Како да ѕирнеме во имотот на политичарите

Презентација за броба против корупцијата - на сајтот на ДКСК
Слајд од презентација за борба против корупцијата – на сајтот на ДКСК

 

Ниту една земја, без оглед на тоа колку е демократска, не е имуна на феноменот на  корупцијата. Таа  подеднакво ги напаѓа владините функционери, политичарите, локалните лидери. Ги уништува националните економии, ги поткопува институционалните и моралните вредности и ја нагризува јавната доверба

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Колку се богати премиерот и претседателот на државата? Со каков имот располага лидерот на најголемата опозициска партија? Каде и како се поднесува претставка за злоупотреба на јавна функција? Одговорот на овие прашања може да се најде на сајтот на Државната комисија за спречување корупцијата, кој е прилично прегледен.

Насловна страна на сајтот на ДКСК
Насловна страна на сајтот на ДКСК

На левата колона  од почетната страница се наоѓа главното мени,  кое преку понудата со директни линкови овозможува полесно движење низ сајтот. Такви се: годишните извештаи, Програмата за работа, законската регулатива, финанските извештаи од изборите, иницијативите за спречување на корупцијата, следењето на имотната состојба на функционерите, составот на ДКСК.  Овде се поставени и линкови до некои поважни институции како: Собранието на РМ, Дирекцијата за заштита на личните податоци, Секретаријатот за европски прашања, Државниот завод за ревизија,  Управата за јавни приходи, Комисијата за заштита на правото до слободен пристап на информациите од јавен карактер.  Веднаш под нив се и линковите до  Советот на Европа, ГРЕКО (Група држави против корупцијата) Комитетот при Советот на Европа, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), како и до Транспаренси интернешнел Мкадеонија.

Во горниот десен агол од почетната страница има копче „мапа на сајтот“, кое, исто така, е своевиден патоказ низ сајтот. Преку ова копче пребарувањето на потребната информација може да биде и поедноставно. Особено ако се работи за податоци кои ги нема нагласено во менито на насловната страница.

Од содржините најавени на десната колона на почетната страница на  ДКСК, секако најинтересна е апликацијата за  податоците за имотната состојба на функционерите.

 

„Секоја моќ  корумпира, апсолутната моќ корумпира апсолутно“

 

Корупцијата е проблем што ги еродира општествата. Моќта и корупцијата одат заедно. Нивната специфична поврзаност, познатиот британски политичар и историчар од 19 век, Лорд Актон (1834-1902), одлично ја опишал со игра на зборови во неговата позната изрека ( 1887 година): „Секоја моќ  расипува (корумпира), апсолутната моќ расипува (корумпира) апсолутно“.

Ниту една земја, без оглед на тоа колку е демократска, не е имуна на феноменот на  корупцијата. Таа  подеднакво ги напаѓа владините функционери, политичарите, локалните лидери. Ги уништува националните економии, ги поткопува институционалните и моралните вредности и ја нагризува јавната доверба. И нашето општество, во сегашниот степен на развој, нема  отпорност на оваа социопатолошка девијантна појава.

 

Зошто е значаен сајтот на ДКСК и што предвидува Законот

 

Значајна улога во справувањето со ова зло, покрај истражните органи, обвинителството и судовите, треба да одигра и Антикорупциската комисија. Притоа, од исклучителна важност е доследното спроведување на  законските прописи како своевидна гаранција дека  корупциајта од секаков вид  ќе биде казнета и дека никој нема да биде привилегеран. Законот за спречување на корупцијата ја дефинира корупцијата  како:

 „искористување на функцијата, јавното оваластување, службената должност и положба за остварување на каква било корист за себе или за друг“

А, за  Државната комисија за спречување на корупцијата ги прецизира следните надлежност:

 „применува мерки и активности за спречување на корупцијата во вршењето на власта, јавните овластувања, службената должност и политиката, мерки и активности за спречување на судирот на интереси, мерки и активности за спречување на корупцијата при вршењето на работи од јавен интерес на правните лица сврзани со остварувањето на јавни овластувања како и мерки и активности за спречување на корупцијата во трговските друштва.“

 

Кој има обврска да пријави имот?

 

Според Законот  (член 33), носителите на јавна функција имаат обврска во рок од 30 дена од стапувањето на должност да пополнат анкетен лист за имотната состојба. Истото важи и при напуштањето или преземањето на нова функција. Врз основа на тие податоци се следи, дали во текот на мандатот функционерите драстично го зголемиле својот имот и доколку станале  премногу богати, дали  тоа го направиле на незаконски начин.

Презентација за броба против корупцијата - на сајтот на ДКСК
Презентација за борба против корупцијата – на сајтот на ДКСК

Исто така, во прилог со анкетниот лист се депонира и заверена изјава кај нотар за откажување од заштита на банкарска тајна за сите сметки во домашни и странски банки. Анкетниот лист и изјавата се доставуваат до Државната комисија и Управата за јавни приходи, а службеното лице до органот, односно правното лице во кое се вработува.

 

Кога се пријавува промена во имотната состојба?

 

Според Законот (член 33), секое лице, кое има обврска да достави анкетен лист за имотната состојба, должно е да го пријави и секое зголемување на неговиот имот, односно на имотот на член на неговото семејство, како што е:

„изградба на куќа или други објекти, купување на недвижности, хартии од вредност, автомобил или други подвижни предмети во вредност што надминува износ од дваесет просечни нето плати остварени во стопанството во предходниот тримесечен период“

 

Каква е имотната состојба на функционерите?

 

Увидот во анкетните листови на  актуелните функционери може да ни открие колкави станови и куќи поседуваат, со какви автомобили се возат, колку банкарски сметки имаат тие и членовите на нивните семејства, како и на кои износи. До овие информации се доаѓа преку апликацијата „податоци за имотната состојба на функционерите“, која е четврта по ред (од долу) на десната колона на главната страница на ДКСК.

Со отворањето на страницата на „дофат“ се 3.800 анкетни листови на актуелни функционери во извршната, законодавната, судската, локалната власт, како и на личности  на челни функции во јавни претпријатија, агенции, фондови… Добивањето на конкретен анкетен лист е со пребарување, и тоа: по име, презиме, функција или институција. Најчесто е доволно да се употреби еден критериум за пребарување.

На пример, за да се добијат анкетните листови на премиерот Никола Груевски, претседателот Ѓорѓе Иванов и на лидерот на СДСМ, Зоран Заев доволно е да се испишат само нивните презимиња.

Имотите на  експретседателот Бранко  Црвенковски, на членовите на првата Влада на премиерот Никола Груевски (2006 година), како и на составот на Собранието (од  2006 – 2008 година, кога претседател на парламентот беше Љубиша Георгиевски)  може да се видат преку копчето „мапа на сајтот“. Од менито што се отвора се избираат линковите: „Претседател на Република Македонија“, „Влада на Република Македонија“ или „Собрание на Република Македонија“, кои се наоѓаат во секцијата „следење на имотната состојба“.

 

Судир на интереси 

 

Освен обврската да поднесат анкетен лист, функционерите по стапувањето на должност треба да потпишат и изјава за судир на интереси. Образецот „изјва интереси“ се наоѓа на среднината на десната колона на почетната страница на сајтот на ДКСК, веднаш под образецот „анкетен лист“. Според Законот за судир на интереси (членовите 20-а и 20-б), ваква изјава во рок од 30 дена од преземањето на функцијата до ДКСК поднесуваат :

„Претседателот на Република Македонија, пратениците, градоначалниците, амбасадорите и други именувани лица на Република Македонија во странство, избраните и именуваните лица од и во Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија, органите на државната управа и други државни органи, органите на судската власт, јавните претпријатија, установи, други органи на централната и локалната власт утврдени со закон“.

 

Казни и постапка за утврдување на имотната состојба

 

За носителите на јавни функции, како и одговорните лица во јавните претпријатија и јавните установи  кои не поднеле анкетен лист во предвидениот рок,  или не пријавиле промена на имотната состојба, Законот за спречување на корупцијата предидува  казни од 500 до 1.000 евра во денарска противредност (член 63), како и можност да се поведе постапка за испитување на имотот и имотната состојба (членовите 36 и 36-а). Во член 36  е наведено дека ваква постапка

„ќе се поведе и ако се утврди дека неговиот имот или имотот на член на неговото семејство, во текот на траењето на мандатот, односно вршењето на должноста или траењето на вработувањето, е несразмерно зголемен во однос на редовните примања во вид на плати, дивиденди и други приходи од вршење на дејност или имот.“

Споменатата постапка ја поведува УЈП, а такво барање може да поднесе и Државната комисија за спречување на корупцијата. Со поведување на постапката, УЈП поднесува и предлог до надлежниот основен суд за времена мерка за забрана за располагање со имотот. Јавниот функционер против кој е покрената постапка е должен на УЈП да и ги презентира доказите за изворите на средствата од кои е стекнат имотот, како  и средствата со кои располагаат тој и членовите на неговото семејство.

Доколку во постапката за испитување на имотот не се докаже дека имотот е стекнат или зголемен како резултат на примања што се пријавени и оданочени, членот 36-а предвидува дека:

„УЈП ќе донесе решение за оданочување со персонален данок. Основа за пресметување на данокот претставува разликата меѓу вредноста на имотот во време на стекнувањето и докажаната висина на средствата за негово стекнување. Данокот на непријавените приходи се пресметува по стапка од 70 проценти.”

Во случаи за кои ќе се утврди дека

„имотот е зголемен во големи размери, Управата за јавни приходи поднесува кривична пријава против лицето до надлежното јавно обвинителство.“

 

Кој и како може да се обрати до ДКСК?

 

Секој граѓанин има право да пријави постапка што претставува злоупотреба на вршење на јавна функција, со која се остварува лична корист или се нанесува штета на некоја институција, или на друга личност. Најгоре на десната колона на почетната страница на сајтот на ДКСК има апликација „Обратете се до Комисијата“, каде е објаснет начинот на поднесување на претставки и процедурата во Комисијата. На самата страница има и шематски приказ на процесот за работа по претставки, како и линк за контакт со ДКСК. Преставката се доставува во писмена форма, може да биде потпишана, но и анонимна, а Комисијата гарантира дискреција.

 

Македонија и битката со корупција

 

Македонија, според последниот Извештај на Транспаренси интернешнел за минатата година, официјално презентиран на 3.12.2013 година, е рангирана на 67 место со индекс на перцепција на корумпираност 44 и бележи скромен напредок во однос на оној од 2012 година (43). Според Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси интернешнел Македонија, резултатите од Индексот на перцепција на корупцијата (ИПК) за 2013 година, говорат дека:

„Корупцијата и понатаму претставува проблем од висок приоритет за Република Македонија. Очигледно е дека активностите кои ги преземаат властите се недоволни, а институциите се неефикасни.“

 Транспарентност Македонија во еден од своите месечни извештаи (април 2013 година) забележува дека ДКСК има двојни аршини при проверката на имотната состојба на функционерите.

„Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), по којзнае кој пат, примени двојни стандарди при проверката на имотната состојба на именувани и избрани функционери во зависност од нивната политичка припадност“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција