Кај нас рокот за слободен пристап до информации е најдолг, ама и тој се пробива

Фото: Мета.мк

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер денеска одбележа 20 години од законот за од донесувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер 

 

Македонските институции исполнуваат околку 50 отсто од индикаторите за пристапност до информации од јавен карактер. Тие одговараат бавно иако имаат рок од 20 дена кој е најдолгиот во регионот, но и тој многу често го надминуваат. Многу често молчат пред барањата на граѓаните, новинарите или граѓанските организации и чекаат да добијат жалба. Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер денеска одбележа 20 години од законот за од донесувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Македонската Влада, во однос на регионалниот индекс на отвореност, е најотворена во регионот, Парламентот е на второ место, зад Црна Гора, а Крива Паланка е најотворена општина во земјата. Сепак, голем дел од институциите се уште се многу затворени во поглед на обврските информациите да ги направат јавно достапни за сите. На дното на листата се Министерствата за спорт, политички систем, но и општините Боговиње, Студеничани и Лозово.

„Tреба да преминеме од право да побараш информација кон право информацијата да ти биде достапна. Барањето за слободен пристап е исклучително важен демократски механизам и мора да остане таков. Но, најуспешен систем не е оној во кој граѓаните поднесуваат илјадници барања. Најуспешен е оној во кој за голем дел од информациите воопшто нема потреба да поднесат барање. Граѓанинот не треба да прашува колку јавни пари се потрошени, кој склучил договор, која одлука е донесена, што било ветено, што било реализирано или како институцијата располага со ресурсите што ѝ се доверени. Тие информации треба да бидат проактивно објавени, лесно достапни, разбирливи, ажурирани и, секогаш кога е можно, во отворен и машински читлив формат. Не во скениран документ од сто страници кој формално е објавен, но практично никој не може да го пребарува или анализира“, вели Данче Даниловска Бајдевска, програмска директорка на Фондацијата Метаморфозис.

Таа ги посочи најновите резултати од Индексот на отвореност на локалната самоуправа, каде анализите покажуваат дека пристапноста останува една од слабите точки на институционалната отвореност, кај извршната власт, според последното објавено мерење на Метаморфозис, пристапноста е најслабо оценетата област, со само 48,79% исполнетост на индикаторите што е пад од речиси пет процентни поени во однос на претходното мерење, кога изнесуваше 54,18%.

На локално ниво, најновото мерење за 2026 година покажува уште послаб резултат општините исполнуваат само 33,6% од индикаторите за пристапност, а само 50 од 81 единица на локалната самоуправа, односно 61,7%, одговориле во законскиот рок на барањата за слободен пристап до информации, наспроти 62 општини претходната година.

Според директорот, Петар Гајдов, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер годинава добила 334 жалби, во најголем дел од граѓани или граѓански организации, но посочи и дека институциите, иако го пробиваат рокот и добиваат жалби, сепак во најголем дел од случаите на крај ги доставуваат информациите.

„Слободниот пристап треба да значи проактивно објавување на информациите, да не се чека да се поднесуваат барања, туку самите институции да ги објавуваат на своите веб страниците и на тој начин граѓаните навремено да ги информираат“, рече Гајдов.

За амбасадорот на Шведска, Ола Солстром, прашањето на слободен пристап до информациите од јавен карактер е многу важно во време на дезининформации и други предизвици за демократијата заради што и земјите мора да продолжат заедно работат на транспарентноста, одговорноста и владеење на правото.

„Предизвиците на македонските граѓани, новинари или организации се многу слични на тие во Шведска, но разликата е во тоа што Шведска има многу долга историја на слобода на информациите, граѓаните ги знаат своите права, а институциите се брзи и имаат капацитети да ги обезбедат информациите“, вели  Солстром.

„Пристапот до информации е стандард од кој треба да има исклучоци доколку само доколку има некоја исклучителна причина“, смета амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Сомер, кој нагласи дека граѓаните мора да донесуваат одлуки кои треба да се базираат на информации, а нив треба да им ги обезбедат институциите.

Преземено од Мета.мк

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција