Како македонските и српските медиуми заедно го потонаа американскиот воен брод „УСС Детроит

 

Државната информативна агенција МИА деновиве пласишраше неточна информација дека воениот брод „Фридом УСС Детроит“ потонал во западниот дел на Атлантикот. Меѓутоа станува збор за нешто сосема друго. 

Не потонал Фридом УСС Детроит, туку овој воен брод потопил напуштен брод. Ама поради лошиот превод од англиски МИА ја дезинформира јавноста дека Американски воен брод потона во Атлантикот. И, иако настанот се случил на 23 ноември, од текстот се добива впечаток дека е „тазе“, односно тогаш кога е објавена веста (08.12.2019) 

Интересно е што оваа вест потоа без никаква дополнителна проверка и со речиси идентични  наслови (со мали варијации) ја презеле околу дваесет наши медиуми: МИА, Центар, Точка, Прес центар, Макфакс, Весник, Либертас, Вечер, A1on, 24 Инфо, Слободен Печат, Локално, Лидер, IPortal, Сител, Алсат-М, Стандард, Опсервер.

Јужната команда на поморските сили на САД потврди дека воениот брод „Фридом УСС Детроит“ потонал во западниот дел на Атлантикот. 

Бродот потонал при распоредувањето во подрачјето на одговорност на Јужната команда на поморските сили на САД. 

Бродот сега претставува опасност за пловидба во тој дел на океанот. 

Се претпоставува дека на бродот претходно избил пожар и оти членовите на екипажот го напуштиле. 

Наспроти ваквото тврдење, во веста објавена на Defence Blog стои дека: 

Јужната команда на американските поморски сили потврди дека борбениот брод ССС Детроит“ (LCS 7) на 23 ноември потонал брод во западниот Атлантик. Во соопштението на Морнарицата се вели дека УСС Детроит (ЛЦС 7) потонал напуштен брод на кој наишол при распоредувањето во подрачјето на одговорност на Јужната команда на поморските сили на САД... 

Според времето на објавување (дез) информацијата дека „воениот брод „Фридом УСС Детроит потонал во Атлантикот“, најверојатно најпрво била објавена во српските медиуми , а оттаму како „стопроцентна вистина“ се нашла и во нашла и во домашните. 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција