„Кју“ фантазиите за апсењето и судењето на Бајден останаа во сферата на лагите

Џил и Џо Бајден Фото: Викимедија / Glyn Lowe PhotoWorks from lisbon, Portugal

Самата инаугурација на 46-тиот американски претседател Џо Бајден мина без ниту најмал инцидент, а наспроти невистините на теоретичарите на заговор на „Кју“ (Q) движењето, курсот на американската внатрешна и надворешна политика почна да се менува веднаш

Самата инаугурација на 46-тиот американски претседател Џо Бајден мина без ниту најмал инцидент, а наспроти невистините на теоретичарите на заговор на „Кју“ (Q) движењето, курсот на американската внатрешна и надворешна политика почна да се менува веднаш

 

Објава на Фејсбук на македонски јазик на ден пред инаугурацијата на новиот американски претседател, Џо Бајден, ширеше целосни дезинформации и невистини за тоа што ќе се случува при самата инаугурација.

Притоа, главна поента беше дека Доналд Трамп ќе остане во Белата куќа, а дека новоизбраниот претседател и бројни негови помошници или делови од администрацијата и други поранешни претседатели и актуелни членов на Конгресот ќе бидат уапсени, по што американските телевизии ќе пренесувале брзи судски процеси од воен суд кој ќе им судел:

Инаугурацијата ќе продолжи како што беше планирано во среда. Обвиненијата ќе бидат отпечатени во среда наутро и ќе бидат распишани потерници. Откако сите ќе бидат на место за инаугурацијата, Националната гарда ќе биде искористена за обезбедување на периметарот на областа Капитол, никој надвор, никој внатре. Маринците ќе ги чуваат тунелите под зградата на Капитол за да спречат некој да избега. Кога Бајден стапува на сцената, Тајната служба ќе го задржи и издаде потерници за приближно 50-100 членови на публика (вклучувајќи ги Бајден, Пелоси, Шумер, Обама, Клинтон). Многу обвиненија, вклучувајќи обвиненија за предавство. Сите маринци ќе ги пренесат во подземна воена база каде воениот суд ќе им суди во живо на телевизија за нивните злосторства. Сите телевизори автоматски ќе се приклучат на овој пробен период, без оглед на кој ќе го поставите. СИТЕ докази за нивните злосторства ќе бидат објавени. Уживајте во шоуто.

Над овој текст во објавата е постирано срце и буквата Q, со јасна намера дека тоа што е напишано е дел од планот на движењето Q, кое било под контрола на генералот на американската армија, Мајкл Флин.

Иако во старт оваа приказна делува како резиме на сценарио на некоја популарна серија од Нетфликс или од Ејч-Би-О, „Вистиномер“ со задоволство и професионална љубопитност го проследи телевизискиот пренос од американската тв мрежа Си-Ен-Ен и може да ги констатира следните факти:

Инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден, иако под досега невидени мерки за безбедност поради бунтовничкиот упад во Капитолот од пред две недели, помина беспрекорно и без најмал инцидент, а Бајден стана претседател на САД.

Немаше никакви замислени апсења, претседателот Бајден и потпретседателката Камала Харис положија заклетви, а наместо екс-претседателот Доналд Трамп, кој ја напушти Белата куќа пред инаугурацијата, на самиот свечен чин присуствуваше доскорешниот потпретседател Мајк Пенс.

Четириесет и шестиот американски претседател Џо Бајден веќе втор ден ја извршува функцијата не само без никакви инциденти, туку многу работно. Донесе 17 декрети со кои драматично ја менува американската политика што беше курсирана од Доналд Трамп и полека ги враќа САД во меѓународните односи како земја-велесила која активно е вклучена во меѓународниот поредок со конструктивен приод – од договорот за справување со климатските промени до активното учество во работата на Светската здравствена организација

Фантазиите и дезинформациите во постот што го рецензираме може да се означат како целосна невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција