Јово Вангеловски – нeпомирливот противник на СЈО

Фото: vsrm.mk

 

Кога беше избран за судија во Врховен немаше ниту ден искуство во судниците. Само еден месец потоа стана и прв човек на Судот. Освен по кумството со поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски, познат е и по неговата правна војна со тимот на СЈО

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Во редицата настани кои го одбележаа овој февруари, несомнено дека едeн од централните е рушењето на позицијата на СЈО од страна на Врховниот суд. Во одлуката на овој Суд, со која се потпишува „крајот“ на СЈО, која е инаку оспорувана од голем дел од стручната јавност, значајна е позицијата на претседателот на Судот, Јово Вангеловски. Тоа е судијата кого постојано го следи сенката на претходната власт и за кого во медиумите беше повторувана оценката дека е еден од клучните чинители на споеноста на третата со втората власт (правосудството со извршната власт).

Да потсетиме дека на 6 февруари годинава (2019) Вангеловски излезе од седницата на Судот и ја запозна јавноста дека „рокот на СЈО е истечен, ако добиеме жалба, ќе ја укинеме пресудата“. Ова Вангеловски го повтори вечерта и при гостувањето на ТВ Телма: „Законот е јасен, рокот е истечен и токму затоа општата седница на Врховниот суд безмалку едногласно ја констатира таа состојба. Ние не забрануваме никому ништо. Доколку Кривичниот суд донесе пресуда за некој предмет од СЈО отворен после рокот и осудениот се жали до Апелацискиот суд, а потоа жалбата стигне и до Врховен суд, тогаш Врховниот суд ќе ја укине пресудата, посочи Вангеловски“. Ова значеше дека адвокатите на обвинетите од случаите кои ги потегна СЈО после рокот од 18 месеци,  имаат обезбедено „ас во ракавот“ и финалето би било во нивна корист.

Нема сомнение и дека Вангеловски својата позиција во Врховен многу често ја користи да го нападне Специјалното обвинителство, во обид истото да биде маргинализирано. По негова иницијатива, се одржаа неколку седници на кои присуствуваа сите врховни судии, но мнозинство за прогласување на прислушуваните разговори, како неважечки докази, не беше обезбедена. Последен обид за општа седница за оваа тема Вангеловски ja имаше на 27 април минатата година. Судиите беа поделени за отфрлањето на бомбите

Вангеловски и претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски во меѓувреме беа во контрола на Основниот суд Гевгелија, каде работи судијката која ги потпиша налозите за претрес во канцеларијата и во домот на експретседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски, кој е под истрага на Специјалното обвинителство. „Ова е невиден притисок, сите сме на нозе во судов. Овој суд е со ниска надлежност, тука се судат кривични дела до 5 години затвор. Никогаш овде не дошло во контрола највисокото раководство на судството“, ќе се пожалат вработените во Основниот суд Гевгелија, според кои, Караџовски и Вангеловски најавиле дека таму ќе се задржат подолго. Највисоките претставници на судството отишле да го контролираат токму овој суд и токму додека траеше предистражната постапка на Специјалното обвинителство против Панчевски за оддавање службена тајна и за злоупотреби со АКМИС-системот, во врска со истрага што ја отворило СЈО претходно, а била поврзана со прислушуваните разговори.

Не се зaборава дека Вангеловски беше избран за претседател само неколку месеци откако дојде на функцијата врховен судија, што повеќе од јасно укажува на судбината зацртана во фамозното „тефтерче“. Претходно работеше како адвокат, без ниту еден ден судски стаж, што е преседан.

Фактот што така долго е на чело на Врховен (повеќе од десет години) се должи на тоа што е двапати биран на таа позиција. Првпат е избран во јули 2008 година, непосредно по смената на власта. Вториот пат тоа се случи на итна седница на Судскиот совет (!) на 13 март 2017 година, кога Вангеловски за неполн час е реизбран, а во трката беа и судиите Снежана Бајлозова, Лидија Неделкова и Беса Адеми.

На интернет страната на Врховниот суд во биографијата на Јово Вангеловски пишува дека тој е роден на 1 февруари 1960 година во Скопје. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во1982 година, а од следната година до 1986 година работи како стручен соработник во Окружниот стопански суд Скопје. Од 1986 до 2008 година работи како адвокат во повеќе правни области, во почетокот на кариерата стопанска и граѓанска материја, во последните 10 години на кривични предмети.

Кога во мај 2008 адвокатот беше избран за прв човек на Врховен суд, неговата вртоглава кариера ја засени кумството со експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски. За неговата улога во правосудството СЈО објави посебен извештај „„Сознанијата до кои дојде ова Јавното обвинителство при своето тековно работење, на кои секако се надоврзува јавно објавениот разговор меѓу Јово Вангеловски како претседател на Врховниот суд и Миле Јанакиески како министер за транспорт и врски, како и необјавени разговори остварени од страна на Јово Вангеловски во 2011 и 2012 година покажуваат непрофесионално и несовесно извршување на функцијата претседател на Врховниот суд на Република Македонија, на начин што истиот во повеќе наврати на свои соговорници им изнесувал информации од судските постапки кои се водат пред Врховниот суд, интервенирал кај други судии за предметите и давал сугестии за постапувањето“, се осврнува Јанева и на поврзаноста на Вангеловски и неговата поврзаност со врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

Вангеловски во 2015 година беше споменуван и во прислушуваните разговори на опозицијата од кои можеше да се слушне негов разговор од 2011 година со министерот за транспорт Миле Јанакиески, за случајот „Глобал“. Тој одеше и на распит во Обвинителството за сомнеж за местење на предмети.

Но, освен по кумството со поранешниот претседател на Парламентот, Трајко Вељановски и неговата правна војна со тимот на специјалната јавна обвинителка, Јово Вангеловски има долг анкетен лист, во кој е наведено што сѐ тој поседува. Во Антикорупциската комисија пријавил дека има четири стана во Скопје, деловен простор, градежно и земјоделско земјиште. Вози „Мерцедес“ Е 300 кој го купил во 2013 година, а освен тоа во гаражата на семејството Вангеловски уште има и „Лексус“, „Тојота“ и „Крајслер“. Поседува многу акции од кои зема дивиденда, а има и неколку кредити. Претседателот на Врховен е љубител на уметнички слики, а поседува сребрен и златен накит и два рачни часовници „Картие“.

На социјалните мрежи се јавуваат барања до Антикорупциска да испита дали тој го пријавил целиот имот, укажувајќи на наводна вила од 360 квадратни метри во летувалиштето Неа Мудања на егејскиот брег. Но и по она што е пријавено како имот во Антикорупциска Вангеловски секако е меѓу поимотните функционери во земјава.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција