Како српските уметници се борат против злоупотребата на нивните дела од страна на машините
Замислете со месеци да компонирате музичко дело, да сликате на платно или да пишувате роман, за на крајот да дознаете дека систем со вештачка интелигенција (ВИ) бил обучуван врз основа на вашето дело без ваше знаење и согласност и без да добиете ниту денар надомест, притоа, не знаете дали имате некакви права, кому да му се обратите или како да го заштитите делото. За илјадници независни уметници низ Србија и поширокиот регион, ова не е хипотетичко сценарио. Ова е секојдневна реалност. А повеќето од нив досега немало каде да се обратат
Иницијатива од Белград гради дигитален штит за независната креативна заедница
Мапирањето на заедницата ги открива мртвите агли во инфраструктурата
Замислете со месеци да компонирате музичко дело, да сликате на платно или да пишувате роман, за на крајот да дознаете дека систем со вештачка интелигенција (ВИ) бил обучуван врз основа на вашето дело без ваше знаење и согласност и без да добиете ниту денар надомест, притоа, не знаете дали имате некакви права, кому да му се обратите или како да го заштитите делото. За илјадници независни уметници низ Србија и поширокиот регион, ова не е хипотетичко сценарио. Ова е секојдневна реалност. А повеќето од нив досега немало каде да се обратат.
Токму тоа е проблемот што проектот AIRS, „AI Rights Shield for Independent Artists and Cultural Scene“ (Штит за правата поврзани со ВИ за независни уметници и културната сцена), има намера да го реши.
Сцена под опсада
Независната културна сцена во Србија е жива и исклучително креативна. Музичарите, визуелните уметници, писателите, илустраторите и дизајнерите создаваат дела што влијаат врз тоа како заедниците се изразуваат, како се формираат идентитетите и како се зачувува колективното сеќавање. Меѓутоа, мнозинството од овие творци работат надвор од институционалните мрежи за поддршка. Тие се хонорарци, работат во студија со еден човек или се дел од колективи што функционираат благодарение на страст и нестабилни приходи.
Кога генеративната ВИ почна масовно да се користи, со себе донесе бран на злоупотреба за кој овие уметници, поради начинот на кој се поставени системите, не беа подготвени да се соочат. Компаниите за ВИ собираат креативни дела од интернет за да ги користат за обучување на своите системи, често без наведување на авторот, лиценцирање или надомест. Националните закони за авторски права, донесени во време пред ВИ, не нудат доволна јасност или заштита. Повеќето уметници едноставно не знаат какви права имаат или што можат да направат кога тие права се прекршени.
Јазот не беше само технички. Стануваше збор за јаз во знаењето, алатките и моќта.
Градење на штитот
KreativaLab, граѓанска организација од Белград посветена на иновациите на пресекот меѓу дигиталните технологии, културата и креативните индустрии, одлучи да преземе нешто. Во 2026 година, тие го започнаа проектот AIRS како структуриран и партиципативен одговор на кризата. Одговорот не е жалба, туку пакет алатки за зајакнување на независната културна сцена.
Проектот се темели врз три меѓусебно поврзани столба.
Првиот столб е писменоста. Пред уметниците да можат да ги заштитат своите права, тие треба да разберат кои се тие права и од каде доаѓаат заканите. AIRS започна отворено истражување за проценка на ризиците, насочено кон независната културна сцена во Србија, со кое се мапира како творците ги доживуваат заканите поврзани со ВИ, што знаат за своите правни можности и каде се најголеми празнините во информираноста. Потоа во Белград следеше практичен настан во форма на работилница, осмислен не како предавање, туку како простор за заедничко градење капацитети, каде што уметниците учеа едни од други исто колку и од фасилитаторите.
Вториот столб е самата веб-апликација AIRS: бесплатна, двојазична (на српски и англиски јазик) дигитална алатка која комбинира правен водич за ВИ, алатки за самопроценка со реални сценарија на ризик и шаблон за документ за јавни политики што поединци и организации од граѓанското општество можат да го приспособат и користат. Апликацијата ќе биде направена така што ќе биде достапна и за лица без правно образование: за визуелен уметник кој сака да знае дали неговото портфолио е изложено на ризик или за музичар кој се обидува да разбере што значи „фер употреба“ во ерата на ВИ. Ќе биде практична и достапна бесплатно, без жаргон од областа на правото.
Третиот столб е застапувањето. Кампањата @AI-RS, која се спроведува под слоганот „Твоето дело, твое право!“, не е насочена само кон уметниците, туку и кон креаторите на политики, културните институции и медиумите. Нејзината цел е несоодветното постапување со авторските права во контекст на ВИ да стане видливо и директно да ги засега луѓето. Апстрактната дебата за јавните политики да се претвори во нешто што се доживува како итно и човечко. Кампањата е осмислена дигитално да допре до повеќе од 15.000 луѓе, давајќи им простор на гласовите на независните творци од Србија во националните и регионалните дебати за управувањето со ВИ.
Поглед кон иднината
Резултатите кон кои се стреми AIRS се и непосредни и долгорочни. Кога KreativaLab го започна истражувањето во мај 2026 година, одговорите јасно покажаа едно: уметниците сакаа да разговараат за ова. Тие во голема мера молчеа за стравот од искористување на нивните дела од страна на ВИ, без зборови со кои би можеле да го опишат проблемот, без простор за разговор и без чувство дека некој ги слуша. Истражувањето му обезбеди на AIRS реални податоци, засновани врз личните искуства на уметниците, кои можат директно да им послужат на креаторите на политики, на јазик што тие го разбираат.
Во блиска иднина, веб-апликацијата ќе биде достапна и бесплатна за користење, група уметници ќе стекне практични вештини за застапување, а кампањата @AI-RS ќе го отвори ова прашање во јавноста.
Зад проектот стои и една поширока амбиција. KreativaLab го гради AIRS како модел што може да се примени и на други места, осмислен така што би можеле да го преземат други организации низ Западен Балкан и пошироко. Изворниот код ќе биде објавен како отворен код на GitHub. Целта не е проблемот да се реши само во Србија, туку да се покаже дека мала граѓанска организација со ограничени ресурси може да создаде нешто што може да се пренесе и на други средини.
Што научивме од ова
Работејќи на AIRS, повторно се потсетивме дека дигиталните права не се прашање од тесен интерес. Тие се културно прашање и прашање на трудот. Во суштина, тие го отвараат прашањето: Кој има корист од креативноста, луѓето што создаваат или системите што ги користат нивните дела? Она со што се соочуваат независните уметници во Србија, го доживуваат и уметниците насекаде. Правните рамки се различни, злоупотребата е иста.
Долго време, дискусиите за управувањето со ВИ се одвиваа без луѓето што се најмногу засегнати. Креаторите на политики преговараат, технолошките компании лобираат, академиците теоретизираат, додека музичарот кој десет години создавал каталог гледа како тој исчезнува во база на податоци за обучување.
AIRS е обид тоа да се промени. Обид да им ги стави алатките во раце на луѓето на кои им се потребни. Невидливото да го направи видливо. Да го потсети светот и самите уметници дека нивните дела имаат вредност, дека нивните права се реални и дека нивните гласови треба да бидат дел од оваа дебата.
Овој напис првично беше објавен на веб-страницата DDI Spark (https://ddidigitalspark.org/), создадена во рамките на проектот Регионален механизам за поддршка, што го спроведуваат Фондација Метаморфозис и тимот на Програмата за дигитален активизам на TechSoup, во партнерство со CIVICUS и во рамките на Иницијативата за дигитална демократија (DDI), која го опфаќа Глобалниот Југ. Програмата DDI е кофинансирана од Министерството за надворешни работи на Данска, Европската комисија и Норвешката агенција за развојна соработка.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар