Како српскиот експратеник се „расфрли“ со милијарди евра и „насели“ милион мигранти во Македонија

Фото: Принтскрин

На 12.03.2020, поранешниот претседател на скопскиот Киривчен суд, Владимир Панчевски, на социјалната мрежа Твитер, сподели кратко видео од изјава на поранешниот српски пратеник Срѓан Ного, во која тој тврди дека експремиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, зел 10 милијарди евра за Македонија да прими еден милион мигранти! Овој твит беше преземен од неколку медиуми во Македонија, Република, Лидер, Јавно, Експрес и Инфомакс. Изјавата на српскиот пратеник, иако непотврдена со ништо, во дел од нашите медиуми беше пренесена како целосна вистина.

Српскиот експратеник  Ного на партијата Двери, ваквата изјава ја дал за српскиот ТВ-канал Српска прича, на 10.03.2020.

(Изјавата е од 13:17 – 14:45 минута)

Политичарите на Балканот, од Зоран Заев во Македонија, преку Еди Рама во Албанија, преку Хашим Тачи на Косово, преку Мило Ѓукановиќ во Црна Гора, преку Бакир Изетбеговиќ во БиХ, преку Александар Вучиќ во Србија и Пленковиќ во Хрватска, се договориле со Сорос, да се насели, и сега сите, и Србите да го прашаат Вучиќ, а и граѓаните на овие спомнати држави и територија, бидејќи Косово не е држава, да ги прашаат своите лидери. Значи договориле прием на 5 до 8 милиони мигранти на оваа територија, бивша Југославија, без Словенија и плус Албанија и за тоа добиле меѓу 100 и 160 милијарди евра. 20.000 ќе се плаќа по мигрант. И они земале најголем дел за себе и ако се сеќавате сега они сите спомнуваат некакви инвестиции. Вучиќ има некоја национална инвестиција и план во наредниот период ако победи на изборите. Заев штом дојде на власт рече 10 милијарди евра ќе влезат во Македонија инвестиции. Една мала Македонија која е помала од Белград, 1.800.000 жители. Кој ќе и даде 10 милијарди и зошто? Заборави да каже дека уште 1 милион луѓе ќе дојдат да живеат тука. Тоа не им го кажа на Македонците. Значи они ги продале практично и својот народ и своите држави, вели Ного во емисијата „Хоризонт догађаја“.

Тврдењето на поранешниот српски пратеник, нема никаква врска со реалноста. Ваквото обвинување тој не го поткрепува со никакви факти и нема никаков доказ за тоа дека споменатите политичари, меѓу кои и Зоран Заев, наводно, земале толкави суми на пари за да ги населат своите држави со мигранти. Така што, во неговите обвинувања „истерсени од ракав“ се препознава намера за замајување и манипулирање на јавноста.

Македонија досега не дозволила населување на мигранти на нејзина територија, а уште помалку тоа го сторил Заев. Откако кризата со мигрантите минатиот месец повторно се актуелизира, на 07.03.2020, техничкиот премиер Оливер Спасовски нагласи дека е „прогласена кризна состојба и зголемени се силите и на Армијата и на полицијата на јужната граница и дека државата нема да дозволи влез на мигранти, бидејќи тоа е политика и на сите држави во целиот овој регион“.

Според Спасовски, државата има политика во којашто мигрантите само транзитираат низ нашата територија.

Знаете кој е ставот и политиката на Владата во однос на мигрантите, ние сме транзитна земја, имаме два транзитни центра, Винојуг и Табановце, и ако дојде до какво било отворање на рутата односно зголемување на бегалци низ Република Северна Македонија може само да транзитираат или да се донесе времен престој до 72 часа. Неколку пати сум истакнал дека прашањето во однос на миграцијата не е прашање што може да го реши една држава, туку треба да се изгради заемна политика, заради тоа што, пред се, ние се справуваме со последици, а не го решаваме проблемот, тој се решава таму кај што е неговиот извор. Сите заедно како држави од регионот се справуваме со последиците. Но, како и да е, сега засега, нема очекувања дека можеме да дојдеме во ситуација на зголемен мигрантски бран, изјави неодамна Спасовски.

Инаку, изјавата на Ного, дека Заев зел 10 милијарди евра за да насели 1 милион мигранти во Македонија, потсетува на ксенофобичната манипулација на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Трајчо Димков кој „ексклузивно“ виде милион Африканци во Македонија!

Сакам да споделам една информација, да ви кажам ексклузивно дека СДСМ сака да донесе еден милион Африканци во Македонија… Македонија тогаш ќе се вика Македонија Етиопија. Тоа е договорено до 2030 година да се направи. Сакам да ја предупредам македонската јавност и за ова да остане трага, изјави Димков минатиот месец од собраниската говорница.

Изјавата на Димков, „Вистиномер“ ја оцени како дезинформација, проѕирна невистина на која се изнасмеаја пратениците во собраниската сала, а наиде и на потсмев во јавноста и на социјалните мрежи.

Срѓан Ного е познат по неговите обвинувања, првенствено кон српската влада, дека договара во Србија да се населат мигранти и дека тамошните политичари за тоа земале пари. Тој дури во една прилика и упатил јавни закани за смрт кон премиерката Ана Брнабиќ и претседателот Александар Вучиќ, бидејќи, според неговите сознанија, Брнабиќ веќе го потпишала Даблинскиот договор со ЕУ за мигрантите. Доколку е тоа вистина, посочил Ного, тогаш: „таа треба да биде обесена во истиот момент на плоштадот Теразије, а покрај неа да виси и Александар Вучиќ“.

По ваквата негова изјава, Ного беше исклучен од Претседателството на движењето Двери, а подоцна, на 19.02.2019 г, тој беше целосно исклучен од Движењето.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција