Како Народните муџахедини со прибежиште во Албанија го навлекоа гневот на Иран
Албанија ѝ даде прибежиште на бунтовничка група од Иран, со што си го навлече гневот на таа држава. Иран потоа беше осомничен за крупни хакерски напади врз владината компјутерска мрежа на Албанија. Таа, пак, дури ги прекина дипломатските односи со Иран, која, од друга страна, финансира медиуми и невладини организациии за да ги шири своите наративи среде албанските граѓани
Албанија ѝ даде прибежиште на бунтовничка група од Иран, со што си го навлече гневот на таа држава. Иран потоа беше осомничен за крупни хакерски напади врз владината компјутерска мрежа на Албанија. Таа, пак, дури ги прекина дипломатските односи со Иран, која, од друга страна, финансира медиуми и невладини организациии за да ги шири своите наративи среде албанските граѓани
Иран од поодамна ширел верско и политичко влијание на Балканот, особено во текот на војната во Босна и Херцеговина (1992 – 1995). Со помал успех Иран тоа го прави и во Албанија. Иран е исламска теократија и противник на САД и Израел, а од друга Албанија е прилично секуларна држава која негува добри односи со Западот.
Под османлиска власт, со Албанија задоминира исламот, но во неа има и христијани, па нејзините национални дејци како Пашко Васа му даваа приоритет на националното, а не на верското. Во 1967 г. комунистичка Албанија стана првата официјално атеистичка држава на светот, па и тоа оставило белег. Во уставот на Албанија сега се споменува Бог, но воопштено, не како Алах, а нејзиниот последен попис покажа пад на процентот на муслимани.
Повеќето од нив се сунити, а не шиити како во Иран, па не се толку подложни на неговото влијание, но Иран, сепак, може да игра на панисламската карта, што и реално го прави.
Во Албанија има и бекташи, а иако основачот на таа верска заедница бил родум од она што е денес Иран и иако таа има шиитски елементи, нејзиното толкување на исламот е малку неортодоксно и либерално, што се коси со она иранското, кое е построго.
Неодамна, Албанија јави дека на нејзино тло ќе се формира бекташка теократска микродржава или автономија (како Ватикан или Света Гора) како противодговор на радикалниот ислам, вклучително и на оној кој доаѓа како влијание од Иран.
Судирот со Иран започна кога Албанија ѝ даде прибежиште на бунтовничка група, која се бори против режимот во Иран, а тоа се Народните муџахедини или Муџахедин-е-халк – МЕХ (Mojahedin-e-Khalq – MEK) – како што тие таму се нарекуваат. Тие комбинираат левичарски и исламистички (шиитски) елементи.
Според нивните поддржувачи, МЕХ се борци за слобода, а според нивните критичари – МЕХ заличува на опасна секта или култ. Тие најпрвин биле антиамерикански настроени, но подоцна го промениле ставот и со тоа добиле прибежиште во Албанија.
На тоа, Иран бил изреволтиран, а подоцна беше осомничен за крупни хакерски напади врз владината компјутерска мрежа на Албанија. Судирот отиде дотаму, што на 7.9.2022 г., Албанија дури ги прекина дипломатските односи со Иран.
Медиумската активност на Иран во Албанија
Иран финансира медиуми и невладини организации за да шири влијание низ Албанија, но таа соработка не мора да е на идеолошка основа и може да е на чисто комерцијална.
Такви наративи во Албанија шират: Олси Јазеџи, асистент-професор на Меѓународниот исламски универзитет во Куала Лумпур; Алтин Гоџај, адвокат од Тирана; Ѓерѓ Танаси, новинар од Драч; Фејсбук-страницата Албаполи, која споделува написи од сајтот Шќиперија јоне; нему сличниот Газета Импакт; како и хуманитарната организација Неџат.
Како за пример, посочуваме наслов на статија од Газета Импакт (преведено од албански):
Еди Рама и Сорос сакаат да ја претворат Албанија во израелска колонија
Ова се однесува на бекташката микродржава, која во статијата е опишана како „масло“ на Алекс Сорос и Израел, што личи на теориите на заговор во кои за сите проблеми се обвинуваат Евреите.
Газета Импакт објавиле и изјава на албанскиот оџа Хусамедин Абази, во која тој ја осудил средбата на израелскиот претседател Исак Херцог со претставници на албанската Исламска верска заедница, среде кои бил бекташкиот великодостојник Баба Монди, етикетиран како предавник или „соросоид“. За таа средба, која се случила при посетата на Херцог на Албанија на 12.9.2024 г., говори овој наслов:
Дали Израел се крие позади „Бекташката држава“? Дури и Анкара се прашува: Зошто Херцог се сретна со Баба Монди и вториот човек на албанската ИВЗ?
Таквите наслови во прашална форма можат да бидат и злонамерни, затоа што новинарот може да нафрли сè и сешто без да преземе одговорност за тоа, а еве и друг пример:
Дали Израел користи мали нуклеарни бомби во Газа и Јужен Либан?
Инаку, Израел во Јужен Либан војува против терористичката организација Хезболах, а во Газа – против Хамас, а и обете се сојузнички на Иран. Веќе споменатиот Јазеџи дури споделил клип од погребот на еден од клучните луѓе на Хамас, Исмаил Ханије, кој беше ликвидиран на 31.7.2024 г.
Очекувано, таквите медиуми ѝ дадоа и доста публицитет на ликвидацијата на водачот на Хезболах, Хасан Насрала, извршена од Израелците на 27.9.2024 г., по што излезе следниов наслов:
Телевизијата на Хезболах потврдува, емитувајќи стихови од Куранот: Насрала му се приклучи на редот на нашите маченици!
Евидентно, сојузниците на Иран трпат загуби, но Шќиперија јоне имаат објавено навивачки текст, кој тврди дека Иран му покажал на Израел кој е тука стопанот, а тоа е насловено како:
Иран му го одзеде статусот на Израел „недопирлив“ и постигна стратешка победа
Истовремено, невладината организација Неџат (зад која нејзините противници тврдат дека стои владата на Иран), раскажува како спасува Иранци од (како што вели) опасната секта МЕХ, во која тие залутале, а која сега е засолнета во Албанија. Наводно, сектата од своите членови бара фанатична посветеност, па дури и отфрлање на семејството.
Според Неџат, МЕХ се исто така и терористи и шверцери на дрога и луѓе (со организирање на илегална емиграција на Запад). Но, со оглед дека со Иран владее тоталитарен режим, сето ова личи на кампања за оцрнување против МЕХ, иако тука има малку вистина, во смисла дека тие некогаш навистина биле милитантни и фанатични. Тие можеби не се ангели, но кога ќе се предочат сите факти, работите воопшто не се црно-бели.
Околу Народните муџахедини на Иран
До 1979 г., со Иран владееше репресивен и корумпиран шах (крал), кој беше соборен со револуција. Таа беше плуралистичка, но на крај во неа се наметнаа исламистите.
Нивниот лидер, ајатолахот Рухола Хомеини воспостави теократија и ги репресираше бившите сојузници од револуцијата, меѓу кои биле и МЕХ, пред сè, заради нивната полевичарска настроеност. Во раните 1980-ти, тие возвратиле со протести и бомбашки напади, но беа брутално задушени и завршија во егзил во Ирак. За време на војната меѓу Ирак и Иран (1980-88 г.), режимот на ирачкиот диктатор Садам Хусеин ги вооружи и искористи за борба против иранските сили. МЕХ напаѓаа и ирански амбасади низ светот.
Без оглед на разликите, и МЕХ и официјален Техеран имаа антиамерикански став, но во 1997 г. на чело на Иран стапи поумерениот Мохамед Катами, па како гест на добра волја кон него, САД, тогаш на чело со Бил Клинтон, ги прогласи МЕХ за терористичка организација.
Во 2003 г., САД, тогаш на чело со Џорџ Буш, го собори ирачкиот диктатор Садам Хусеин, а на негова страна се бореа и МЕХ, при што околу 3.000 нивни борци се најдоа во американско заробеништво. Подоцна се постави прашањето што со нив понатаму.
Ставот на САД кон МЕХ омекна за што различни извори даваат различни толкувања. Како прво, тоа беше време на војните во Авганистан и Ирак, па некои воинствени американски политичари предлагаа следна цел да биде Иран, а МЕХ во тоа да им помагаат на САД.
Како второ, МЕХ им станаа потребни на САД за да се спречи мешањето на Иран во граѓанската војна во Ирак, која тогаш избувна. И како трето, МЕХ започна медиумска кампања за создавање на позитивен имиџ за себе во светската јавност. Тие го отфрлија антиамериканизмот и се заложија Иран да биде демократска и секуларна држава.
Така, тие се зближија со САД, кои меѓу 2007-11 го спроведоа првичното повлекување од Ирак со што официјално заврши војната, при што бараа место кајшто би ги засолниле МЕХ. Ирак тогаш ги затопли односите со Иран, па МЕХ веќе беа сметани за терористичка организација и во обете држави. И не само тоа, туку како што опаѓаше влијанието на САД во Ирак, растеше она на Иран. Шиититево ирак се доминантни исто како и во Иран. И со падот на диктаторот Садам Хусеин, кој ги држеше на власт сунитите во Ирак, како и со вовоедувањето на изборите, шиитите го зоглемија своето влијание, асо тоа се зголеми и иранско влијание. Во Ирак, покрја МЕХ има и про-ирански групи, кои се раководен идриектно од Техеран, па веќе и започнаа напади врз кампот на МЕХ во близина на Багдад. Со ова, нивната положба во Ирак стана неодржива и се појави итна потреба да ја напуштат земјата. САД ги тргна МЕХ од својата црна листа во 2012 г. и тие беа засолнети во бегалски камп во Албанија во 2013 г. САД бараше разни локации за МЕХ, најмногу во ргионот на Блискиот Исток, но откако не се најде држава од регионот која би ги примила, потрагата продолжи и пошироко, по што беше одбрана Албанија како нивно засолниште. Се смета дека и од Република Македонија, како и од некои други држави на Балканот било побарано да ја прими оваа група, но таквото барање од македонските власти било одбиено.
МЕХ во Албанија се потсмири, но подоцна беа сомничени за сајбер-напади врз странски институции, па, лани, поточно на 20 јуни 2023 година, албанската полиција им упадна и им одзеде 150 компјутери. МЕХ на тоа се спротивставуваше, па дојде до турканица, примена на солзавец и сл., а тие тврдеа дека нивен член притоа бил убиен, што Албанците го демантираа. Интересно, Иран на албанските власти им упати благодарност за акцијата.
Накусо, тоа е контроверзна организација, но не значи дека треба да му се верува на тоталитарниот режим во Иран, кој многу од овие факти ги премолчува, извртува или преувеличува.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар