Како Денот на трудот стана „ден на породувањето“

Познати дами кои се во блажена состојба Вечер-crop-resize

[Рецензија: Познати дами кои се во блажена состојба!]

Оваа вест е веројатно еден од најдобрите примери зошто новинарите треба да имаат широки општи познавања од најразлични области. Овде добро ќе дошле токму такви познавања од историјата на работничките движења и трудот, синдикалната и политичката историја на преминот од 19-иот во 20-оит век, англискиот јазик, лингвистиката и граматиката и слично. Без широки познавања, кога некој е сигурен дека нешто знае, а тоа е, сепак, погрешно, не помага ни Гугл, оти инстинктот за проверка е помал од самоуверноста дека нешто „сигурно се знае“.

Забуната доаѓа од фактот што имаме еден збор со две сосема различни значења (хомоними: хомофони и хомографи). Поконкретно, станува збор за англискиот збор labor, кој може да има две сосема различни значења:

  • труд – (Labor Day, fruits of your labor,The industry heavily relies upon migrant labor from impoverished countries, in exchange for the labor, they took home a fraction of the harvest – Дена на трудот, плодовите на трудот, индустријата наголемо се потпира на трудот од мигрантите од осиромашените земји, во замена за вложениот труд, тие добиваат еден мал дел од жетвата) и
  • пораѓање – завршниот дел на бременоста од почнувањето на контракциите до раѓањето на детето (undergoing labor, premature labor – процесот на породување, предвремено породување).

Да се имало поголеми општи познавања, би се знаело дека и ние во македонскиот јазик имаме хомоними. На пример, води:

  • некој кој предводи нешто или некого: го води магарето пред себе,
  • некој кој, пред сѐ, во спортот, е резултатски пред некого: Вардар води пред Работнички,
  • или множина од вода: води од блиските планини надојдоа по големите дождови.

Но, овде ништо не помогнало. Отидено е толку далеку, исто како кога би се кажало: новинарското перо му е постојано добро наострено да не се сфати дека новинарот е постојано критичен во неговото пишување, туку да се помисли дека на новинарот некаде по телото му расте некое перо, кое тој редовно го остри со нож или со камен за острење.

Откако не е забележана разликата меѓу двете сосема различни значења на хоминимот labor, целата вест е отидена по ѓаволите.

Познати дами кои се во блажена состојба ВечерЛинк до оригиналниот напис: Познати дами кои се во блажена состојба!

Датум и време на објавување: 02 09 2014, 22:00

Датум на рецензирање: 02.09.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Еве го првиот пасус, кој е сосема погрешен, збунувачки и кој (нема ова како поинаку да се каже) едноставно е и смешен:

Празникот на породувањето се слави во над 80 земји во светот секој прв понеделник во септември, а прв пат е одбележан во Њујорк во 1986 година. Првичниот датум на празнување бил 3 септември, но поради фактот што на тој датум бил извршен голем масакр, тогашните организатори решиле овој ден да го одбележуваат секој прв понеделник од овој месец, се со цел да го заборават немилиот настан, па така сега на истиот ден се слави и Labor day во Америка.  

Нема нешто што е точно во оваа вест. Празник на породување не се слави никаде, туку Денот на трудот се слави во над 80 земји во светот. Но, Денот на трудот не се слави во над 80 земји во светот „секој прв понеделник во септември“, туку така се слави на 1 Mај. Во првиот понеделник во септември овој празник се слави само во САД и Канада од идеолошки причини. Тој не е одбележан во Њујорк во 1886 година, туку во 1882 година. На 4 мај 1886 година се случил протестот во Чикаго на тамошниот пазар на сено (Haymarket), каде што дошло до судир меѓу полицијата и работниците, при што имало и жртви од двете страни и затоа настанот се вика и маскар (Haymarket massacre). Првичниот датум на празнување на Денот на трудот во некои делови од од САД бил 3 септември и тоа пред овој настан. Тоа суштински до ден денешен не е сменето, но има мала измена – не се слави токму на тој ден, туку првиот понеделник во септември, а со цел денот да не се падне во викенд. Ниту 3 септември, ниту првиот понеделник од септември немаат никаква врска со било каков масакр. Поточно, на 5 септември 1882 година во Њујорк се одржал работнички и синдикален пикник на кој биле продадени 20.000 билети и тоа се смета за голем успех. Дури 4 години подоцна, на 4 мај 1886 година се случува немилиот настан во Чикаго. Во сѐ повеќе земји тој датум почнува да се слави како Ден на трудот, и плашејќи се од неговото социјалистичко идеолошко потекло, а имајќи предвид дека Денот на трудот во САД веќе се славел на почетокот на септември заради големиот пикник во Њујорк во 1882 година, на 28 јуни 1894 година Конгресот на САД, со поддршка на тогашниот претседател Гровер Кливленд, го изгласал првиот понеделник во септември како официјален празник во САД. ова е причината зошто Денот на трудот во САД се слави во септември, а не на 1 Мај, но тоа не значи дека некој сака да ги заборави настаните на Haymarket, кои, како што вели оваа страница на која тие се одбележуваат, се најважните во историјата на работничките движења и во сојузната држава Илионис, во САД и во светот.

Како што може да се забележи, за да се поправат грешките од горниот пасус од 7 реда, потребни ни беа три пати повеќе текст.

Насловот, како и целиот насловен блок, е, исто така погрешен:

Наднаслов: ГО ОДБЕЛЕЖАА ДЕНОТ НА ПОРОДУВАЊЕТО

 

Наслов: Познати дами кои се во блажена состојба!

 

Поднаслов: Овој празник се прославува секој прв понеделник во септември, а оваа година го одбележаа многу познати холивудски ѕвезди

Никој не го одбележа денот на породувањето, се разбира, од проста причина што таков не постои и што, како што е многу добро познато, секој ден може да биде ден на породувањето. Првиот понеделник во септември не може да биде никаков празник или ден на породувањето зашто неродените деца не препознаваат празници и немаат начин како да дознаат кога треба да се родат – начинот на кој човековата врста го продолжува видот не овозможува планирање на ден  на кој ќе има породување зашто тоа не е и не може да биде прецизна наука до ден. Сосема здрави и нормални деца се раѓаат и неколку дена, па и недели порано или подоцна, па ден на породување едноставно не може да се испланира, ниту да се слави. Она што се слави, тоа е роденден, односно денот на раѓањето на секое дете, но во овој случај станува збор за индивидуален „празник“, кој секое семејство си го слави посебно.

И тука би сакале да ја прекинеме рецензијата зашто ако продолжиме да ја рецензираме оваа вест, страв ни е да не се најдеме во ситуација да треба да објаснуваме и други добро познати работи, на пример, како настануваат и од каде доаѓаат децата.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција