Како пропаднаа сите тендери за набавка на сопствена механизација за РЕК Битола?

Заев во посета на РЕК Битола, април 2019 Фото: vlada.mk

Едно од главните ветувања на СДСМ како опозициска партија за набавка на сопствена механизација за РЕК Битола, со цел да не се одлеваат милионски средства кон приватни компании за изнајмување на машини, сè уште не е реализирано, иако поминува третата година од владеењето на социјалдемократите, а наближуваат и парламентарни избори:

Со започнување на експлоатацијата на подинската јагленова серија во рудникот Суводол и со јамска експлоатација на јаглен во рудниците Живојно и Витолиште, ќе го продолжиме работниот век на столбот на македонската енергетикаРЕК Битола. Притоа, експлоатацијата ќе се врши со високо продуктивна механизација во сопственост на АД ЕЛЕМ, со што ќе се раскинат постоечките коруптивни договори со кои со години наназад од македонскиот државен буџет се одлеваат 120 милиони евра на годишно ниво

[Извор: Предизборна програма на СДСМ „План за живот“ (стр. 81); Датум: декември 2016 ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Во предизборната програма на социјалдемократите, во делот насловен „План 180“, каде се содржани итните реформските приоритети во првите 6 месеци (стр.220), се наведува дека новата влада предводена од Зоран Заев се обврзува да објави нов оглас за набавка на механизација за потребите на РЕК Битола, кој воедно ќе биде мониториран од страна на граѓанскиот сектор. Со оглед дека Владата беше избрана  на крајот на мај 2017 година, произлегува дека огласот за оваа набавка требаше да биде објавен до крајот на годината (2017).

Сепак, тоа се случи со доцнење од 3 месеци, односно во март 2018 година, кога АД „Електрани на Македонија“, под раководство на тогашниот генерален директор Драги Миновски, објави тендер за 44 парчиња помошна механизација за РЕК Битола во вредност од 19 милиони евра, за кои беше најавено дека ќе се испорачаат до крајот на годината. Притоа, Миновски најави дека веќе следниот месеци (април) ќе биде објавен и тендер за циклична механизација за ископ на јаглен во вредност од 22 милиони евра, чија испорака, пак, требаше да се случи во текот на 2019 година.

Арно ама, отворената постапка за набавка на помошна механизација заглави уште во почетна фаза на технички дијалог, со образложение дека се јавиле десетина заинтересирани копании, кои поставувале многу прашања и доставиле бројни забелешки кон тендерската документација. За другата постапка за набавка на циклична механизација, пак, воопшто не се објави ниту оглас.

Така, ситуацијата беше замрзната сè до почетокот на 2019 година, кога енергетските власти посочија дека доколку набавките се спроведат според тогашниот Закон за јавни набавки, ќе изостанел квалитетот од причина што Законот го фаворизирал критериумот најниска цена. Затоа, во државната компанија за производство на струја одлучиле да го почекаат новиот Закон за јавни набавки, кој предвидува компаниите да се рангираат и врз основа на квалитетотот на понудата.

Иако новиот Закон беше изгласан на почетокот на годината (2019), сепак, АД ЕСМ, овојпат под раководство на Васко Ковачевски, дури на истекот на  2019 г. објави нов оглас за механизација за РЕК Битола, чија вредност изнесуваше 19 милиони евра. Сепак, ниту оваа тендерска постапка не беше комплетирана, бидејќи една од компаниите, „Технокс Груп“, поднела жалба до Комисијата за жалби по јавни набавки, по што постапката беше поништена.

Во решението на второстепената комисија се наведува дека жалителот „Технокс Груп“ поставил 16 прашања кои се однесуваат на појаснување на делови на тендерската документација, а исто така, доставил и предлози за измена на тендерската документација. Меѓутоа, АД ЕСМ одговорил на 12 прашања, што, според Комисијата, е спротивно на Законот за јавни набавки, кој предвидува да бидат одговорени сите прашања доколку се однесуваат на тендерската документација и се поднесени во пропишаниот рок.

Во однос на тоа, од АД ЕСМ одговориле дека жалбата треба да биде отфрлена бидејќи немало никакви пропусти во тендерската документација, меѓутоа Комисијата сепак одлучила да ја прифати жалбата. Покрај останатото, Комисијата навела дека тендерската документација била изготвена спротивно на Законот и можела да доведе до дискриминација на економските оператори и ограничување на пазарната конкуренција.

Па така, трета година откако СДСМ формираше Влада и во период непосредно пред новите парламентарни избори, сè уште не е исполнето едно од нивните клучни ветувања со кои се најавуваше дека ќе се разбие една од најголемите корупциски шеми.

Во меѓувреме, продолжуваат тендерите за изнајмување на механизација од приватни компании. Па, веднаш откако пропадна тендерската постапка за купување на сопствена механизација за ископ и транспорт на јаглен, ЕСМ објави оглас  (06.05.2020) за ангажирање на помошна механизација за РЕК Битола.

 

ИЗВОРИ: 

 

Оцени: Влатко Стојановски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција