Како пи-арот ќе ви продаде бесплатна вест?

„Манипулација – нашите информации се модифицирани.“ Фото: bernawy hugues kossi huo, 2012.
„Манипулација – нашите информации се модифицирани.“ Фото: bernawy hugues kossi huo, 2012.

 

Во дефиницијата на работата на пи-арот лежи да ве убеди дека ви кажал вест или сознание кое треба да го поделите со јавноста и дека со тоа кон вас покажал пријателски гест или имал доверлив однос. Македонските релации меѓу новинарите и пи-аровите немаат толкава сличност со дефиницијата на бесплатност и доброволност 

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Додека постарите македонски новинари во текот на своите кариери наидувале на строгите партиски комитети и нивните извршни органи, помладите генерации во своите животи ги имаат пи-аровите место комитетлиите. Навидум меѓу овие две категории нема никаква сличност, но и двете историски појави, постарата и поновата, имаат една задача – да „продадат“ бесплатна информација на медиумот со голема сигурност дека истата ќе влезе во неизменета форма истиот или во некој од следните денови!

Дефиницијата која го врзува модерниот пи-ар со информацијата која нема да биде платена, а e објавена, е суштинската за оваа старо-нова релација меѓу моќта (на некоја политичка средина или на економските тајкуни) и прес-работниците. Истата најдобро ја објаснуваат настапите и предавањата на Игор Авжнер, еден од познатите имиња во оваа сфера. Тој самиот предава на некои факултети токму на теоријата на „продавањето на вести“, потоа работи како менаџер на агенијата „Њу фокус комуникејшн“ од Белград, која покривала работа и на големи политички фигури како српскиот министер за финансии, Динкиќ или на Мирољуб Лабус, потоа на политички активности (Инвестициониот план на Србија, нешто како Investment in Macedonia), бил „врбуван“ за големи компании (Национална штедионица, ППБ банк, Форд и слично.

– Не постои содржина која медиумите нема бесплатно да ја пренесат, ако им смислите нешто доволно умно да бидете атрактивни за нив – вели тој во интервјуто за „Политика“ („Теророт на пи-аровите“,  9 февруари ) . Единствен проблем е сето тоа да биде доволно умно за да буде атрактивно за медиумите. Не е доволно да ги познавате новинарите или уредниците, туку да имате имагинација, што во професијата, која на Балканот е нова, главно не е случај.

 

Купување на пристап до медиумите

 

Оттаму, на Балканот голем дел од пи-аровите не смислуваат многу „тешки стратегии“, туку одат и едноставно да ги купуваат медиумите и тоа по три основи. Најнапред, да кажеме, дека тоа секако е надвор од дефиницијата за функцијата на пи-арот, како што рековме, ама да не гледаме во влакното!

Едниот од методите, посебно присутни и во македонската средина е класично купување на повластен пристап во медиумите. Во земјава тоа го прават, пред сѐ, поголемите компании кои секоја прес конференција ја претвораат во „работен појадок“. Во поканата на новинарите им се нагласува местото на кое тоа „дружење“ ќе се случи. На официјалните сајтови (да речеме во дневниот билтен на МИА) стои дека се работи за прес конференција, но ако како место на настанот стои некој ресторан, е тука работата е јасна. Колку за новинарите почетници, да им ја објасниме содржината, фактите ќе ги чуете меѓу два залаци, ќе ви ви биде потешко да прашувате премногу, а домаќинот, некој министер или директор на фирма, ќе замине бргу заради „неодложни обврски“, оставајќи друштво да ви прават пониските по хиерархија, кои „не се надлежни да соопштат“. Уживајте во појадокот!

Ако младиот новинар мисли дека од таа закуска може да извлече некаква критичка сентенца, нека биде сигурен дека некаде, на некое повисоко ниво и неговиот уредник можеби веќе бил почестен или, пак, тој смета дека добрите текстови ќе прераснат во пристап до нови рекламни пораки! Ако некој дава за подарок, ќе има и за жиро сметките на медиумите.

(За оваа тема – подароците во новинарството во нашиот Кодекс на ЗНМ има само една реченица, па затоа ги препорачуваме поопширните дефиниции овде и овде.)

Ако на таквите средби има и подарок, секако симболичен, како што споменавме, новинарот секако ќе биде сигурен кога на средбата ќе види и доста свои колеги кои не го следат секторот (!), ама, сепак, зафатиле место, па тој наш колега (или колешка) треба да биде сигурен дека во канцеларијата ќе има и „страничен притисок“, суфлери, во насока да не се прави токму тој „толку умен“.

 

„Размена на услуги“ на брифинзи

 

Во земјава најмалку еден министер (од секторот – економија) започна со неделно, попладневно дружење на новинарите (после 2008 година, да нема забуна, се до крајот на 2010 година), откако реши да се препушти на пи-ар агенција која го осмисли неговиот настап. Министерот не беше омилен во коалицијата, без оглед на подршката во неговата партија и тој се обиде на малку подиректен начин да ги освојува медиумите. Таа форма беше најдена во брифирањето во секако важниот сектор, од кој обично не излегуваат многу информации.

Брифингот претпоставува размена на услуги – јас вам доверлива вест, вие мене молчење или разбирање за мојата ситуација. Тоа е најтешката позиција на новинарот, бидејќи е спротивна на неговата основна функција, а таа е она што тој ќе го дознае и да го пренесе на јавноста, која очекува да дознае секој ден некоја новост! И – како порака за помладите колеги очекувајте дека на таа „тајна вечера“ секогаш ќе има еден, двајца или тројца „Јуди“, кои многу бргу ќе покажат дека немаат патент на устата и дека „од наши извори“ ќе објават сѐ или многу од тоа што било соопштено во наводна доверба.

Ова дружење беше прекинато откако односите на двата коалициони партнери во владата достигнаа до точка на заладување, а министерот доби „прв потпретседател на владата“, кој му дишеше во вратот и знаеше ненадејно да се појави на овие брифирања, кога доверливоста паѓаше во вода, а дружењето се претвораше во фијаско во однос на целта на министерот, секако. Сепак, уживајте во вечерата! Платена е!

Нема сомнение дека прашањето на директно купување на влијание во медиумите кај нас оди поинаку, преку владините фондови или преку рекламните агенции, што на крајот му доаѓа исто, бидејќи обезбедува „зауздување“ на медиумиот одозгора, од кај сопственикот или главниот уредник, со што новинарот повеќе наликува на „курир“ или личност која треба да ја однесе веста до редакцијата и да ја објави во „изворна форма“.

Ова е најскапиот начин на купување на вниманието на медиумот, иако површно изгледа наедноставен.

 

Специјални врски

 

Можеби најстар метод и многу тешко да биде одржлив на долг рок е негувањето на специјални врски со новинарите или, се разбира со некои од нив. Дел од тие наши колеги не ги кријат тие односи и неофицијално знаат на редакциските колегиуми да речат „вчера ми призна претседателот“ или „министерот гласал против овој предлог на седница на владата, ама…“, што е резултат на стари и блиски релации меѓу две блиски сфери на јанвиот живот, нешто како „Каин и Авел од добрите библиски времиња“. Судирот секако следува после еден период, но таа посебност е добредојдена и за политичарот и за „почестениот“.

Македонскиот „изум“ е  злоупотреба на функцијата, особено кога се работи за – најчесто – институција која лиферува поголем број информации, често и дневно и без кои е тешко да се „полнат“ медиумите. Еден од тие извори е МВР, каде портпаролот својот „посебен однос“ го гради врз основа на тоа што ќе знае да ги селектира „непријателските медиуми“, односно, да речеме пресовите или важните новости ќе ги закажува со ес-ем-ес пораки. За тоа кажува доста и текстот „СМС-порака до Јанкулоска. Поважните медиуми, кои полесно купуваат вести, ќе дознаат во колку часот треба да ги наместат камерите пред Основен суд 1 (каде е сместен истражниот суд), на која врата ќе влезе приведениот (има и предна и гаражна) и слично. Некој добива екслузивна сторија, а некој таа ја нема, па ќе добие „жолт“ или „црвен картон“ на редакцискиот состанок. Таа историја на превидливите судбини на колегите заживеа дури и покрај фактот што ова секогаш значеше и кршење на пресумпцијата на невиноста од една страна, а од друга страна секогаш беше дел од т.н. доверлив однос меѓу пи-арот и медиумот.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција