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција