Како се случи повикот за соработка за Ковид-19 да му биде припишан на Брисел?

Pixabay

Неочекувано, мрежата невладини организации групирани околу работната група на Националната Конвенција за Европската Унија за Поглавје 35 стана, ни помалку ни повеќе, туку самата Европска Унија. Тоа што дел од медиумите невистинито информираа во врска со соопштението кое го испрати оваа мрежа на невладини организации придонесе нивните читатели да поверуваат дека пораката пристигнала од Брисел, а не од Белград.

Работната група на Националната Конвенција за Европската Унија за Поглавјето 35 на 30 март преку соопштение за медиумите ги повика надлежните органи на Белград и на Приштина да воспостават директна и ефикасна соработка во спречување на ширењето на пандемијата на корона-вирусот.

Интегралниот текст на соопштението е достапен тука.

Меѓутоа, во текстовите на одредени медиуми, овој апел за соработка беше погрешно претставен како порака која пристигнала директно од седиштето на ЕУ.

Националната Конвенција за ЕУ (НКЕУ) преставува мрежа на преку 700 организации на цивилното општество обединети со цел учество во стратешкиот дијалог помеѓу претставниците на државните органи на Србија и на европските институции за сите прашања поврзани со пристапувањето на Србија кон Европската Унија.

Работната група на НКЕУ за Поглавјето 35 обединува организации на граѓанското општество кои се заинтересирани да ја следат реализацијата на Бриселскиот дијалог и на процесот на нормализација на односите помеѓу Србија и Косово, онака како што е дефиниран во преговарачкото поглавје 35.

Порталот Спутњик, во својот текст под наслов „Кога има криза, за ЕУ Косово е српско“ не само што изнесува невистини туку влегува во анализа во својот добро познат стил. „Очигледно е дека, кога се случува криза, во Брисел забораваат дека Косово себеси се смета за независна држава, што е став и на повеќето земји членки на ЕУ, туку го подместуваат под српска одговорност“, се наведува во текстот, објавен на овој портал.

Но, во ниту еден дел на соопштението испратено до медиумите од Работната група за Поглавје 35 не се зборува за статусни прашања туку им се упатува апел на надлежните во Белград и во Приштина да соработуваат за надминување на кризата предизвикана од вирусот корона.

Таблоидот „Информер“, пак, оди чекор подалеку кога го пренесува овој текст на „Спутњик“, но со изменет наслов:

Нема крај на лицемерието на Брисел, сега од нас бараат да ги спасуваме Шиптарите од короната, а штом помине фрката ќе не уценуваат да ја признаеме Приштина!“. Освен дезинформациите и погрешните анализи пренесени од порталот Спутњик, овој таблоид користи и навредлив израз за косовските Албанци, кој честопати може да се сретне во нивните текстови.

Порталот „Мондо“ на текстот му дал поодмерен тон, без користење навреди и соопштението го објавил под наслов „Дали корона-вирусот ќе ги смири Србија и Косово? ЕУ гледа шанса“. Меѓутоа, не изостана невистината дека соопштението доаѓа од седиштето на Европската Унија.

Дека повикот за соработка, упатен до властите на Косово и Србија, бил испратен од Брисел, а не од Белград, поточно од Работната група за Поглавје 35 на Националната Конвенција за ЕУ, кажува и Ал Џезаира Балканс во својот текст под наслов „ЕУ ги повика Србија и Косово да соработуваат во борбата со вирусот“.

Информациите од соопштението на порталот Црно бели свет, во текстот под наслов „Работната група за поглавјето 35 на НКЕУ повикува на соработка во справувањето со корона-вирусот, беа пренесени прецизно и со користење на цитати. Наводите од соопштението беа пренесени на професионален начин и од страна на неколку други медиуми на Косово и во Србија.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција