Каде „Доказ“ виде „швалерка“ во изјавата на Сотирова Бухова?

[Рецензија: Бухова: Градоначалникот на Куманово со тоа што излегол од дома и се тестирал неколку пати ги прекршил протоколите швалерката дома нека си ја вика]

Праксата на овој портал  да поврзува функционери со швалерки, да им става на изворите „зборови во уста”, односно да додава непостојни делови од изјави во наслов, продолжува и со овој текст. Причина за ова може да биде намерата да се дискредитира некоја личност, во конкретниот случај градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, или пак, борбата за повеќе кликови.

Линк до оригиналниот напис: Бухова: Градоначалникот на Куманово со тоа што излегол од дома и се тестирал неколку пати ги прекршил протоколите швалерката дома нека си ја вика

Датум и време на објавување: 30.4.2020

Датум на рецензија: 2.5.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

Во насловот на текстот што го рецензираме на директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Ирина Сотирова Бухова, ѝ се накалемуваат зборови што се однесуваат на кумановскиот градоначалник, а кои таа воопшто не ги кажала: „да си ја вика швалерката дома”. Тоа може да се види од видео снимката од прес-коференцијата на Сотирова Бухова.

Вообичаено за овој портал, насловната конструкција е напишана во сензационалистички манир и таа содржи елементи што не постојат во написот. Наспроти професионалното правило: опремата на новинарскиот текст да биде веродостојна претстава и сиже на најважните поенти од текстот. Во време на пандемија, кога има хиперпродукција на вести и информации што предизвикуваат огромно внимание кај граѓаните, треба да се има предвид дека некои луѓе ќе го прочитаат само насловот.

Исто така, изјавите треба да се пренесуваат веродостојно, тие може да се парафразираат, но не до степен да се менува смислата и никако не смее да се додаваат работи што воопшто не биле кажани. Ова го налага новинарскиот Кодекс,  во кој е прецизирано дека новинарите треба да ја почитуваат вистината и да објавуваат точни и прецизни информации.

Од друга страна, со тоа што се инсинуира постоење на швалерка, се рушат дигнитетот на функционерот и неговиот личен углед. Ова е спротивно на принципите на етички исправното новинарство, кои јасно укажуваат дека новинарот ќе ги чува угледот и достоинството и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности.

Освен ова, проблем е и самиот цитат од настапот на Сотирова Бухова, кој е непрецизно пренесен. Имено, во делот каде што се објаснува протоколот за тоа како се тестираат оние што веќе се позитивни на Ковид 19 и ставени во домашна изолација, неточно се кажува дека тоа се прави само во Центарот за јавно здравје во Скопје. Ова не е точно, во секој град се вршат тестирања и во секој град каде што има Центар за јавно здравје се изработуваат резултатите од земените брисови.

Во интерес на вистината, еве што точно кажува Сотирова Бухова: (22 минута и 05 секунда во видеото од прес-конференцијата)

Дали се веќе констатирани како излекувани не, за излекувани се сметаат по протокол лица што се ковид-19 позитивни и ставени на домашно лекување, се тестираат после 14 ден од денот на издавање на решението од страна на Центар за јавно здравје каде што живеат пациентите. Оттаму доаѓаат од Центар за јавно здравје во заштитна опрема и брисевите се земаат исклучиво во домашни услови. Ако првиот брис е негативен во рОк од 24 до 48 часа истиот центар за јавно здравје испраќа екипа за втор брис. Доколку и тој е негативен, пациентот се смета за излекуван.

Замислете колку долга и макотрпна би била процедурата и колку неизводливо би било, сите брисеви од цела Македонија да се носат во Скопје на изработка, како што се вели во текстот на „Доказ“. Зошто да се прави тоа, да се трошат ресурси, да се развозуваат материјалите до Скопје, со тоа евентуално да се искомпромитираат?

Секој земен брис веднаш се носи на обработка откако ќе биде зачуван во специјален медиум, а самата изработка на тестот трае до 7 часа. Оттука, неточно е дека само во Центарот за јавно здравје во Скопје се изработуваат резултатите и оти таму се прави тестирањето по четиринаесетдневната изолација на потврден позитивен случај. Напротив,  според протоколот, за вакви лица брисот се зема во домашни услови со специјална заштитна опрема.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област. 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција