Каде српски ,,Информер” виде црвен аларм од НАТО?!

 

Српски ,,Информер” на 12 февруари годинава излезе со сензационалистички наслов – ,,Србијо, што подалеку од нив! Американското објаснување за тоа со што Северна Македонија и Албанија го заслужиле НАТО, е црвен аларм за нашата земја!”.

Проблемот, освен тоа што се работи за еден комплициран, некомпактен и премногу долг наслов, е во тоа што во изјавата на специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Метју Палмер, нема никакво објаснување. Значи, „американското објаснување” на кое се повикува насловот, во самиот текст го нема никаде.

Односно, насловот упатува на објаснување кое што во самиот текст не постои. Па , сугерирајќи постоење на информации кои би не се достапни во самиот текст, насловот ја манипулира јавноста.

Исто така, не постојат ниту детали за каков ,,аларм” станува збор. Текстот и насловот немаат никаква поврзаност, речиси и да може да се сметаат за два посебни света, кои немаат допирна точка еден со друг. Не може ниту да се заклучи на кои ,,нив” се мисли во насловот, кога се бара: ,,Србија да застане што подалеку од нив”.

Јасно е само дека со ваков  бомбастичен наслов се зазема антиамериканска страна.

Во својата изјава, американскиот претставник Палмер не  говори за тоа зошто Македонија и Албанија го заслужиле членството во НАТО. Тој укажува на руските напори да се поткопа поддршката за Преспанскиот договор меѓу Атина и Скопје, како уште еден пример на ,,злобните активности на руската држава”. И овој дел е комплетно одвоен од првиот дел од  текстот, во кој тврди дека ставот на САД е поддршка за Албанија и Македонија за европска перспектива.

Палмер, во својот наратив користи дипломатски речник, официјална и општа поддршка, во насока на евроинтегративните процеси на Македонија и Албанија, без притоа воопшто и да ја спомене Србија, или пак, на каков било начин да ја доведе во прашање.

Оттука, насловот претставува груб обид да се спинува и да се доведе во корелација поддршката на американскиот дипломат за Македонија и Албанија со некаков непостоечки црвен аларм за Србија.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција