Како Мицкоски од „патриот“ стана „одроден предавник“

Мицкоски во изборна кампања; Мицкоски и Шарл Мишел, Брисел 19.09.2024, Фото: Колаж Канва - vlada.mk, vmro-dpmne.org.mk

Поддршката на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски за евроатланската интеграција на Македонија, не може да се нарече поддршка на фашизмот и нацизам. Мицкоски и неговите функционери, иако не се согласуваа со промената на името, сепак признаа дека таа е реалност и одлучија да го почитуваат Преспанскиот договор, следејќи ги евроатланските перспективи на земјата. Македонија е членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија и тоа е патот кој Владата го следи, а кој поддржувачите на Путин го отфрлаат

Поддршката на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски за евроатланската интеграција на Македонија не може да се нарече поддршка на фашизмот и нацизмот. Мицкоски и неговите функционери, иако не се согласуваа со промената на името, сепак признаа дека таа е реалност и одлучија да го почитуваат Преспанскиот договор, следејќи ги евроатланските перспективи на земјата. Македонија е членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија и тоа е патот кој Владата го следи, а кој поддржувачите на Путин го отфрлаат

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

„Одродени предавници“, „северџани“, „слуги на Западот“, „слуги на калето“, „поддржувачи на фашизмот и нацизмот“, се само дел од етикетите кои по изборот на новата влада екстремните десничари во земјава на социјалните мрежи им ги лепат на премиерот Христијан Мицкоски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.

Ако до вчера Мицкоски беше меѓу најголемите бранители на патриотизмот, човекот кој ќе го враќаше уставното име и ќе ѝ свртеше грб на Европската Унија која „постојано нè уценува“, по неговото сместување на Илинденска стана „најголемиот предавник и ист како СДСМ“.

Није да едно име имаме а вије Марионети продадени колку имина имате??? Мицкоски Сиљаноска??? Па нели северна нема да ја изговорите??? Па нели Бугари во устав не ставате??? Каде во е вашиот збор и ветувајне нели бевте различни од Зајакот продаден која е разликата кажете јас цело време ги викав одродени продадени предавници сега вас како да ве викам??? Па нели е лицомерије едните да ги викам такви а вас поинаку а исти дела предавнички правите за мене сте исти како сабота и недела еден до друг и повејќе никогаш мој глас и подршка нема да сонувате а не глас да добиете страм и резил сте политички марионети поткупени потплатени никогаш северна секогаш Македонија, стои во една објава на Фејсбук.

ВМРО-ДПМНЕ од патриотска, стана предавничка партија.

ПРЕДАВНИЧКА ВМРО ДПМНЕ НА ВАНЧО МИХАЈЛОВ И МИЦКОВСКИ.

А Мицкоски е обвинуван дека се враќа кон „комуњарското стадо каде што припаѓа“.

Има и такви кои ВМРО-ДПМНЕ ја споредуваат со СДСМ и кои посочуваат дека двете партии се антимакедонски и слуги на „окупаторот на калето“.

ФМРО ДПНЕ И СДС СЕ ДВЕ АНТИМАКЕДОНСКИ КРИМИНАЛНИ БАНДИ КОИ СЕ СЛУГИ НА ОКУПАТОРОТ ОД КАЛЕТО.  БЛУДНИЦАТА ВАВИЛОНСКА КОЈА Е КОЛОНИЈА НА ДЕКАДЕНТНАТА (НЕМОРАЛНА) АМЕРИКА ЌЕ БИДЕ КАЗНЕТА ЗАРАДИ НЕМОРАЛНОТО АНТИХРИСТИЈАНСКО ОДНЕСУВАЊЕ. ЗАПАДНИОТ КОЛОНИЈАЛИЗАМ И ЕКСПЛОАТАЦИЈА ЗАВРШУВААТ.  НЕ НЕ’ САКААТ СО НИВ, НО И НИЕ НЕ ГИ САКАМЕ, ТОА ГО ПОКАЖАВМЕ СО РЕФЕРЕНДУМОТ ИД 30. СЕПТЕМВРИ 2018. ГЕГОБАЛИСТИТЕ СЕ СЛУГИ НА ОКУПАТОРОТ И ГАЗДИ НА СДС И ФМРО ДПНЕ. ЗА ДА СЕ ОСЛОБОДИМЕ ПОТРЕБНИ СЕ ДВЕ РАБОТИ… ЗАПАДОТ ГИ ЗАКАРА СЛОВЕНСКИТЕ ДРЖАВИ РУСИЈА И УКРАИНА. ТИЕ НИ СЕ БРАТСКИ НАРОДИ. ОДМАЗДАТА КОН ЗАПАДОТ НА РУСИЈА ЌЕ БИДЕ СТРАШНА, стои во една објава на социјалната мрежа Фејсбук.

Што е она што го претвори Мицкоски од патриот во предавник

Сето ова беше предизвикано од изјавите на Мицкоски дадени откако ја презеде премиерската функција, а кои се во духот на европската агенда и перспектива на државата.

Имено, со епитетите „северџан“ и „предавник“ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се здоби по неговата изјава дадена на 18 јуни дека заклетвата како нов премиер ќе ја даде со уставното име на државата.

Заклетвата како нов премиер ќе ја дадам со уставното име на државата, тоа е јасно. Во моите настапи во странство ќе го користам уставното име на државата со придавката. Не можеме да се однесуваме со двојни стандарди, не можеме да бараме од граѓаните да ги почитуваат законите и уставот, а ние да не ги почитуваме. Но, во моите настапи дома и во давањето изјави ќе го користам името на мојата држава, а тоа е Македонија, пренесе СДК.мк.

Претходно, на 5 јуни Мицкоски кажа дека во говорите нема да го употребува името Северна Македонија, а сите документи и закони ќе ги потпишува со уставното име. Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека негово елементарно човеково право е да ја вика земјата Македонија, а сè што е содржано во Преспанскиот договор и е дел од нашиот правен систем и уставен поредок, идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го почитува.

Целокупната институционална комуникација, која е дел од Уставот и законите, ќе биде почитувана сè додека тие закони се на сила. Но, во моите изјави името ќе биде Македонија, рече тогаш Мицкоски на прес-конференцијата во Собранието по поднесување на предлог-закон за реорганизација на Владата, односно формирање нови министерства.

Поддршката за Украина трн во око за поддржувачите на Путин

Голем револт кај екстремните десничари предизвика и поддршката на новата влада за Украина и секако поддршката за членството на земјава во ЕУ.

ВМРО-ДПМНЕ јавно го поддржува нацизмот и фашизмот во ЕУ и Украина. Што не им е јасно на Македонците што гласаа за нив. Ќорави и глуви ли се или не знаат што значи денацификација. Во превод два метра под земја, беше наведено во една објава за која Вистиномер веќе пишуваше.

Се критикуваше и средбата на Мицкоски со украинскиот претседател Володимир Зеленски во рамки на самитот на Европската политичка заедница во Лондон, пренесувајќи ги притоа проруските наративи дека Зеленски е фашист.

Што му објаснува Мицкоски на фашистот Зеленски??? Мицко му објаснува дека мора да потпишат Рамковен договор и дека руското малцинство мора да биде на платен список без да оди на работа и дека мора да го сменат уставот и да ја направат Украина бинационална и двојазична депонија како Северџанистан.

Објаснува како даде 8 пратеници за да се смени името.

Поддршката на ВМРО-ДПМНЕ на Украина и на ЕУ во никој случај не може да се нарече фашизам и нацизам. Ваквите наративи се својствени за руски функционери и особено ги промовира рускиот претседател Владимир Путин со цел да ја оправда својата воена агресија врз Украина, претставувајќи во  јавноста дека спроведува некаква денацификација.

Бројни историчари тврдат дека воената агресија во Украина не може да се доведува во корелација со никаква денацификација.

Путин го злоупотребува терминот денацификација. Денацификацијата се однесува на одреден момент во историјата во поствоената ера, а тоа што Путин го користи овој термин е пропаганда насочена кон неговите стравови од моменталната демократска влада во Украина. Има многу специфично историско значење на денацификацијата, што претставува процес кој се случил во Германија после Втората светска војна, вели Тимоти Снајдер, експерт за Украина и автор на ,,Патот кон неслобода Русија, Европа, Америка за Тајм Магазин.

Што се однесува до Европската Унија, таа во никој случај не е ниту фашистичка, ниту нацистичка.

Фашизмот е екстремно десничарска, авторитарна, ултранационалистичка политичка идеологија и движење, што се карактеризира со диктаторски лидер, централизирана автократија, милитаризам, насилно потиснување на опозицијата, верување во природна општествена хиерархија, подреденост на индивидуалните интереси за доброто на нацијата или расата и силен режим на општеството и економијата.

Европската Унија, спротивно на постулатите на фашизмот, е политичка и економска унија од 27 земји-членки кои се фундаментално демократски и се придржуваат до принципите на либерална демократија, човекови права и владеење на правото. Со ЕУ управуваат институции, кои, меѓу другите, ги вклучуваат Европската комисија, Европскиот парламент и Европскиот совет. Одлуките се носат низ демократски процеси, при што земјите-членки имаат застапеност и збор во креирањето политики. Европскиот парламент се избира на демократски избори кои се одржуваат во земјите членки, а тој потоа ја избира Европската комисија.

Оттука, поддршката на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски за евроатланската интеграција на Македонија, не може да се нарече поддршка на фашизмот и нацизам. Мицкоски и неговите функционери, иако не се согласуваа со промената на името, сепак признаа дека таа е реалност и одлучија да го почитуваат Преспанскиот договор, следејќи ги евроатланските перспективи на земјата. Македонија е членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија и тоа е патот кој Владата го следи, а кој поддржувачите на Путин го отфрлаат.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција