Јавност и доблест: Зошто молчи претседателот?

Дочек во претседателската вила и внимателно слушање на вистинскиот шеф. Фото:  веб сајт на претседателот на РМ, јуни 2014
Дочек во претседателската вила и внимателно слушање на вистинскиот шеф. Фото: веб-страница на претседателот на РМ, јуни 2014

 

Кога Борис Трајковски беше избран за претседател, напишав дека отсега па натаму секој може да биде претседател на државата. По првиот мандат на Иванов, реков дека претседател веќе не ни е потребен

 

Пишува: Александар Шољаковски

 

Jавноста и медиумите посебно немаат среќа со претседателите на државата. Досега сме имале четворица, а ниту еден не се истакнал со комуникативност, добра релација со медиумите, желба за отвореност и за искреност кон популацијата, чесен отчет за тоа што го работи.

Дури и во ова време, кога има толку индикативни движењa на политичката сцена, кога сме сведоци на сериозни негодувања и на незадоволство, на насилство над политиката, врз демократијата, претседателот на државата или не се јавува или, ако се јави, тоа го прави со задоцнување и мошне, мошне бледо и површно.

Кога се јави со своето годишно обраќање во парламентот, тој не кажа речиси ништо. Воопштени фрази кои како да се извлечени од времето на еднопартискиот систем. Дури и за прашањето на воведувањето на државниот испит, тој се ограничи на ужасно плитки излитени формулации кои не значат ништо! А од него, како некогашен професор, се очекуваше повеќе.

Интересно е што овој однос кон јавноста се повторува кај безмалку сите претседатели во оваа 24-годишна македонска плурална историја. Претседателот со Уставот е замислен како човек кој ќе ги обединува стремежите, желбите и проблемите на популацијата и ќе се труди да ја препознае суштината и да помогне во нивно решавање. Неговата улога е да се стави во служба на општеството и на неговиот напредок.

Киро Глигоров, од денешна точка гледано, се чини беше највештиот во односот со медиумите и со јавноста. Тој се изложуваше во јавноста мошне внимателно, односно само кога тој сакаше. Имаше еден круг новинари преку кои тој, како политичар со богато искуство, пласираше податоци кои нему му одговараа. Тој беше секогаш пристапен за оние кои му се вклопуваа во плановите, а недостапен за оние кои не го симпатизираа.

Борис Трајковски се обиде да одигра некоја друга улога и во односот со јавноста. Без личен политички „бекграунд“ и без претходен професионален интегритет, се обидуваше да се прикаже како човек од народот, но и тоа го правеше на мошне рудиментиран начин. Во својата намера не успеа зашто тој беше човек на една партија и истуркан на тоа место со задача која требаше да ја исполни.

Бранко Црвенковски дојде на ова место и ќе биде запаметен како убедливо најлошиот (заедно со Иванов) во комуникацијата со јавноста. Таков беше, всушност, и на премиерската позицијата. Низ целата кариера Црвенковски имаше ретко лош однос кон јавноста. Никогаш не беше подготвен да разговара ад-хок на поставено прашење, да говори за некој проблем кој тековно се случува. Безмалку „информативно аутистичен“.

 

КОНФЕРЕНЦИИ ЗА ПЕЧАТ

Во светот се познати големите конференции за печат кои ги одржуваат, исто така, големи шефови на држави. Се паметат конференциите на Де Гол, на кои присуствувале и по повеќе од седумстотини новинари од целиот свет. И денес овие конференции можете да ги погледнете на интернет и да се уверите дека станува збор за историски лекции за комуницирање со јавноста, како и за сериозноста на политиката како занает. Американските претседатели редовно одржуваат вакви конференции и неделно се обраќаат преку радиомрежите. Пред некој ден и Путин на овој начин се соочи со јавноста, свесен за драматичноста и за историчноста на моментот во кој се наоѓа неговата земја.

Не знам во што е проблемот, но чинам дека на нашиве претседатели никој не им објаснил дека претседателот, шефот на државата, со потпишувањето на документот со кој прифаќа да биде шеф на една држава, се обврзува дека постојано ќе биде во контакт со народот и со јавноста. Тоа е како облигација, дека тоа му е работа и една од главните задачи.

Никој од нашите претседатели (а и другите во политиката, впрочем) не ја удостои јавноста со сериозни конференции за печат, со ненаместени прашања, со отворено и со директно соочување, па дури во тие соочувања да се има и непријатности. Способен политичар и во такви моменти ќе покаже дека го заслужува местото и привилегиите што ги има.

Можеби причината лежи во тоа што ниеден од нашите претседатели не успева или не може да излезе од својот партиски формат и стеги. И покрај декларациите „отсега сум претседател на сите граѓани“, никој не успеа да ја надмине борнираноста (ограниченоста, стеснетоста) на партиските политики.

 

СОМНИТЕЛНО ИЗБРАНИ

Можеби тоа произлегуваше од самиот чин на нивниот избор. Ниеден не е избран „чисто“, без изборни лажирања. Глигоров при вториот избор со оние несреќни „неважечки ливчиња“. Трајковски со очигледна партиска нагодба, фалсификати и енормно купување гласови. Црвеноквски којзнае како? Последниов, Иванов, со апстиненција на албанското гласачко тело. За ниеден од нив немаше каков-таков консензус. Ниеден од нив не беше признаен од сите партии. За опозицијата сите беа и сè уште се „господинот тој и тој“, „граѓанинот“. Тоа, сепак, мора да остави некоја трага.

Како и да е, само двајца од нив успеаја да одиграат некоја колку-толку историска улога. Глигоров ќе остане запаметен како некој кој на мирен начин нè раздружи од СФРЈ, а Трајковски како некој кој ги исполни желбите на моќните и беше извршител на Охридскиот договор.

А Црвеноковски и Иванов? За нив дури и добронамерниот не би можел да каже некој добар збор, дури ни како утеха.

Кога беше избран Трајковски за претседател, напишав дека отсега натаму секој може да стане претседател на државата. По првиот мандат на Иванов, во една телевизиска емисија, реков дека претседател веќе не ни е потребен. Тоа не се објави.

Ваквата оценка се базира, пред сè, на штетите што Иванов ги направи за демократските состојби во Македонија. Опкружен со некакви(!?) советници во претседателската палата на Водно, која, патем, нема никаква препознатливост, се обидува да сврти внимание на себе со уметнички инсталации, што и не е толку лошо. Но, за да биде прифатен и сфатен од популацијата, од јавноста, потребни се претседателски идеи и иницијативи.

На тој план Иванов целосно ја „зглајза“. Што ли е тоа што го сведува на базично послушно заложниче на Груевски? Што ли е тоа што од него прави трагикомична фигура и поддржувач (или премолчувач) и на најголемите нон-сенси кои доаѓаат од неговиот патрон? Каде ли се изгубија сите доблести на овој човек кој важеше за напреден интелектуалец, професор, мошне популарен меѓу студентите?

Ако некој рескира да остане запаметен во јавноста по една изјава („разумен компромис е разумен компромис“), тогаш мора да има многу длабоки причини за тоа.

Повлечен во претседателската палата, тој се покажа како промотор на налудничавата политика на „антиквизација“, како целосно некритичен апологет на идеите на Груевски и како девалватор и уривач на една значајна и суптилна функција каква што е претседателската. Иванов нема сигурно да остане запаметен како личност со историски придонес за државата и нацијата. Тој ќе остане како некој кој се спуштил до најниското ниво во политиката. Дали тој ќе може со тоа да се носи? Тоа е негов проблем. Но, за жал, и наш!

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција