Како Мијалков од имот од 1,5 милиони, за седум години стигна до имот од 36 милиони евра?

Фото: Принтскрин

Под владение на државата ќе стане имот кој Мијалков го немал или не го пријавил пред седум години. Уште попрецизно е прашањето, како е можно кое било физичко лице од имот од 1,5 милиони евра, во рок од седум години, да стигне до имот од над 30 милиони евра? Или најпрецизно, колку, дали и како, во државава се санкционира евентуално незаконски стекнатиот имот? Доколку не се санкционира, тогаш легитимно е прашањето колку лесно може да се дојде до пониски затворски казни преку отстапување имот на државата, кој од старт не бил законски стекнат или пријавен

Под владение на државата ќе стане имот кој Мијалков го немал или не го пријавил пред седум години. Останува прашањето, како е можно кое било физичко лице од имот од 1,5 милиони евра, во рок од седум години, да стигне до имот од над 30 милиони евра? Или најпрецизно, колку, дали и како, во државава се санкционира евентуално незаконски стекнатиот имот? Доколку не се санкционира, тогаш легитимно е прашањето колку лесно може да се дојде до пониски затворски казни преку отстапување имот на државата, кој од старт не бил законски стекнат или пријавен

 

Пишува: Мери Јордановска

 

Во 2015 година, кога Сашо Мијалков, ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) ја напушти функцијата, односно даде оставка, неговиот имот тежеше 1.5 милиони евра, вклучително со сите уметнички слики, акции, сопственички удели во фирми, стан во Скопје, Прага, куќа во Штип…

За седум години, многу работи се сменија. Мијалков седна во обвинителна клупа, против него се водат повеќе судски постапки, а осуден е на затворски казни за случаите „Трезор“ и „Таргет-Тврдина“. Тој се спогоди со обвинителството за случајот „Империја“ и доби три години затвор. Но, една работа е сменета повеќе од сè останато – неговиот имот.

Ова, според Државната комисија за спречување на корупцијата, е анкетниот лист за имотната состојба што Мијалков го пријавил до институцијата непосредно пред да даде оставка, во 2015 година, кој тежи приближно 1,5 милиони евра.

На 3 јули годинава, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција објави дека покрај изречената казна од 3 години затвор на Мијалков за случајот „Империја“, нему ќе му се конфискува имот во висина од 36 милиони евра, од кои 30 милиони во имот и шест милиони евра во кеш. Во меѓувреме Мијалков ја променил адресата на живеење, од Скопје во Охрид, па затворската казна ќе ја одлежи во затворот во Струга кој е од отворен вид и таму може само да се преноќува.

Што се однесува до имотот на Мијалков, ако тој додека беше на функција беше испишан на две страници, сега Обвинителството објави страници и страници имот кој се конфискува, почнувајќи од двасетина станови, парцели, деловни простории на фирмата „Ексико“ во Центар, хотелски деловен простор, хартии од вредност на „Ексико“ во Стопанска банка-Битола, неизградено земјиште во Арачиново, земјиште во Кавадарци, имот кој се води на фирмата „Бет ком ко“ чиј сопственик е фирмата „Ексико“ итн.

Или, попрецизно кажано, под владение на државата ќе стане имот кој Мијалков го немал или не го пријавил пред седум години. Уште попрецизно е прашањето, како е можно кое било физичко лице од имот од 1,5 милиони евра, во рок од седум години, да стигне до имот од над 30 милиони евра? Или најпрецизно, колку, дали и како, во државава се санкционира евентуално незаконски стекнатиот имот?

Легитимно се доаѓа до прашањето колку лесно може да се дојде до пониски затворски казни преку отстапување имот на државата, кој од старт не бил законски стекнат или пријавен, нешто што обвинителството засега не го истражува.

Елементите на споменатите кривични дела не подразбираат начин на кој имотот е стекнат, туку фактот дека имотот со кој располага осудениот ги надминува неговите приходи што законски ги остварува и за кој дал лажни или непотполни податоци што јасно упатува дека се работи за незаконски стекнат имот, изјавија од Обвинителството.

Мијалков неколкупати нудеше милионски суми за да се брани од слобода, а минатата година сумата што ја нудеше достигна и над 11 милиони евра. И тогаш медиумите се прашуваа, дали институциите ќе го истражат потеклото на имотот на ексдиректорот на УБК, а Арафат Муареми, директор на Управата за финансиска полиција изјавуваше дека за Мијалков не е извршена проверка на потеклото на имотот, бидејќи бил предмет на истрага. Тој изјави дека немаат добиено таква наредба од обвинителството, иако финансиската полиција може да изврши проверка и по сопствена иницијатива. Муареми упорно, во изјави за медиумите, инсистираше дека не може да изврши проверка за лице и имот кое е предмет на истрага.

За имотот на Мијалков можеби и никогаш немаше да дознаеме, ако не се отвореа постапките против него и не му беше конфискуван имотот. Практиката да се препишува имот на трети лица додека одредено лице е на функција, не е нова, но е тешко докажлива. Очигледно излегува на виделина само кога тој имот треба да се замени со слободата и да се излезе од затвор или пак да се добие пониска казна.

Сашо Мијалков, кога веќе не беше на функција, престана да го крие својот капитал. Тој по напуштањето на функцијата преку семејните фирми се стекна со удели во многу успешни компании. Иако него никаде го немаше во официјалните документи, како по правило, во хартиите се појавуваше фирмата со мистериозно сопствеништво – „Ексико“. Подоцна, како што семејните фирми на Мијалков се појавуваа во сопственичките структури, така ја снемуваше „Ексико“.

 

Се купуваат имоти и акции на име на трети лица за да се скрие вистинскиот сопственик

Контролата врз капиталот во државата никогаш не била нејзина силна страна. Според Законот за спречување на корупцијата, секој именуван или избран функционер треба да поднесе анкетен лист за имотната состојба 30 дена откако ќе стапи на функцијата и 30 дена откако ќе си замине од истата. Во меѓувреме, се пријавува и секоја промена во неговиот имот или имотот на членовите од домаќинството со кои живее. Антикорупциската комисија треба да следи, доколку некој од функционерите се стекнал со имот кој е несразмерно поголем од неговите примања, да ги извести надлежните институции, Финансиската полиција, Јавното обвинителство, УЈП или Управата за финансиско разузнавање кои потоа треба да го истражат случајот и да одлучат дали ќе отворат постапка против тоа лице.

За двајца судии, на пример, имавме сомнежи дека нивниот имот несразмерно се зголемил во однос на нивните примања, ја известивме Финансиската полиција за тоа, но случаите не добија никаков епилог, објаснува за „Вистиномер“ Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Ако се погледнат анкетните листови на голем број функционери, може да се види дека голем дел од нив во анкетните листови не пријавиле буквално ништо, или пак, пријавиле единствено стар автомобил на име на сопругата, или пак стан или градежно земјиште кој се води на нивно име.

Она што е најголем проблем е фактот што секој кој располага со средства кои се незаконски стекнати, а особено со пари во кеш, може да купи имот на име на трето лице, а кога повеќе нема да биде на функција (а со тоа нема да има ниту обврска за поднесување анкетен лист и да биде под лупа на јавноста), да го пренесе на свое име. И тоа веќе влегува во доменот на личните податоци, а останува мистеријата каков сè имот имаат овие лица.

Експертска работна група подолго време го подготвува предлог-законот за потекло на имот, формирана од кабинетот на поранешниот вицепремиер Љупчо Николовски и Советот на Европа.

Подготовката на драфт везријата на предлог Законот е во финална фаза. Предлог законското решение предвидува одредби кои овозможуваат проверка на потеклото на имот доколку постои сомнеж за начинот на кој е стекнат. Со ова законско решение,  за прв пат се воведува контрола на капиталот, со што се отвора патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот и се спречува незаконско богатење врз грбот на граѓаните, пишува на веб-страницата на Владата.

Искуството, според Николовски, покажало дека функционерите незаконски стекнатиот имот го препишуваат на други лица, а по завршувањето на функцијата си го враќаат на свое име, па затоа се поставени и временски одредници во драфт верзијата на законот.

Сите кои нема да можат да го докажат потеклото на имот во вредност над 30 илјади евра стекнат претходната година, тој ќе биде конфискуван, предвидува драфт верзијата на Законот за потекло на имот, објавуваа медиумите минатата година. 

Но, овој закон сè уште не е донесен, а Ивановска вели дека имала одредени сугестии за тоа како да се вметнат што повеќе одредби кои ќе донесат што поголема ефикасност. Но, сето тоа чини многу пари.

Она што јас сметав дека треба да се вметне во законот е во моментот кога било кое физичко лице ќе се стекне со одреден имот, да приложи и доказ од каде му се средствата. Тоа е еден систем кој би требало да се направи преку поврзување на сите податоци од различни институции, почнувајќи од банките, Управата за финансиска полиција, УЈП итн. Сето тоа може да се направи преку добро разработен софтвер, а потоа ќе видиме што недостига за тој софтвер да се доразвива. Но, од тоа не испадна ништо, бидејќи тоа чини многу пари. Според сегашните решенија, функционерот може да си купува имот на име на трети лица, а кога веќе нема да биде избран или именуван функционер, да си го врати на свое име и тука завршува сè, вели Ивановска.

Во досегашното искуство, не е познато дека кој било функционер одговарал за пријавен имот кој значително ги надминува неговите примања. За непријавен имот во Антикорупциската комисија, казните се благи, па оттаму, на еден начин функционерите се постимулирани да не пријават имот, отколку да го пријават и со тоа да бидат под лупа на јавноста и да биде испитувано неговото потекло.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција